1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170609 Flüchtlinge Griechenland

19 јуни 2009

На самитот во Брисел една од темите е проблемот на илегалното доселување во Европа. Иницијативата за негово разгледување дојде од Италија, Малта и Грција, земји кои се директно погодени од поплавата нелегални мигранти.

https://p.dw.com/p/ITFc
Каде ќе ги осамне следниот ден?Фотографија: AP

Вистина е дека во Грција доаѓаат поголем број нелегални доселеници, отколку во Германија. Само минатата година таа беше соочена со 150.000 лица кои пристигнаа до нејзините острови, како што е на пример Лезбос. На убавите плажи на островот често се повторува неубавата глетка: гумени чамци во распаѓање, скршени весла, остатоци од облека. Пред полициските станици во селата на островот со часови чекаат млади на транспорт, изгладнети мажи. Тоа се нелегалните имигранти кои се префрлаат од Турција преку морето на грчка територија. Меѓу нив бил и младиот Авганистанец Мохамед: „Бевме четворица во гумениот чамец, цела ноќ веслав. Тргнавме кусо по полноќ и стигнавме околу 7.30 часот изутрина. На крајот одвај се држев поради исцрпеност.“

Река бегалци

Луѓе со слична судбина како Мухамед доаѓаат речиси секојдневно на брегот на островот Лезбос, минатата година припадниците на крајбрежната стража избројаа дури 13.000. Најголемиот број им паѓа веднаш в раце на надлежните државни служби, кои ги испраќаат во локалната болница на преглед поради стравот од пренесување на некоја заразна болест. Од таму патот ги води кон кампот за прифаќање на бегалци, во кој реално има место за околу 400 лица.

Griechenland Insel Lesbos
Убавите плажи на Лезбос се’ почесто ги преплавуваат бегалциФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

Но, во летната сезона овде има и двојно повеќе, појаснува заменик префектот на Лезбос, Ставрос Псаропулос: „Во соба за 50 лица, тогаш спијат и до 100 души. Креветите се тогаш наместени тесно еден до друг. Бидејќи се толку многу, не можеме на сите да им обезбедиме редовна прошетка по дворот, не можеме да ја држиме ситуацијата под контрола.“

Тоа во превод значи дека овие луѓе минуваат по цел ден на креветите и тоа така до три месеци. А тогаш во принцип добиваат еден лист хартија, на кој пишува дека мора да ја напуштат Грција и добиваат карта за брод до пристаништето Пиреј. Само еден процент среќници добиваат азил во Грција.

Помош од Европа

Крајбрежјето на Лезбос постојано е под надзор на полицијата. Турција оттука се гледа со голо око, а тоа значи дека преминот од земја што не е членка на ЕУ во друга што е, е на дофат. Во меѓувреме и европската Агенција за заштита на границите, Фронтекс им помага на грчките колеги од Службата за заштита на крајбрежјето. „Така барем имаме чувство дека ЕУ е присутна, дека не сме оставени на цедило. Тоа впрочен не е само наш проблем, ние сме само влезната порта, а каде сакаат да заминат сите тие луѓе, тоа не се знае“ - појаснува командантот на крајбрежната служба, Димитрис Циклос.

Автор: Ана Кокциду / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска