1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прв судски процес во Гвантанамо во ерата на Обама

9 ноември 2011

Во американската воена база Гвантанамо почнува првиот процес за тероризам во време на администрацијата на американскиот претседател, Барак Обама, кој всушност вети затворање на озлогласениот затвор.

https://p.dw.com/p/137Uj
Барак Обама вети затворање на Гвантанамо, но Конгресот не дозволи пренесување на обвинетите за тероризам во САдФотографија: AP

Абд ал-Рахим ал-Насири се соочува со смртна казна поради обвинувањата за планирање на нападот на американскиот воен брод „УСС Кол“ во октомври 2000-та година. Продолжувањето на работата на воениот трибунал е сигурен знак дека логорот „Гвантанамо“ ќе остане отворен на неопределено време.

Abd al-Rahim al-Nashiri
Абд ал-Рахим ал-Насири се соочува со смртна казнаФотографија: AP

Почетокот на процесот е двоен пораз за американскиот претседател, кој сакаше затворот во Куба да го стави под клуч минатата година. Но, политиката се замеша и Конгресот не и‘ дозволи на Белата куќа да ги донесе обвинетите терористи од Гвантанамо на американска почва и да ги изведе пред американските судови. Така, Обама мораше да се согласи во март со продолжување на воените процеси. Процесот против Саудиецот Абд ал-Рахим ал-Насири е прв воен процес во Гвантанамо за време на претседателскиот мандат на Обама, но и прв процес во кој обвинетиот се соочува со смртна казна.

Дали судот ќе донесе смртна пресуда?

Американските медиуми се интересираат како воениот суд ќе се справи со ваков случај, бидејќи американските воени судови по Втората светска војна немаат изречено смртна казна. Поранешниот саудиски милионер во очите на американските обвинители и разузнавачки агенции е човекот кој по наредба на Бин Ладен и Ал Каеда го планирал атентатот врз американскиот воен брод во јеменскиот град Аден. Американската администрација го смета ал-Насири за еден од поранешните топ терористи на мрежата на Ал Каеда. Тој 15 години работел со Бин Ладен и ги испланирал нападите на „УСС д Саливанс“ во јануари 2000-та и на „УСС Кол“ на 12-ти октомври истата година, при што загинаа 17 лица. На негова сметка одат и обвинувањата за нападот на францускиот танкер „Лимбург“ две години подоцна во заливот на Аден, кога членовите на екипажот беа убиени и во морето истекоа 90.000 барели нафта.

USA Libanon Kriegsschiff USS Cole
Ал-Насири е обвинет за нападот на бродот „УСС Кол“Фотографија: AP

Признанија изнудени под присила

Како и да е, неговите признанија на обвинувањата се безвредни, бидејќи се дадени под присила на американската разузнавачка агенција ЦИА, велат адвокатите на ал-Насири. Марк Хосенбол, експерт во ЦИА, го потврди ова за америкианскиот реномиран магазин Њусвик.

„Насири при испрашувањето добивал закани дека неговите роднини ќе бидат злоставувани и силувани“, изјави Хосенбол.

Taliban Gefangene in Guantanamo
Затворениците во Гвантанамо на одржување казна без судски процесФотографија: AP

Девет години американските разузнавачи го држеле притворен и облечен само со качулка во таен затвор во Полска и го тероризирале со лажни егзекуции. Тие симулирале неколку пати пукање во него и до увото му држеле вклучена бормашина. Јасно е дека Насири бил повеќепати измачуван со методот на симулирано давење. Видео материјалите од измачувањето на разузнавачите ЦИА без одложување ги уништи пред шест години.

И со непосредната подготовка на процесот се прекршени основните уставни принципи, забележува Стефан Рејес, офицер во американската морнарица и бранител на ал-Насири. Комуникацијата со неговиот клиент не само што била надгледувана, туку и била цензурирана. Дека специјалниот затворенички логор е ништо друго туку зона без закони истакна и поранешниот главен обвинител Морис Дејвис на десетгодишнината од Гвантанамо. Тој пред четири години се повлече од својата позиција во Гвантанамо.

Автор: Ралф Сина/ Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски