1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пописот не е за партиите, туку е во интерес на државата

27 октомври 2010

Експертите на Еуростат од пред два дена започнаа со набљудување на финалните подготовки за пописот во Македонија што треба да се одржи во април 2011 година.

https://p.dw.com/p/Pq0s
Фотографија: ullstein bild - Imagebroker.net

Паралелно со тоа, во Скопје е и директорот на Европскиот статистички центар Питер Еверерс, кој започнува дијалог со партиите околу законската рамка и меѓународните стандарди за изведување на најновото регистрирање на демографските и економските движења во изминатата декада. Самиот факт дека на денешната прес-конференција во ЕУ-центарот беше половина од амбасадорскиот кор на ЕУ во Скопје, како и министрите Абдилаќим Адеми и Гордана Јанкуловска, ја подгрева сериозноста на времето во кое ќе се организираа оваа статистичка операција.

Директорката на Заводот за статистика Благица Новковска и шефот на мониторинг- мисијата Жан Мишел Дур се согласија дека пописот ќе го опфати само населението што ќе биде затекнато во своите домови.

Поради најавите за политички или етнички бојкот на пописот, што би го извеле опозициските лидери кај Албанците - Тачи и Селмани, реагираше и вицепремиерот Абдилаќим Адеми:

„Во Македонија статистичките податоци, освен тоа што е стандардно, се користат и за реализирање на етнички права - и на локално и на централно ниво. Со самото тоа пописот во Македонија добива и друга димензија. Пописот не се спроведува заради политичките партии, туку се спроведува заради интересите на државата.“

Што го прави македонскиот попис посебен?

Но, интересот на гостите и новинарите беше концентриран околу специфичностите на пописот во Македонија, каде посебно и необврзувачки со европската регулатива се регистрира етничкиот состав и религиската припадност, наспроти меѓународните правила кои пропишуваат само попис на резидентното население, што е присутно дома и не е отсутно повеќе од 12 месеци во странство.

Deutschland Symbolbild Volkszählung
Колку македонски државјани емигрирале?Фотографија: ullstein bild - Imagebroker.net

Пописот во Македонија има свои специфичности, но тие се на доброволна основа, не се задолжителни за Еуростат. Ако веќе регистрирате етнички состав тогаш прашањата треба да бидат едноставни и одговорите да се запишуваат веднаш - кога некој каже дека е Ром, Албанец или Турчин, или марсовец, треба и така да се попишат, сугерираше шефот на европската статиситичка организација.

Пописот мора да се изведе според ЕУ-регулативата

Питер Еверерс денеска (27.10) повтори дека април или октомври се главно месеците за попис во регионот или во Европа и второ, пописот во Македонија ќе биде надгледуван во сите фази од собирање на податоците, нивно внесување, обработка и анализа од експертски тим на Еуростат, а не како што бара опозицијата - кај Албанците со набљудувачи и на терен. Пописот мора да се изведе според ЕУ-регулативата и резултатите треба да бидат признати од Еуростат, кажа Еверерс.

Deutschland Symbolbild Volkszählung Formular auf einem Klemmbrett
Меѓународните правила пропишуваат попис на резидентното населениеФотографија: ullstein bild - Wodicka

Министерката Гордана Јанкуловска и директорката на Заводот за статистика Благица Новковска одговорија на прашањето на Дојче веле - како ќе се гарантира сигурноста на попишувањето ако дел од населението го бојкотира овој процес:

„Пописот во РМ не треба да се доведува во корелација со никакви политички калкулации. Тој е многу поважен од какви било политички поени или ситни политички пресметки на дневна основа“, рече Јанкуловска.

По пописот 2011 година државата ќе нема јасни и точни податоци - колку македонски државјани емигрирале и колкав е бројот на население што е иселено и трајно живее во старнство, ниту пак колку од него ќе има право на глас на следните парлментарни избори, кога дијаспората ќе има квота од тројца свои пра тенци.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска