1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска во срцето – Германија во главата (и нозете)

Фолкер Вагенер10 јуни 2008

Низ Европското првенство во фудбал провејуваат и многу други елементи од општествениот живот на стариот континент. На пример проблемот со интеграцијата на странците, расколот во нивното чувство на припадност...

https://p.dw.com/p/EH92
Голгетерот Подолски во разговор со полски навивачи по натпреварот Германија - ПолскаФотографија: AP

Кога некој фудбалер ќе даде гол, тогаш на радоста и’ нема крај. Некои истрчуваат кон трибините преполни со навивачи и паѓаат на коленици пред нив, други скокаат како попарени со врела вода по теренот додека соиграчите не ги стигнат и не направат купче над нив... Кај германскиот репрезентативец Лукас Подолски чувтствата како да беа замрзнати деновиве кога даде два решавачки гола за својата втора татковина. Да, проблемот е што двата завршија во мрежата на неговата прва татковина, Полска.

Дали да се радувам или да тагувам?

Во тие куси мигови по дадените голови се чинеше како во ова младо момче да се судрија двата идентитета, како да се случи краток курцшлус или дури криза на идентитетот. Како еден дел од него да се радуваше, а на другиот дел како да му беше срам. Полскиот весник „Газета“ навистина следниот ден осамна со голем наслов: „Лукас, како можеше да сториш такво нешто“?

Странското потекло е предност

Секако дека детството и младоста минати во Полска се важни делови од неговата личност. Лукас Подолски меѓутоа воопшто не треба да се срами од тоа што потекнува од Полска, а сега игра за германската репрезентација. Напротив, доселеничкото потекло би требало да го смета за голема придобивка. Бидејќи искуството ни покажува оти оние кои мораат да се докажат далеку од родната грутка, најчесто многу поангажирано им приоѓаат на задачите. Зошто тоа да не важи и на полето на фудбалот!? Впрочем има уште неколкумина соиграчи на Подолски во истиот тим кои не се „асилм Германци“: Мирослав Клозе, Оливер Невил, Марио Гомез - да наброиме само некои од нив.

Мултикулти „национални“ тимови

И тоа не е така само во германската селекција! Кај Швајцарците на списокот се наоѓа турското име Мурат Јакин, кај Австријците паѓаат в очи повеќе хрватски имиња, а на списокот на Французите дури доминираат имиња од Африка. Така национализмот во стадионите навистина немаат ниаков смисол. Мултикултурната реалност веќе одамна стана секојдневие во фудбалот, прво во клубовите, а еве од не така одамна и во националните репрезентации. Ова секако може да се смета за доказ за успешна интеграција на странците во општството. Па дури и повеќе од тоа: спортот се глобализира паралелно со стопанството. Тренерот на руската репрезентација се вика Хиндинк и е Холанѓанец од петици до глава. Неговиот сонародник Бенхакер е тренер на полската селекција, а кај Грците кои треба да ја одбранат титулата европски првак тренерот е Германец. Значи, знаењето и способностите се користат преку националните граници.

Добра интеграција

При тоа мора да се каже дека кусорочни преминувања од едно во друго државјанство, како на пример во случајот на бразилскиот професионалец Гереиро, кој сега дрибла за полската репрезентација, се навистина спорни. Поинаку е со оние кои веќе подолго корените на нивната егзистенција ги имаат во некоја друга земја – како во случајот на Лукас Подолски. Тие не треба да ги негираат сопствените корени или да се срамат од нив, туку напротив треба да бидат горди на нив. Тие се важен дел од германското општество и сосема природно – и од германската фудбалска репрезентација!