Прва жртва во безредијата во Велика Британија
9 август 2011Во тешките безредија во британскиот главен град Лондон падна и првата човечка жртва. Полицијата соопшти дека 26- годишен маж им подлегнал на тешките повреди стекнати во измината ноќ откако бил застрелан во оружена престрелка во квартот Кројдон. Тој бил пронајден во неговиот автомобил и префрлен во болница.
По третата ноќ со тешки безредија во Лондон и други британски градови, премиерот Дејвид Камерон за в четврток закажа кризна седница на парламентот. Покрај тоа, тој по расправата во Националниот совет за безбедност најави и зголемување на бројот на полицајци во Лондон од 10 на 16 илјади. Камерон најави и остри казни за повеќе од 450 уапсени насилници. Неколку часови претходно групи младинци во вкупно осум населби во Лондон повторно запалија неколку објекти и бројни автомобили. Во вооружена престрелка во квартот Кројдон тешко е повредено едно лице.
Британските весници пишуваат за „Битката за Лондон“. Безредија меѓутоа имало и во градовите Ливерпул, Бирмингем и Бристол. Повод за нередите е досега неразјаснетото убиство на еден човек кој по полициската акција во лондонската населба Тотенхем бил смртно застрелан.
Автор: СН/ЖА/дв/дпа
Редактор: Жана Ацеска