1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна увидот во Избирачкиот список

ЖА/миа16 февруари 2014

Јавниот увид во Избирачкиот список за априлскиот избор на претседател на Македонија ќе трае дваесет дена. Денеска започнува и собирањето потписи за кандидат за претседател од група избирачи кое ќе трае до 2 март.

https://p.dw.com/p/1B9yn
Фотографија: MIA

Еден милион 787 илјади и 350 граѓани се запишани во Избирачкиот список, a од нив 68 илјади и 704 лица се водат како иселени.

Во периодот до 7. март граѓаните во подрачните единици и канцелариите на Државната изборна комисија (ДИК) или преку веб-страната на Комисијата ќе можат да проверат дали ги има во Избирачкиот список.

Првпат оваа година и дијаспората ќе гласа за претседател на државата. Според Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на изборите за претседател на Република Македонија, денеска треба да започне и јавниот увид во посебните изводи на Избирачкиот список во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија за лицата на привремена работа или престој во странство.

До 7. март државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП-та или до ДИК да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците од посебните изводи од Избирачкиот список. На 1. февруари, пак, започна да тече и рокот во кој граѓаните од дијаспората можат да поднесат пријава за гласање за претседателските избори.

Избирачкиот список е доставен до ДИК од страна на Државниот завод за статистика на 2. февруари оваа година и е резултат на прво законско редовно ажурирање на податоците добиени од страна на Министерство за внатрешни работи во февруари 2014. година и содржи податоци за граѓаните со состојба заклучно со 1. февруари оваа година.

Денеска започнува и собирањето потписи за кандидат за претседател од група избирачи кое ќе трае до 2. март. Претседателот на ДИК Никола Рилкоски минатата недела најави зголемување на бројот на местата каде што независните кандидати ќе може да ги собираат потписите од 34 на 80-тина.