Полска: демонстрантите го блокираа парламентот
17 декември 2016Стотици полицајци беа ангажирани во акцијата за повторно ослободување на влезовите и излезите на полскиот парламент во Варшава. Полициските сили со гумени куршуми интервернираа против демонстрантите. Некои од демонстрантите беа отстранети, но до длабоко во ноќта луѓе масовно пристигаа пред зградата на законодавниот дом. Се вееја црвено-бели државни знамиња. Водечки политичари, меѓу кои премиерката Беата Шидло и лидерот на нејзината партија Право и правда, Јарослав Качински, до раните утрински часови беа спречени да го напуштат Парламентот. Масата народ скандираше: „Нема да излезете пред Божик“. Демонстрантите бараа слобода за медиумите, обвинувајќи ги пратениците на десно-конзервативната Партија на правото и правдата, ПиС, за неправилно усвојување на буџетот за идната година. Околу полноќ ним им се придружија некои од пратениците на либералната Граѓанска платформа, ПО. Меѓу говорниците на протестите беше и поранешниот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
Револтот е насочен против планираниот нов закон за медиумите, кој предвидува новинарите во иднина од пленарната сала да не смеат да направат фотографии или видеоснимки. На таков начин би било оневозможено документирањето на кршењето на правилата од страна на пратениците, на пример кога пратеник гласа во името на отсутни колеги.
Уште во текот на денот околу 30 пратеници од Сејмот се солидаризираа со новинарите кои протестираа и во Парламентот извикуваа „Демократија!“ и „Слободни медиуми“. Претседателот на Парламентот ја прекина седницата на еден час. Опозиционите партии го критикуваа за кршење на уставот, зашто тој гласањето за буџетот за идната 2017 година го премести во друга просторија на парламентарната зграда и ги исклучи медиумите од текот на гласањето.
Сведоци доцна во ноќта известија дека во главниот град Варшава се донесени полициски сили од други градови. Се кренаа тензии и кога околу полноќ ненадејно било прогласено и затворање на полскиот воздушен простор, за кое подоцна се испостави дека се должи на технички проблеми, кои брзо се отстранети.