1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Музика

Последниот Божик на Џорџ Мајкл

СН/ дв
26 декември 2016

Светски познатиот британски поп-пејач почина „мирно во својот дом“. 53-годишниот пејач во својата долга кариера продаде околу 100 милиони албуми.

https://p.dw.com/p/2UsPf
George Michael
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Neal

53-годишниот Џорџ Мајкл дома „мирно заспа“, во текот ноќта во неделата кон понеделник, повикувајќи се на портпаролот на покојниот пејач. Британскиот пејач и композитор почина во Геринг на Темза во Оксфордшир. Неговиот портпарол во име на семејството на Мајкл замоли да се почитува нивниот приватен живот „во овие тешки моменти“. И додаде: „Засега нема да има дополнителни коментари“.

Полицијата според сопствените наводи била повикана во куќата на покојниот уметник, која се наоѓа на околу 90 километри од Лондон, вчера попладне. Полицијата поаѓа од непозната причина за смртта, но очигледно не гледа никакви „сомнителни“ околности. Се очекува обдукција на неговото тело. Магазинот „Билборд“ јавува, повикувајќи се на менаџерот на Мајкл, дека причина за раната смрт било „откажување на работата на срцето“. 

Џорџ Мајкл, син на една Британка и грчко-кипарски татко и чие вистинско име е Јоргос Кирјакос Панајоту, својата кариера ја започна со дуетот со училишниот другар Ендрју Риџли. Тие го основаа дуото „Вем!“, кое во 80-тите години од минатиот век продуцираше бројни хитови. Најпознати песни од тие времиња се „Last Christmas" и „Wake Me Up Before You Go-Go".

По распаѓањето на дуото со Риџли, Џорџ Мајкл во 1987. година започна солистичка кариера и веќе со првиот албум „Вера“ забележа голем успех. Во 90-тите години од минатиот век доживеа многу лични судбински удари, во длабока криза го фрлија особено смртта на неговата мајка и на неговиот тогашен партнер, како што и самиот кажа во интервју за германската новинска агенција ДПА. Мајкл имал депресии и почнал да користи дрога. На крајот на 2011. година преживеал и тешко востапаление на белите дробови.

Во својата речиси 40-годишна кариера Џорџ Мајкл продаде околу 100 милиони албуми. Во последно време работеше со продуцентот Ноти Бој на нов албум.

„Прерано не напушти...“

Колегите и пријателите се длабоко погодени од изненадната смрт на Мајкл. Неговиот поранешен партер од „Вем!“ Риџли соопшти дека е „неутешен“.

„2016.- губиток на уште една талентирана душа. Целата наша љубов и нашето сочуство е со семејството на Џорџ Мајкл“, објави на Твитер групата Дјуран Дјуран.

Канадскиот пејач Брајан Адамс на Твитер напиша: „Несфатливо. Таков неверојатен пејач и драг човек, прерано не’ напушти.“

И американската пејачка Мадона е длабоко погодена: „Збогум пријателу мој! Уште еден голем уметник не’ напушти.“

Британскиот пејач Сер Елтон Џон на Инстаграм објави дека загубил сакан пријател и брилијантен уметник.