1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Навистина ли ни е толку добро?

Ролф Венкел/превод:БГ1 мај 2016

Германските синдикати по повод Меѓународниот празник на трудот побараа повеќе солидарност меѓу генерациите, домашното население и бегалците. Тоа треба сериозно да се сфати, смета Ролф Венкел.

https://p.dw.com/p/1Ig3c
Фотографија: picture-alliance/dpa

Денеска оваа традиција полни 126 години. Традиција која е раширена во многу земји: првиот ден во мај им припаѓа на работниците и на сите оние кои живеат од својот труд. На 14 јули 1889 година на Конгресот на Втората Интернационала во Париз е договорено еден ден во годината, работниците да излезат на улици и да побараат осумчасовно работно време. Бидејќи американскиот работнички совет веќе донесе одлука тој собир да се одржи на 1 мај 1890 година, остана и датумот.

Оттогаш 1. мај е ден на работничкото движење кој сепак брзо ја загуби својата „чистота“: во Германија токму националсоцијалистите 1. мај го прогласија за законски празник и го искористија за масовни митинзи и пропаганда во своја корист, додека синдикалците завршуваа во затвори и концентрациони логори. Истото важи и за земјите од источниот блок кои го користеа празникот за паради со воено маршеви, тенкови и ракети, а синдикатите им станаа партиски или државен додаток.

Wenkel Rolf Kommentarbild App
Ролф Венкел

Време за повеќе солидарност

А денес? Германскиот сојуз на синдикатите по повод 1. мај издаде соопштение под слоганот „Време е за повеќе солидарност“. Мото кое му одговара на времето. Германија се наоѓа пред големи предизвици: стотици илјади луѓе побегнаа во Европа од војни и терор. Мнозинството сакаат во Германија. Но, тука често наидуваат на омраза и нетрпеливост кон странците. Германските синдикати сакаат да се борат против тоа. Тие повикуваат да се излезе на улица и да се демонстрира за интеграција на бегалците во општеството и на пазарот на трудот како и за слободно, отворено, солидарно и демократско општество.
Но, ваквите барања ги застапуваат само малцинството од членовите. Во синдикатите, како и во црквите и во спортските здруженија: членовите си заминуваат, недостасува подмладок, а жените се недоволно застапени. Во 1990 година, Германскиот сојуз на синдикати броеше 11 милиони членови, а денес тој број изнесува 6 милиони.

„Време е за повеќе солидарност“ е адекватен слоган за 1. мај. Синдикатите сакаат да застанат пред предизвикот на бегалската политика, бараат ширум земјата да се нудат курсеви по германски јазик и интеграција, образование и до-образование, како и поддршка за општините кои се борат за интеграција. Синдикатите му даваат големо значење на спречувањето на злоупотребата на бегалската политика заради партиско-политички препукувања. Само останува надежта дека ангажманот на синдикатот ќе биде сфатен сериозно и дека ќе биде ценет повеќе отколку досега. Тие секако тоа го заслужија.