1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Послушајте Македонци!

6 април 2017

Дебатата за лојалноста на Албанците кон Македонија е депласирана, сѐ додека не се отвори дебата за квалитетот на лојалноста на самопрогласените лојалисти од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и тамошните кланови. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/2amdx
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Со малку добра волја и малку напор, од Албанците може да се создадат добри граѓани на Југославија. Но не постои доволно силен напор со кој од нив можете да направите Срби”. Така во средината на 80тите години на минатиот век зборуваше Коча Поповиќ, осврнувајќи се кон кампањата на официјален Белград кон Албанците и нивното барање за рамноправност преку признавање на статусот на Косово како седма република во рамките на СФРЈ. Сред сета халабука во која кое било барање од Албанците беше прикажувано низ призма на „сепаратизам и иредентизам“, немаше кој во предупредувањето на Поповиќ, но и барањата на Албанците, да ја препознае политичката  и надетничка компонента, скроена според тогашното федерално устројство и систем.

Гледано од дистанца и денешните искуства со демократијата, тоа устројство и систем упатува на промисла дека мултипартискиот систем на овие простори постоел уште пред синхронизираниот колапс на комунизмот и самата држава. Со таа разлика што самите републики, како конститутивни членки на федерацијата, ја имаа улогата на (пред-мултипартиско) политичко претставништво на сојузно ниво и статус на неприкосновени владеачки фактори во републиките со кои владееја. Забелешката на Поповиќ е вредна за паметење токму поради деликатната дипломатска суб-нота во која ја дефинира не само позицијата на Албанците или Косово кон федерацијата како фактор признат од нивна страна, туку и апсурдноста на (тогашната српска политичка) мисла со која се негира правото на претставништво на Албанците и последиците кои неминивно ќе уследат. И уследија. Останатото е историја оптоварена од непознаницата дали можеби развојот на ситуацијата би бил поинаков доколку Косово на време добиеше статус на република и полна рамноправност со останатите сојузни единки? Со оглед на поведението на тогашните признати републики и нивната лојалност кон федералното устројство, може да се заклучи дека Косово беше само повод, но не и причина за делбите.

Предупредувачки, но сѐ уште не и злокобно, зборовите на Поповиќ добиваат свој одзив во денешните македонски динамики на меѓупретставнички односи низ сите нивни испреплетени етнички, партиски и клановски фракции. Сред таа хаотичност и какофонија, доминираат две дефинирачки компоненти кои со својата постојаност и непроменливост ја определуваат сегашноста и иднината – претставничкиот прерогатив и кохезионата матрица. Очекувано, Албанците се првите кои интуитивно ја препознаваат суштината на проблемот поради корумпираното етничко претставителство и недостаток на вистинска надетничка кохезиона матрица. 

Албанците се лојални кон државата, но не и кон ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ

Конструктивната помирливост според доминантната матрица на соживотот налага денешната констатација за односот кон Албанците виз-а-ви Македонија да се илустрира преку репликација на зборовите на Поповиќ дека „со малку добра волја и малку повеќе напор, Албанците можат да бидат лојални граѓани на државата Македонија”. Но во реалноста, тие тоа веќе и се, доброволно и свесно лојални кон земјата и државата Македонија. Па колку и да се сака тоа да се побие или негира, токму од оние кои преку византинизмот на „да не се сетат Власите“ сакаат да ја прикријат сопствената нелојалност и профитерски однос кон државата како „касица прасица“. Албанците сакаат, Албанците можат, Албанците се лојални кон државата. Но, Албанците не се, не сакаат и нема напор со кој ќе бидат принудени да бидат лојални кон ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ како самопрогласени интепретатори на она што е, а што не е лојалност, а притоа самите се водечки носители на де факто и де јуре нелојалност кон државата. И тоа е добрата вест. Бидејќи нелојалноста на Албанците кон партиските постоечки двотактни диктати на определување на таквиот квази-лојализам е (со сите евидентни недостатоци) гаранција дека сѐ уште има надеж за et pluribus unum дефинирање на државата како заедница на слободни индивидуи, наместо сегашната клик-клак играрија во која односот кон државата се диктира зависно од контролабилното политичкото опозиционерство и привилегираното партизирано владеење.

За жал, етничката обоеност на таа приородна опозиција на Албанците кон сегашната концепција на „државата“ според наметнатата дефинија на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го спречува согледувањето на нивната чисто политичка интервенција како коректив на системската фаличност. Толку што дури и доколку Албанците со магичното стапче од „Луѓе во црно” ја забораваат својата етно-лингвистичка генеза, самиот систем повторно и неминовно ќе продуцира нови „Албанци“ како проблематична групировка која ќе ви вреска во уво дека „системот е штелуван накриво“. Дури и да нема Албанци, ќе се најдат некои „Словенци“, или „Хрвати“, „Босанци“ и „Црногорци“. Можеби на крај и „Македонци“ кои ќе сакаат надвор поради поставеноста во односите помеѓу „ов“, „ски“ и „иќ“. И така, сѐ додека некој сака да го импонира сопственото презиме врз сите останати.

Модели на дволичност

Дебатата за лојалноста на Албанците кон Македонија е депласирана, колку што е и безвредна сѐ додека не се отвори дебата за квалитетот на лојалноста на самопрогласените лојалисти од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и тамошните кланови. Настрана етничкото наследство според кое однапред – од рожба! - се констатира дека нивната лојалност е недискутабилна, настрана гракањето со сета сила за „мајка Македонија, една имаме“, поведението на „светите локалисти“, според смртнички параметри, упатува на заклучок дека најчесто станува збор за кревање џева за прикривање на крадливиот им однос кон „државата“. При што, Албанците се секогаш или дежурните виновници за грабежот, или пак некаков плачлив мотив за оправдување на злосторот. Притоа, не станува збор единствено за ликовите на лојалистите од двете партии, туку за критериумите по кои таквите се селектираат, фаворизираат и низ партиите наметнуваат во македонската системска матрица како воспоставен репер за „државништво“. Но доколку погледнете повнимателно, ќе воочите дека прототипот на морално-политичка подобност на македонското политичко претставништво сега се наметнува и во албанскиот политички кампус, буквално копирајќи ги македонските партиски модели на дволичност. Со што доминацијата на исчашена „лојалност кон државата“ се заокружува во сеопшта мимикрија на криминалот и корупцијата.

Очекувањето во такво опкружување да се постигнат реформски зафати и темелни промени е наивност која се дефинира како нормализирана шизофренија.  Искуството со ДУИ и ДПА (по партиско и индивидуално поведение) е конкретна илустрација на тој преземен модел од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. За жал, и поведението на Беса и Села кои нудат „редефинирање“ на државата наместо односот кон неа упатува дека истата болка ги има опфатено и нив. На крај, голем дел од вината паѓа и врз меѓународната заедница, конкретно Џес Бејли, кој инсистирајќи на градење опозициска кохезија околу СДСМ (а не околу државата) според републиканско-демократски модел, не само што ги поткопува вистинските реформи, туку и создава култура на промовирање на албански „чичко Томовци“ во македонската политичка плантажа.

Гракај за патриотство, молчи пред партнерите

Како заклучок, пораката до македонските пријатели е дека барањето кон Албанците за лојалност кон државата е не само нелогично, туку и контрапродуктивно, сѐ додека не подразмислат за расипливиот квалитет на лојалноста на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кон државата. Тоа секако би било целисходно за нив, но и огромен придонес за Албанците кои со неверица следат како двете „државотворни партии“ гракаат за патриотство и соживот, но како избербатени невести молчат пред партнерите на кои им го имаат доделено приматот на „албанско претставништво“. Со сегашниот однос на Македонците кон државата низ етнопартиска призма на личен интерес, Албанците се можеби единствениот постетнички столб на лојалност кон државата како концепт на спас од клановски олигархии. Но ако на Македонците им е фино и убаво сѐ додека нивните криминалци се едно скалило подоминантни од албанските им колеги, тогаш ништо ...

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи