1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прашањето на идентитетот на секоја членка е суштинско за натамошната еволуција на ЕУ

7 ноември 2011

Македонскиот ПЕН-центар добива поддршка, откако најостро ги отфрли и осуди, како што ги оквалификува, „негирањата, притисоците, уцените и нападите врз јазичниот, националниот и културниот идентитет на македонскиот народ“

https://p.dw.com/p/1368n

„Околу постоењето на македонскиот јазик и идентитет се создава проблем, кој не постои во интелектуална Европа, како и во науката и во културата воопшто. Видно е разногласието меѓу европските интелектуалци и политичка Европа во врска со неспорноста и конечноста на фактот за постоењето на македонскиот идентитет“, категоричен е Иван Џепаровски, универзитетски професор по културологија од Филозофскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје и секретар на Македонскиот ПЕН-центар, нагласувајќи:

„Проблемот е во Европа на политичарите. Во науката нема никакви дилеми дека постои македонскиот јазик и идентитет, барем кај најголемиот број научници. Еве, на пример, пред неколку дена имав контакт со професорот по социологија на културата Касано од Бари, Италија. Ја промовирав неговата книга за културата, за Медитеранот. Потоа, во меѓусебните разговори без никакви проблеми тој зборуваше за Македонија, за нашата литература и култура. Неговата книга во превод излезе и на македонски јазик. Ете, и од тие разговори се гледа дека проблемот не е кај научниците, туку во политиката. Онаму каде што се решаваат прашањата, таму е очигледно дека функционираат принципите на моќта и понекогаш таа се покажува како посилна и од науката и вистината.“

„Писателите, поетите и интелектуалците од Европа и светот збунети поради високиот политички тон на Европа кон Македонија“

Бранко Цветковски, еден од најнаградуваните македонски поети, добитник и на високата награда „Европски орден за заслуги во уметноста и културата“, што му го додели Советот за општествени награди на Организацијата на Обединетите Нации во Женева, во декември 2009 година, се надоврзува:

„Повеќето балкански и други странски писатели и поети, чии дела се преведени на македонски јазик, едноставно се збунети од ваквиот висок политички тон на соопштенијата од Европа. Пред некој ден ми се јави Максим Замчев од Москва, кој е исто така збунет од таквиот однос на ЕУ и ни‘ дава поддршка да истраеме. Тој беше учесник на ’Струшките вечери на поезијата’. Мејлови со поддршка за Македонија имам добиено во изминативе денови и од други наши пријатели - интелектуалци од странство.“

Branko Cvetkovski
Бранко Цветковски: Повеќето балкански и други странски писатели и поети, чии дела се преведени на македонски јазик, едноставно се збунети од ваквиот висок политички тон на соопштенијата од ЕвропаФотографија: Petr Stojanovski

Ристо Лазаров, поет и претседател на Македонскиот ПЕН-центар, посочува:

„Со својата јавна реакција ја потсетивме Европската комисија, но и пошироката културна јавност во светот, дека Меѓународниот ПЕН-центар уште во 1992 година, на својот конгрес во Рио де Жанеиро, донесе посебна резолуција, во која децидно се вели дека ’Меѓународниот ПЕН-центар го признава постоењето и високите достигнувања на македонската литература и култура воопшто“. Во комуникацијата на светот со нашиот ПЕН-центар, со нас како негови членови, повеќе од 20 години никој нормален не сака да разговара за тоа прашање, македонскиот идентитет, јазик и литература се апсолвирана, завршена работа.“

Професорот Џепаровски укажува:

„Писмо со нашата реакција во врска со односот на Европската комисија кон македонскиот идентитет испративме и до дирекцијата на Меѓународниот ПЕН-центар. Оттаму нема што да се очекува како одговор, бидејќи нашите ставови не се проблематични за тој светски ПЕН-центар.“

Лазаров додава:

„Сите светски величини, членови на Меѓународниот ПЕН-центар навреме расчистиле со ова прашање. Една голема плејада светски авторитети, почнувајќи од Хајнрих Бел, Ханс Магнус Енцесбергер, Гинтер Грас, Андреј Вознесенски до многу други угледни членови на тој ПЕН – центар, се изјасниле во врска со тоа прашање на тој начин што нивните книги се преведувани на македонски јазик, на тој начин што учествувале на сите наши книжевни манифестации, на начинот како што гласале на споменатиот конгрес во 1992 година, но и на Бледската конференција на тој центар, минатата година, со силната поддршка за македонскиот ПЕН-центар.“

„Дисонанца меѓу европските интелектуалци и европската политичка елита“

Цветковски е дециден:

„Дисонанцата што се јавува меѓу европските интелектуалци и европската политичка елита е очигледна. Некои проблеми од чисто политичка природа веројатно ги тераат европските политичари на некои одлуки, кои што се беспредметни и неприфатливи за европските, балканските и посебно за интелектуалците од нашиов регион, кои многу добро знаат, не со години и децении, туку со векови – дека македонскиот идентитет е неспорен идентитет. Дека е тоа факт на културната мапа на Европа, кој што е завршен и кој што има свој висок и јасен ’образ’, јасен лик. Се коментира дека тоа не е веќе прашање за интелектуалците, туку за некои веројатно политички провиниенции, кои на тоа печалат некакви политички поени. Тоа е главниот дискурс и главните акценти на сите наши пријатели во овој контекст.“

Еден од највидните претставници на албанската интелигенција, академикот и писател Луан Старова, критички забележува:

Luan Starova
Луан Старова: Односот кон Македонија, кон македонскиот идентитет и јазик, јас го сметам како едно од суштинските прашања на натамошниот развој на ЕУФотографија: Sveto Toevski

„Во врска со неспоменувањето на придавката ’македонски’ и воопшто на македонскиот идентитет од страна на Европската комисија, што е направено уште во 2009 година и кое се повторува и сега, се прави голем преседан. Овој преседан е во противречност со основните поставки на Европската Унија и вопшто на ’Декларацијата за правата на човекот’ – да се почитува јазикот и идентитетот на секој народ. Прашањето на идентитетот, не само на Македонија во овој случај, туку и на секоја членка на Европската Унија, претставува суштинско прашање за натамошната еволуција на таа Унија. Затоа, овој однос кон Македонија, кон македонскиот идентитет и јазик, јас го сметам како едно од суштинските прашања на натамошниот развој на ЕУ. Реакцијата на македонските интелектуалци и писатели е мошне логична и неподелена, бидејќи јазикот е главниот инструмент на секој писател, низ кои тој ги изразува чувствата на својот народ. Не се работи за инцидентна ситуација, туку станува збор за една ситуација со поширока и покомплетна генеза. Затоа челниците на Европската комисија, на Европскиот парламент и на другите европски институции, треба да го разгледаат овој случај, не само на македонскиот контекст, туку и во еден поширок контекст.“

Бранко Цветковски нагласува:

„Од културолошки, од писателски и од творечки аспект знам дека секое подавање и зближување на рацете е она што ја гради иднината на Европа. Европа знае многу добро дека овде е центарот на една голема словенска цивилизација, сето тоа е многу добро познато. Во таа смисла, мислам дека е ова прашање на преминот на сознанијата на вистинската Европа, кои таа треба да ги има за вистинскиот Балкан. Мислам дека оваа ситуација околу Македонија ќе биде надмината, бидејќи пречките кои ги има македонската држава сега се од се‘ уште недоразјаснетите фусноти на мапата на европската политичка елита. Но, јас сметам дека до таквото разјаснување ќе дојде наскоро.“

На наредната страница:

Македонскиот идентитет - фуснота на мапата на европската политичка елита, која наскоро ќе се разјасни“

Како дипломат - поранешен македонски амбасадор во Франција и човек со широки и постојани контакти со европската и светската култура, Старова заклучува:

Symbolbild Europa
Еден од условите врз кои ќе почива иднината на ЕУ е да ја почитува хармонијата на различни гласови, на различни јазици, хармонија на различни сензибилитети, вели СтароваФотографија: Fotolia

„Ова е фундаментално прашање во самата поставеност на Европската Унија. Таа не е само економска заедница, таа не ги брани само економските односи, туку таа мора да ги хармонизира идентитетите, а Европа опстанува низ различностите. Затоа, односот кон македонскиот јазик, кон албанскиот и другите балкански јазици воопшто, е однос кој што ја засега самата идеја, самата суштина на европското здружување. Затоа овие реакции во Македонија, иако се можеби и задоцнети, имаат свое оправдување. Тие реакции имаа оправдување и порано, а ќе го имаат и во иднина, се‘ додека не се корегира овој однос на ЕУ кон Македонија. Тоа е еден од условите врз кои ќе почива самата иднина на Европската Унија - да ја почитува токму таа хармонија на различни гласови, на различни јазици, хармонија на различни сензибилитети, на разлики кои помируваат, на една толерантност. Поинаква Европа не би можела да постои.“

Од Македонскиот ПЕН-центар истакнуваат дека тие продолжуваат во континуитет со одбраната на македонската самобитност како дел од севкупната културна разноличност во Европа и во светот.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска