1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посета со претходна провокација

29 март 2010

Меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган има разлики во ставовите. Главната-полноправен прием во ЕУ за Турција или привилегирано партнерство ќе биде тема при посетата на Меркел.

https://p.dw.com/p/MgbP
Од претходната посета на Меркел на АнкараФотографија: AP

Не, меѓу Ангела Меркел и премиерот Ердоган нема напнатост. Tака барем уверуваат од кругот на канцеларката. Напротив, двајцата политичари длабоко се ценат, нивниот однос е пријателски и за разликите се говори многу отворено.

Најголемата разлика е секако во одговорот на прашањето дали Турција треба да стане членка на ЕУ. Партијата на Меркел- Христијанско демократската унија и нејзината баварска сестринска партија Христијанско социјалната унија се единствените партии во германскиот Бундестаг кои се против тоа. Во нивната програма за парламентарните избори минатата есен, демохристијаните повторно јасно утврдија:

„Ние ќе кажеме и збор за тоа дека за Турција гледаме привилегирано партнерство наместо полноправно членство во ЕУ. Силно се залагаме за многу блиска соседска и партнерска политика, но ЕУ не може да биде без граници.“

И Вестервеле со ист став за турскиот прием во ЕУ

Во договорот за владината коалиција склучен со Либералната партија меѓутоа стои: „Преговорите започнати во 2005 со цел прием во ЕУ се процес со отворен исход.“ Политичарот од Либералната партија со турско потекло, Серкан Терен истакнува дека ваквиот став од коалицискиот договор го потврдил неговиот партиски шеф Гидо Вестервеле за време на посетата на Турција во својство на министер за надворешни работи, кога децидно укажал дека преговорите со Турција ќе продолжат и нивниот исход е отворен.

Турција се концентрира врз краткорочни цели

Без оглед каков ќе биде разултатот на крајот, дотогаш претстои уште долг пат. И затоа премиерот Ердоган во меѓувреме се концентрира на краткорoчните цели. Кога ЕУ пред неколку месеци одобри патување без виза за граѓаните од повеќе екс-југословенски држави, Ердоган го побара истото за своите сограѓани. Германската влада меѓутоа стравува од зголемен бран на нелегална имиграција и затоа бара преземање сеоопфатни мерки од страна на Турција, меѓу другото и воведување на биометриски пасоши.

„Сметам дека најважно за почеток е да се решат овие технички проблеми. Ангела Меркел како канцеларка ќе укаже на тоа дека Турција мора да се обиде да ги реши овие проблеми“, вели либералот Терен.

Deutschland Türkei Recep Erdogan in Berlin bei Angela Merkel
Ангела Меркел и Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: AP

Интеграцијата-различни интерпретации

Значителни разлики, конечно има и околу интеграцијата на граѓаните со турско потекло во Германија. Ердоган како и претходно на нив гледа како на свои сограѓани и неодамна побара основање турски гимназии во Германија. Неколку дена пред посетата Меркел го отфрли ваквото барање, истакнувајќи дека основна работа е децата и младите од турско потекло да учат во германски училишта.

И покрај оваа најнова закачка, од опкружувањето на Меркел истакнуваат дека заедничките нешта што ги поврзуваат двете земји ги надминувата разликите и оти тоа ќе ја одбележи и посетата на канцеларката на Турција.

Автор: Петер Штицле/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска