1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата беше браник на самостојноста на Македонија

7 октомври 2011

Американците имаа план за брза интервенција во Македонија за да создадат тампон зона со Србија, ако ЈНА извршеше воен удар за да ја спречи самостојноста, вели во интервју за ДВ, Павле Трајанов, пратеник и екс-министер.

https://p.dw.com/p/12nT0
Павле ТрајановФотографија: DW

На почетокот од 90-тите, во штабот на МВР, беше скроен план за иницирање востание, општонароден отпор, доколку политичкото раководство не организираше референдум и оддолговлекуваше со одлуките за независна држава. Во еден период имаше колебање и кај претседателот Глигоров, особено кај Андов, околу постапките за одвојување од режимот на Милошевиќ, дали е можна самостојна држава, но и стравување од Третата армија чија команда беше во Скопје, вели во интервју за Дојче Веле , Павле Трајанов.

МВР беше организирано и патриотски определено

„ Претседателот Глигоров беше внимателен, па и колеблив, дали треба да се избрза со Декларацијата за независност, со референдум, со носење на Устав на независна Македонија. За разлика од него Стојан Андов и некои други блиски до неговата партија беа цврсто определени да се остане во рамките и на редуцираната федерација. ВМРО-ДПМНЕ, со Љубчо Георгиевски и Борис Змејковски беа за прогласување самсотојност и тоа јавно го говореа. На 2 август 91-ва бевме во станот на Змејковски, заедно со Доста Димовска, Слободан Богоевски и јас тогаш, пред нив, предложив да организираме востание, општонароден отпор доколку раководство не се согласи да се оди на референдум, зашто се сомневаа во неговиот успех. Сомничевост во позитивен исход се појави и во раководството на ВМРО“, вели Трајанов, тогаш висок полициски функционер. 

Две децении по драматичните мигови на дисолуцијата од Југославија и заминувањето на ЈНА Трајанов открива интересни детали што имаат превез на тајност.

„ МВР беше најорганизираната сила и патриотски определена, со мали исклучоци. Пројугословените беа останати во ЈНА и тогашното министерство за одбрана. Ако ние чекавме на одлука на владата или на решенија од претседателот Глигоров кои беа внимателни и тактизираа немаше да се одземат ниту списоците од ЈНА за регрутирање на војници за воените жаришта. Формално таква одлука никој не соопшти, но МВР ја организираше акцијата“.

Pavle Trajanov
Павле ТрајановФотографија: DW

Американски план за експресен десант

Трајанов смета дека ЈНА немаше одлука за државен удар во Македонија ако се отцепиме, но имаше план за апсење на македонското раководство.

„ Во тоа време Генералштабот на ЈНА знаеше за нашите планови да ги апсиме југогенералите, да ги блокираме становите на воените старешини, касарните, да изведеме луѓе на улица, а бевме и наоружани за евентуален судир. Но во МВР тогаш имаше и американски специјалци кои, заедно со нас, подготвија план за експресен десант на американски војници кои би обезбедиле тампон зона со Србија доколку се реализираа заканите против македонското раководство и самосотојна држава. За овие разговори, планови и договори, не знаеше тогашното државно раководство зашто постоеше опасност да се открие американскиот план за заштита на Македонија“, вели Трајанов.

Нашиот соговорник, со својот пријател Слободан Богоевски, тогашниот шеф на тајната полиција, беа влијателни професионалци, но во сенка на министрите Јордан Мијалков и Љубомир Фрчкоски. Конечно, во владата на Георгиевски, Трајанов застана на чело на МВР, со две важни задачи- организација и справување со бегалскиот бран на албанците од Косово и појавата на УЧК во Македонија. Тој особено ја потенцира ангажираноста на македонската влада во соравувањето со бегалската криза, кога од Косово во Македонија пребегаа 330 илјади официјално, а уште 200 илјади Албанци кои илегално ја преминаа границата.

Странците само говореа за солидарност во бегалската криза

Трајанов негира дека македонската полиција ликвидирала илјаднци косовци, со наводното исчезнување на колоната автобуси што ги разместувала Албанците по домовите во Гостивар, пред се Тетовско и Кичевско, зашто привремените кампови биле претесни за налетот од бегалци.

„ Прво ги прифатиме бегалците, второ се ставивме на страна на НАТО, што беше одличен стратешки потез. Најбитно е дека немаше ниту една жртва при приемот и опстојувањето на камповите или при нивното враќање, а беа сместени под целосна безбедносна мрежа. Странците ни говореа за солидарност, но одбиваа да примат Албанци- од бегалските прифатилишта. Дури дојде и министерот Цохазопулос кој ми пренесе дека Атина ќе ни помогне што сакаме, но дека Грција нема да прими ниту еден бегалец од Косово“.

Албанците во Македонија немаа сепартистички тенденции на почетокот од самостојноста, зашто не беше најјасна судбината со Косово, вели Трајанов.

Георгиевски и Џафери начелно договарале поделба на Македонија

Тој не открива дали идејата за „Илирида“  и референдумот за автономија на Албанците во Македонија биле проекти конторлирани или водени од штабови на македонската тајна полиција, но тврди дека МВР располагало со информации за формирањето на теористички ќелии на УЧК на границата со покраината, уште со прифатот на Албанците од Косово, во бегалските логори на потегот Блаце-Стенковец во 1999 година.

„ Ние имавме одлични информации и од пријателските разузнавачки служби, посебно американските, за појавата на УЧК во Макдонија и нивно распоредување на границата со Косово, уште во текот на 2000 година. За тоа го информиравме државниот врв, Владата и посебно и лично премиерот Љубчо Георгиевски. Но дали тогашниот владин тандем Георгиевски-Џафери не заговараше и работеше за поделба на Македонија? Дали тие свесно не ги направија експресните промени во полицискиот врв и ја зпочнаа разработената стратегија како преку контролирана нестабилност да се всади страв и да се создаде амбиент дека Македонците и Албанците неможат да живеат заедно? Таков начелен договор постоел. Во неколку наврати и самиот премиер Георгиевски ми велеше дека во тоа наводно се разговарало со некои американски ниски ешалони, но дека подоцна стигнал јасен сигнал од Вашингтон дека не доаѓа во предвид демонтажа на Македонија“.

Прв проговори за организираниот криминал

Трајанов денеска е пратеник на владејачката коалиција. Блокадите од Грција и Србија овозможи неколку стотици милиони марки да завршат на приватни конта на неколку менаџери и политичари од Скопје. Ова за ДВ го вели Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз што е владин партнер, екс-министер за внатрешни во владата на Георгиевски.

Пред 15 години тој беше првиот кој јавно проговори дека во Македонија постои организиран криминал, спрега на политичките елити со подземјето, а беше дел од позната група полицајци, таканаречени осумтемина , кои пред плурализмот бараа демократски промени во Македонија. Не порекнува дека и на оваа власт и претстои сериозна битка со криминалот и корупцијата, со обидите да се формира нова партиско- бизнис олигархија.

„Владата на Црвенковски донесе одлука за пробивање на економските блокади кон Македонија од Грција и кон Србија, со делумна согласност на УНПРЕДЕП (мировните сили на ОН). Познати се шверцовите со нафта, храна, цели фабрики се носеа. Но сиот тој илегален бизнис им беше препуштен на една шпедитерска фирма и неколку нејзини бизнис компањани. Малку од сретствата се слеваа во државната каса, а неколку стотини милиони марки отидоа во таа компанија“, вели Трајанов. 

Поради шверцот Македонија не доби репарации

Тој додава: „Но кога МВР доби јасни информации дека дел од приходите, во вреќи се делат меѓу бизнисмени и највисоки функционери во државата, тогаш јас напишав една тајна информација која ја доставив до Американците и стигна одговор од Стејт департментот дека нема да бидат дозволени натамошни упади во блокадите кон СРЈ“.

Затоа Македонија не доби ништо од ОН како репарација од воведените блокади, но затоа останаа формирани спрегите на балканските мафии и политичките врвови во Македонија, Србија и Црна Гора, констатира во интервју за ДВ, Павле Трајанов, политичар и полицаец со голем фонд на сознанија што се’ уште имаат карактер на државна тајна.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Симе Недевски