1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалската „Крушевска република“

Јоханес Бек/превод:З.Ј.11 ноември 2015

Левичарската опозиција по само десет дена ја собори новата малцинска десничарска влада. Комунистите и социјалистите ги надминаа историските противречности и се спротивставија на политиката на штедење, смета Јоханес Бек.

https://p.dw.com/p/1H45n
Фотографија: DW/J.Faget

На изборите на 4. октомври социјалдемократите (ПСД) и конзервативците (ЦДС-ПП) настапија заеднички и славеа победа. Но, освоените 38,5 проценти од гласовите значеа дека го загубија апсолутното мнозинство. Премиерот Педро Пасос Коелјо процени дека е тоа сепак доволно за да владее. Неговата сметка беше дека умерените социјалисти (ПС) сигурно нема да влезат во сојуз со комунистите (ПЦП), оти таков сојуз немало во Португалија од 1974. година, кога по „каранфилската револуција“ се водеа вжештени политички битки и земјата мораше да одбере пазарно стопанство или комунизам.

Нема мнозинство за политиката на штедење

Но, повеќегодишната политика на штедење наметната од Тројката (Комисијата на ЕУ, Европската централна банка - ЕЦБ и Меѓународниот монетарен фонд - ММФ) придонесе за надминување на тој историски јаз. Португалија долго време беше „примерен ученик“ во однос на таа политика - прво социјалистите (ПС) со тогашниот премиер Жозе Сократеш, а потоа и владата на десниот центар на премиерот Коелјо во целост ги спроведуваа барањата на Тројката.

Меѓутоа, во сенката на напредокот на Сириза во Грција и Подемос во Шпанија, и во Португалија - во Европа во голема мера незабележано - се поместија политичките координати. Левичарскиот сојуз Блоко де Ескерда (БЕ), близок до Сириза и Подемос, на октомвирските избори го удвои процентот на освоени гласови (10,2 проценти). БЕ, сојуз на помали партии со различна левичарска, делумно порани и со маоистичка ориентација, бара отпишување на долговите и напуштање на сегашниот курс.

Заедно со социјалистите и комунистите, БЕ сега ја отфрли програмата на владата на десниот центар и со тоа ја собори владата.

Топката е кај претседателот Кавако Силва

Сега шефот на државата Анибал Кавако Силва мора да реши дали на новата коалиција на левиот центар ќе и’ додели мандат да формира влада. Во португалскиот политички систем претседателот има силна позиција и може во голема мера слободно да ја определува владата. Но, ако во парламентот мнозинството е против владата, тоа во секое време може да ја собори преку отфрлање на владината програма - како во сегашниов случај.

Уште кога се навестуваше сојуз на левицата, претседателот Кавако Силва веќе јасно се искажа против учество во владата на партии како сојузот БЕ или комунистичката ПЦП. Но, подобро би било да го смени мислењето. Прво, традиционално проевропските и прозападни социјалисти (ПС) не би дозволиле земјата да ги напушти НАТО или ЕУ. Второ, тешко е сфатливо зошто сојуз на левиот центар, со освоено мнозинство гласови на изборите и со парламентарно мнозинство, не би имал право да владее. Тоа е необично сфаќање за демократијата, дотолку повеќе што на локално ниво и ПЦП, како и БЕ, со години формираат коалиции или самите владеат во градовите и општините.

Beck Johannes Kommentarbild App
Јоханес Бек

Јасно дистанцирање на Левицата од курсот на штедење

Постоечката програма на новиот сојуз на левиот центар означува јасно свбртување од курсот на штедење: треба да бидат укинати кратењата на пензиите од изминатите години, минималната плата треба постепено до 2019. година да биде покачена од 505 на 600 евра месечно. За споредба, минималната плата во Германија сега изнесува околи 1470 евра.

За изненадување, во досегашната програма на новиот сојуз на П, БЕ и ПЦП не се бара наново да се преговара за долговите на земјата. Но, може да се предвиди дека новата влада на левиот центар во Брисел ќе го постави прашањето за отпишување на долговите.

Никаде не е постигната целта за намалување на долговите

Европската програма за штедење, имено, доживеа целосен неуспех кога е во прашање намалувањето на долговите. Од првиот европски пакет за помош на Португалија во 2011. година, и покрај примерното спроведување на налозите за штедење, долгот на земјата се покачи од 110 на 130 проценти од бруто домашниот производ (БДП). На долг рок тое е неодржлива состојба.

Берлин и Брисел би требало конечно да се зафатат со изработка на меѓународна стечајна постапка за држави. Должничката криза очигледно не може да се реши само со досегашната политика на штедење. Тоа подеднакво важи за „проблематичната“ Грција, како и за „примерната“ Португалија. Кога наскоро и од Португалија ќе дојде гласен повик за растоварување на долговите, конечно би требало да има регулирана постапка, за да се избегне хаос како кај неодамнешните финансиски кризи.