1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потстегнување на ременот

Филип Славковиќ30 октомври 2008

Државите од источна Европа се’ повеќе се погодени од финансиската криза. Меѓународниот монетарен фонд на Украина веќе и‘ одобри помош од 13 милиони евра. Одобрен е и заем за Унгарија, а на списокот чека и Белорусија.

https://p.dw.com/p/FkDf
Кризата ги засили домашните проблемиФотографија: Bilderbox

Земјите од источна Европа се на голема мака. Во последниве години доживеаја голем развој, но поради финансиската криза сега им се заканува длабока рецесија. Експертот од Виенскиот институт за меѓународна економска споредба, Васил Астров тоа го појаснува преку примерот на политички изолираната Белорусија. „Како и поголемиот број источно-европски земји, и Белорусија позајми пари од странство за да го унапреди стопанскиот раст. Таа забележа многу брз раст, што делумно се должи и на растечката побарувачка на домашниот пазар. Но, таа побарувачка исто така во најголем дел е финансирана преку странски кредити.“

Неговиот колега од институтот, Владимир Глигоров пак дополнува: „Кризата помалку ќе ги погоди државите кои имаат флексибилен курс на валутата или веќе развиен извоз. Извозот е многу важна работа. Тие земји земаа кредити за да ја развијат индустријата и потоа своите производи ги продаваа на Запад. Но, доколку на Западот работите не функционират како што треба, тогаш се создаваат проблеми.“

Верижна реакција

Тоа значи дека доколку се намали побарувачката на производи од Западот, во земјите во развој ќе дојде до пад на извозот и ослабување на валутите. Во таков случај државата мора да преземе одредени мерки за да ја забави инфлацијата. Значи станува збор за верижна реакција, бидејќи со ова се спречува стопанскиот раст. Доколку не се обезбеди стабилност на валутите, рецесијата би можела да биде забрзана, а инфлацијата рапидно да се зголеми, предупредува експертот Глигоров. „Најмногу проблеми ќе имаат државите кои вештачки ги држат своите валути на високо ниво. Ако плус тоа имаат и висок надворешно трговски дефицит, како што е случајот кај поголемиот дел од балканските држави, тогаш ќе мора да ги корегираат курсевите на своите валути за поедноставно да дојдат до нови кредити.“

Vladimir Gligorov
Експертот Владимир ГлигоровФотографија: Institut für Internationale Wirtschaftsvergleiche Wien

Следи болен процес на справување со кризата

Решението за проблемите во земјите од источна и југоисточна Европа, експертите го гледаат во Западот. Финансискиот сектор на Западот мора да зајакне, за да може источноевропските земји да добијат помош од нив. Експертот Астров исто така смета дека земјите ќе ги зафати рецесија која ќе биде краткотрајна, но сепак ќе се случи. Владимир Глигоров од Виенскиот институт пак смета дека земјите од овој регион ќе се соочат и со други проблеми, додуша поголемиот дел од нив се домашни, но само се заострени од кризата. „Најголемиот проблем на земјите како Украина или Србија е во тоа што на нивните најважни извозни производи, како челикот или храната, сега им паѓаат цени. Проблемите на овие земји може дополнително да се зголемат и поради високиот финансиски дефицит. Други земји како Унгарија имаат проблем на фискален план. Неповолно е што поради ова тие мора да ги намалат јавните издатоци во време кога е намалена и приватната потрошувачка.“

Се‘ на се‘ заклучокот гласи - источно-европските земји во следниот период ќе мора да си го потстегнат ременот, а тоа ќе биде болен процес на совладување на последиците од финансиската криза.