1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полјаците уриваат стотици советски споменици

Моника Сирадзка/Ж.А.19 април 2016

По 1989 година во Полска се отстранети бројни споменици во чест на советската Црвена армија. Останати се уште околу 200. Сега владата сака и нив да ги отстрани.

https://p.dw.com/p/1IXp4
Фотографија: Imago/mm images/David Ewing

Историчарот Павел Укилски од полскиот Институт за национално сеќавање најрадо би го отстранил најголемиот симбол на советското време во Полска - Палатата на културата. Зградата висока 231 метар од 50-те години на минатиот век е најголемиот облакодер во Полска и на многумина им е трн в око. Своевремeно и бившиот полски министер за надворешни работи Радослав Сикорски се залагаше за уривање на зградата, со тоа и симболично би бил погребан комунизмот, рече тој.

Приврзениците на ова стојалиште потсетуваат на традицијата на такви уривања која се протега до 1920-те години. Тогаш новоосновата полска држава реши да ги уништи сите симболи на царското владеење, меѓу другите и омразената катедрала на Александар Невски во центарот на Варшава. Таа беше минирана. На варшавската Палата на културата не и‘ се заканува истата судбина, зашто во меѓувреме е под заштита како споменик на културата. Но, бројни други објекти наскоро ќе ги снема, како што предвидува новата политика на полската влада.

Polen Kultur - und Wissenschaftspalast in Warschau
Палатата на културата во ВаршаваФотографија: picture-alliance/Sven Simon

„Погрешни историски сигнали“

Симболите на комунизмот мора да исчезнат од јавниот простор во Полска и „тоа е природна и нормална работа“, изјави неодамна премиерката Беата Шидло на полската телевизија ТВН 24. Бројни Полјаци се згрозуваат поради тоа што „тие симболи ги има на бројни места“.

Колку ги има, се чини во моментов никој не знае точно. Во 1994 година во еден руско-полски договор е наведен попис од 570 објекти. Многу од нив се отстранети по 1989 година, но околу 200 објекти уште паѓаат в очи и мора да ги снема, смета Лукас Камински, директор на Институтот за национални сеќавања во Варшава, зашто „спомениците во центрите на градови и села даваат погрешен историски сигнал.“

„Со Црвената армија стигна нов јарем“

Неговиот институт донеодамна застапуваше сосема поразлично мислење. По повеќегодишното истражување, во 2015 година беше објавена првата научна студија за историјата на настанувањето на т.н. споменици на благодарност. Она што минатите години беше истражувано и попишувано сега би требало да го снема од јавните простори: по смената на власта неговиот институт се приклучи на плановите на национално-конзервативната влада. „Што дојде откако Советите ја ослободија Полска од Хитлер, ако не нов јарем“, вели Камински во образложението.

Споредбата со германските злосторства во Полска во моментов е многу омилена. И историчарот Павел Укилски тоа го истакнува во разговор за Дојче веле. „Тешко е замисливо на сличен начин да се величаат јавно војници на Вермахтот“, вели тој.

Polen Warschau Ehrenmal Rote Armee Beschmutzung Rote Farbe
Споменик на Црвената армијаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kaminski

Остануваат местата на сеќавањата

Но, за Русите источнополското Пјењенжно останува место на симболика - со споменици или без нив. „Тоа за нас останува место на сеќавања и и натаму ќе го посетуваме“, вели рускиот пратеник Сергеј Андреев за Дојче веле. Тој и оваа зима положи венец во знак на сеќавање на загинувањето на руски генерал. Дебатата околу спомениците ескалира. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред неколку дена на Полјаците им префрли осквернување на повеќе места на сеќавање и најави нужни чекори „за да се спречи неприфатливата политика“. Неговата портпаролка полското постапување го спореди со постапките на Исламска држава, а руската група стручњаци на чело со Јелена Сутомина го замоли УНЕСКО да го блокира отстранувањето споменици во Полска.

Полска сега има нови јунаци

Варшава ова не ја импресионираше. Во никој случај не станува збор за гробишта или гробови, велат Полјаците. Наместо советски споменици, тие порадо ќе постават споменици на полските јунаци. Историчарот Укилски веќе предлага т.н. „заборавени војници“. Полските партизани уште со години по Втората светска војна се бореле во Полска против комунистите, а никој не им оддал почитување ни по падот на комунизмот.

Варшава знае дека мора да смета со незгодни прашања од странство. За тоа треба да бидат подготвени полските претставници, вели Укилски. Тие треба да аргументираат дека Полска сега се свртува кон сопствените јунаци. Притоа не смеат да бидат заборавени ни советските злосторства од војната против Полска во 1919 до 1921 година, ниту противкомунистичкото движење на отпорот.