1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полјаците му се заблагодарија на претседателот за ветото

Розалија Романиец
25 јули 2017

Ветото на полскиот претседател Дуда на правосудната реформа повторно поттикна демонстранти на улиците на Варшава. Од Варшава известува Розалија Романиец.

https://p.dw.com/p/2h5t2
Polen Demonstrationen in Warschau
Фотографија: DW/R. Romaniec

Широкиот булевар во стариот дел на Варшава со денови е преполн со луѓе. Штом сонцето се спушти нешто пониско над покривите на зградите со реновинари фасади, местото пред Претседателската палата се полни со луѓе. Впечатливо е дека доаѓаат многу млади луѓе, кои носат знамиња и свеќи кои ги палат кога ќе падне мрак. Најмладиот претседател кој досега го имала Полска, Анджеј Дуда, вчера се осмели со двојно вето да го направи првиот чекор на еманципација од владејачката партија Право и правда (ПиС).Многумина му се за тоа благодарни и истовремено под неговите прозорци му ставаат јасно до знаење дека може да се направи уште: „Три пати вето, господине Претседател!“, извикуваат во хор.

„Доаѓаме со денови, нема план“, вели Александра Радцик, млада маркетинг-менаџерка во голем меѓународен концерн во Варшава. И таа држи свеќа в раце. „Чашата и свеќите ми се в џеб со денови“, раскажува 29-годишната Александра, насмевнувајќи се. Вели дека на работното место испечатила стотици мали плакати и додава дека овие денови тоа е во ред, дури и во меѓународен концерн. Таа со своите пријатели се среќава во центарот на градот веднаш по завршувањето на работното време. Зошто? „Затоа што сме дел од оние кои сфаќаат дека станува збор за нашата иднина.“ Тоа не треба да звучи патетично, вели Александра.

Polen Demonstrationen in Warschau
Александра Радцик: Се работи за нашата иднина Фотографија: DW/R. Romaniec

„Во лето е поинаку. Владата мислеше дека за време на одмори никој нема да излезе на улица, а особено не младите.“ Младите досега речиси не доаѓаат воопшто на протести. Некои велат дека така било поради игнорирање, други - поради политичка незаинтересираност. „Сега секој може да види дека не се работи за политика, туку за тоа дали сакаме да живееме во ваква земја“, нагласува Александра.

Мала група млади кои стојат на неколку метри оддалеченост случајност слуша за што зборува таа и клима со главата. „Знаете, јас зимоска само еднаш бев на демонстрации, сега одам секој ден. Како работи владава, се плашам дека наскоро ќе нѐ извади од ЕУ!“, вели Адам, правник во Основниот суд во Варшава и додава: „Брисел мора да знае дека нам не ни е сеедно.“

Музика за демократијата

Десетици илјади луѓе се собраа вчеравечер пред седиштето на Претседателот. Тоа не беа најголемите демонстрации досега, но први на кои немаше политичари. „Денес не станува збор за тоа што нѐ разделува, туку што нѐ поврзува“, вели Зузана Руѕинска-Блушч, млада правничка која е дел од групата која го организирала собирот.

„Не сме многу, малкумина сме. Дојдовме на идеја да организираме собир под мотото 'Музика за демократија'. Прашавме повеќемина актери и музичари и речиси 20 дадоа потврден одговор за учество.“

Polen Demonstrationen in Warschau
Фотографија: DW/R. Romaniec

За програмата е неопходен талент за импровизирање. Прво актерки читаат делови од Уставот, фрагмент кој се однесува на тоа кој е во прва линија надлежен и одговорен за доброто на државата. Потоа неколку луѓе држат спонтани говори, на крајот се пее полската химна, а потоа и европската. Насобраните постојано пред прозорците на Претседателот извикуваат: „Слобода, еднаквост, демократија.“

Претседателот не се појавува, но не може да не ги види. Дали стои зад дебелите завеси не знае никој, но не може да не чуе кога надвор се извикува „Dziekujemy!“ (Благодариме!“). Благодарноста е упатена во прва линија на демонстрантите кои со своите мирни протести го натераа Претседателот да размисли, но неговото двојно вето на контроверзните закони е она што предизвика добро расположение.

Околу 22 часот од бината се читаат имињата на местата каде што се протестира. Многу од насобраните сфаќаат дека бранот протести, кој досега беше ограничен само на големите градови, сега ја зафаќа и провинцијата. „Тоа би можело да биде крај за ПиС“, ѝ вели една жена на својата пријателка. „Ако провинцијата се дигне на нозе, готови се.“

Во провинцијата, додава таа, досега немаше протести како во главниот град. „Таму судиите се сметаат за елита. Но, се чини дека луѓето сега и таму сфатија дека реформата на правосудството ќе ги погоди сите, сеедно дали живеат во Варшава или во Кенджежин Кожле.“