1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100210 Kundus Klein Ausschuss

11 февруари 2010

Истражната комисија задолжена за расветлување на случајот „Кундус“ го сослуша полковник Георг Клајн. Toj ја издаде наредбата за бомбардирање на двете цистерни грабнати од талибанци. Тогаш загинаа и голем број цивили.

https://p.dw.com/p/Lyao
Полковник Георг КлајнФотографија: AP

Прво даде 90-минутно објаснување, а потоа одговараше на прашања - полковник Георг Клајн со часови беше сослушуван во истражната комисија. Тоа не мораше да го направи, зашто обвинителството веќе води истрага, па Клајн можеше во истражната комисија да молчи. Тоа што полковникот, сепак, им стоеше на располагање на парламентарците за нивните прашања, му донесе голема почит. Социјалдемократот Рајнер Арнолд изјави:

„Тој не го искористи правото на молк, туку како граѓанин во униформа и како човек што го почитува правото на парламентот за контрола рече дека сака да зборува. Тоа заслужува наше признание.“

Клајн не “избега“ од одговорност

На тајна седница, од која во јавноста пробија само малку детали, Клајн презеде целосна одговорност за нападот што се случи во септември 2009 година.. Така по седницата рекоа портпаролите на пратеничките групи, како либералот Хелмут Кенигсхаус: „Полковник Клајн ниту еднаш не се обиде да „избега“ од одговорност. За такво нешто, како што рече самиот, нема причина.“

Afghanistan Bundeswehr nach Anschlag in Kundus
Мотивација за наредбата за напад била претпоставката дека постои закана по германските војници во КундусФотографија: AP

Мотивација за наредбата била претпоставката дека постои закана по германските војници во Кундус, изјави христијанскиот демократ Рајнхард Бек. Дека околу цистерните грабнати од страна на талибанците имало и голем број цивили, се чини на полковник Клајн не му било познато: „Според информациите што ги имал, сметал дека нема да настрадаат цивили и дека на брегот на реката се само цистерните и бунтовници.“

Опозицијата е критички настроена

Додека портпаролот на владеачките партии покажува разбирање за одлуката на командантот во Бундесверот, опозицијата на неговите изјави реагира значително покритички. Социјалдемократот Рајнер Арнолд оценува: „Дека бомбардирањето врз големата група луѓе не било соодветно и било погрешно.“

Polizei Deutsche erschießen Zivilisten in Kundus
Не е јасна поврзаноста на обичните војници и специјалците кои оперираат тајно, вели опозицијатаФотографија: picture-alliance/dpa

Опозицијата по изјавата на Клајн има многу нови прашања. Она што е пред се‘ нејасно е улогата на „Таск форс 47“, единица на елитни војници на специјалните сили. Таск форс, која ги лови талибанците, учествувала во нападот. Паул Шефер од Партијата на левицата, смета дека не е јасна поврзаноста на обичните војници и специјалците кои оперираат тајно: „Поради тајноста со која се чуваат сите операции на ’Таск форс’ и специјалните сили целата оваа постапка е непрегледна и тоа не смее така да остане.“

Автор: Нина Веркхојзер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска