1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребен е нов консензус за бегалците

Кристоф Хаселбах/превод:БГ28 август 2015

Потребен е нов европски концепт за бегалците. Примерот за тоа не треба да се зема од актуелната германска ситуација, смета Кристоф Хаселбах

https://p.dw.com/p/1GNB5
Фотографија: Reuters/R. Orlowski

Одвнатре меки, однадвор тврди. Тоа е принципот на Шенген системот. Земјите-членки ги отвораат своите внатрешни граници, но само затоа што се потпираат на контролите на надворешните граници на ЕУ. Но системот веќе не функционира. Секојдневно, илјадници бегалци од Италија ја преминуваат границата кон Австрија, а потоа и кон Германија. На балканската рута, бегалците трипати ги минуваат ЕУ-границите. Откако ќе пристигнат во Грција, тие се испраќаат во Македонија која не е членка на ЕУ, и покрај острите протести. Македонија ги испраќа бегалците кон Србија. Оттаму, одат во Унгарија, што значи повторно во ЕУ и на Шенген-територија.
И покрај тоа што е само транзитна земја, на Унгарија и‘ е доста, па почна да гради ограда. Тоа вознемирува многу луѓе во Европа. Оградата не само што и‘ овозможува на Унгарија да се заштити себеси, туку и надворешните граници на ЕУ, како што и се очекува од нив.

Германија е уникатен случај

Договорот од Даблин, кој наведува дека првата земја во која ќе стапнат бегалците е одговорна за нивното барање за азил, одамна се претвори во фарса. Италија и Грција, кои се најфреквентни први точки на пристигнување, го игнорираат Даблин, додека државите кои се цел на бегалците се закануваат дека повторно ќе воведат контроли на нивните граници. Шенген, едно од најголемите достигнувања на ЕУ, е во опасност.
Со оглед на обемот на кризата не е доволно да се говори само за фер редистрибуција на бегалците. Доколку тоа не е дел од сеопфатна стратегија, нема да се случи. Многу земји отворено го одбија системот на квоти. Од друга страна, актуелното доброволно прифаќање на бегалци не може да продолжи, затоа што во еден момент, дури и членките за пример како Германија и Шведска, ќе го достигнат својот лимит.

Hasselbach Christoph Kommentarbild App
Кристоф Хаселбах

Германија се однесува на извонреден начин во моментов, прифаќајќи го секој бегалец кој доаѓа. Политичарите предлагаат начини за нивна интеграција и без да ги прашаат дали сакаат да поднесат барање за азил. Тоа е секако уникатно.

Засилена контрола

Комесарот на ОН за бегалци, Антонио Гутереш ги повикува Европејците со години да прифатат повеќе бегалци од Сирија и Ирак. Но тој исто така ја знае разликата меѓу воени бегалци и економски мигранти. Доколку и тој е меѓу оние кои се залагаат за формирање на ЕУ- регистрациски центри на надворешните граници, тоа кажува нешто.

Службениците во овие регистрациски центри немаат да имаат задача само да ги регистрираат новите бегалци, туку ќе го проверуваат и нивното потекло. Оние кои доаѓаат од економски причини нема да бидат пропуштани во ЕУ. Гутереш добро разбира што е во игра и на политички и на социјален план во Европа, доколку продолжи актуелната миграција.

Центрите за регистрација треба да имаат заеднички стандарди. Тие ќе го намалат товарот врз земјите во кои бегалците за првпат влегуваат. Но, тие ќе го намалат товарот и врз земји како Германија, каде одредени општини сега мораат да ја плаќаат цената за неефикасноста на повисоко ниво.
Системот ќе функционира само доколку луѓето ја прифатат и непријатната страна. Сите пристигнувања без валидна причина за азил ќе мораат да бидат одбиени, а истото треба да важи и за оние луѓе кои одбиваат да се регистрираат без разлика од каде влегуваат. Само тогаш ќе има поголемо прифаќање на фер дистрибуцијата на овие луѓе на кои навистина им треба заштита. Тоа ќе значи дека Германија ќе може да игра според истите правила како и сите други земји-членки, и крајно време е тоа да почне да се случува.