1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалија: победата ќе биде тесна

Јохен Фагет/сн2 октомври 2015

Португалските политичари ги обикулуваа градовите во предизборната кампања- две недели панаѓурска атмосфера се пред крај. Владејачката коалиција и опозициjaта се во трка рамо до рамо спроти изборите в недела (4.10)

https://p.dw.com/p/1Ghp2
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Franca

Партискиот подмладок нетрпеливо чека на крстосницата пред Доброволното пожарникарско друштво. Од звучниците веќе еден час грми предизборната поп-химна „Се’ повеќе сме-еј!“. Оние кои немаат друга работа, стојат на улица и го чекаат премиерот Педро Пасос Коељо. Работен ден, 11 часот попладне: во провинциското градче Аркос де Валдевез нема многу луѓе на улица. Нешто што личи на „толпа“ се формираше кога локалнот менџер на предизборната кампања го прати партискиот подмладок на главниот градски плоштад да мафта со знамиња. Премиерот, меѓутоа, се појави на другиот крај на улицата, па организираното воодушевување мораше да се премести 500 метри понатаму.

Portugal Wahlkampf Regierungskoalition Portugal à Frente - Pedro Passos Coelho
Фотографија: DW/J. Faget

Две недели панаѓур

Предизборната кампања во Португалија значи две недели панаѓурска атмосфера на улиците и во кафеаните. Бакнежи за децата и пензионерките во турканиците, разговор со продавачите на риба на пазарите и вечери- со многу зборувања- со партиските другари и симпатизери. Сето тоа со голема медиумска помпа. На политичарите им е важно да остават добар впечаток, а не да изнесуваат програми.

Portugal Lissabon Wahlen Wahlkampagne PS Antonio Costa
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Kosters

Деснолибералната влада која ја сочинуваат ПСД, голема партија свртена кон центарот и ЦДС-ПП, помала и одлучно десничарска партија, постојано ги истакнува своите успеси, пред се’ завршувањето на програмата на ЕУ која земјата наводно ја извлече од криза. Социјалистите од партијата ПС, кои всушност се социјалдемократи, тврдат, меѓутоа, дека кризата уште не е помината и оти трошоците за спорната политика на штедење тешко ги погодуваат граѓаните- средниот слој, на пример, живее полошо од порано.

Избирачите не се воодушевени

Меѓу граѓаните владее се’ освен воодушевување. „Заработувам помалку од 700 евра месечно, морам двапати да го свртам секој цент“, вели еден граѓанин на Аркос де Валдевенза. „Тоа нема да се промени ни кога некој друг ќе дојде на власт.“ Премиерот Пасос Коељо не е единствениот кој е за натамошно штедење. И неговиот противкандидат Антонио Коста и неговата ПС го поддржуваат курсот кој го наметна ЕУ. И тие сакаат да ја сочуваат заедничката валута. Против политиката на штедење и еврото се единствено помалите левичарски партии кои нема да влијаат врз резултатите на изборите.

Така социјалистот Антонио Коста бара „зголемување на куповната моќ за семејството“. Тој тврди дека и покрај принудното штедење е можно намалување на данокот за да се зголемат хронично малите плати на Португалците. Коста пред неколку дена посети една гимназија и музичкото училиште во индустрискиот град Агеда и таму за време на ручекот зборуваше за потребата за намалување на буџетскиот дефицит. По запирањето во Оливеира де Аземеисо и Порто, за време на вечерата во седиштето на социјалистите Вила де Конде, тој премиерот Пасосо Коељо и неговиот заменик од партијата ЦДС-ПП Пауло Портас ги нарече лажговци. Околу илјада присутни воодушевено му аплаудираа и мафтаа со знамиња на ПС: Потоа се јадеше бакалар.

Социјалистите: подготвени за малцинска влада

Секоја земја има свои проблеми за кои треба да најде решение, им рече Коста на новинарите. Тој додаде дека Португалија ќе ги исполни обврските кои ги прифатила. Но и оти еврото мора да ги задоволи и потребите на економски послабите земји како што се Португалија и Шпанија. „Не може да постои единствено решение за проблемите на различни земји“, рече тој. Доколку ПС помине на изборите како најсилна партија, но не добие апсолутно мнозинство, Костас има намера да формира малцинска влада: „Во парламентот ќе бараме мнозинство кое ќе овозможи спроведување на програмата на нашата влада“.

Пред ист проблем би можел да се најде и премиерот Пасос Коељо. Според резултатите од анкетите кои во Португалија често се несигурни како и во Грција, владината коалиција и ПС се многу изедначени. Можно е никој во идниот парламент да не освои апсолутно мнозинство. Тогаш би чукнал часовникот на левичарските партии, бидејќи главните актери уште на почетокот на предизборната кампања ја исклучија од можноста за формирање широка коалиција. Од другастрана, левичарите веќе дадоа до знаење какви отстапки би побарале во тој случај- но социјалистите не би се согласиле со тоа.

Истотака може да се случи нов шеф на владата да биде стариот шеф. „Чувствувам дека довербата е поголемо од ден во ден“, рече Пасос Коељо во говорот одржан во живописното градче Понте де Лима. Пасос Коељо кого истражувачите на јавното мислење уште пред неколку недели го прогласија за политички мртов, стално нагласува дека за разлика од Грција, Португалија со неговата влада забележала успех.