1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полициските овластувања - делумно противуставни

Марсел Фирстенау/Ж.А.20 април 2016

Безбедносните служби во Германија сметаат дека е неопходно надгледување на граѓаните во рамките на антитерористичката борба. Активистите за човеки права имаат поинакво мислење. Последниот збор го кажа Уставниот суд.

https://p.dw.com/p/1IZ2A
Фотографија: Fotolia/Alterfalter

Т.н. Закон за одбрана од опасноста на меѓународниот тероризам преку Сојузната криминалистичка служба, БКА, е донесен уште на 19 декември 2008 година. Уште тогаш се слушаа забелешки дека тој и‘ дава прешироки овластувања на БКА, посебно кога станува збор за прислушкување на граѓаните. Сепак, тој остана на сила се‘ до денеска (20.04.2016), додека Уставниот суд не донесе одлука: дека тој закон и првенствено овластувањата во прислушкувањето и следењето на граѓаните во пракса „на непримерен начин завлегуваат во основните права на граѓаните“ и тука недостигаат правни мерки кои би гарантирале спроведување правна држава „посебно во заштитата на основната сфера на приватноста на животот на граѓаните“, одлучија судиите на Уставниот суд во Карлсруе.

Проблемот е тежок: дали во борбата против теророт и во заштитата на демократијата можат да се кршат и некои принципи на демократијата? Не е мал бројот на земји кои во своите закони имаат прописи кои буквално би биле незамисливи пред терористичките напади од 11 септември 2001 година и кои длабоко навлегуваат во ограничување на слободата на граѓаните и нивната приватност. Постојано се слуша аргументот дека тие напади можеби можеле да бидат спречени ако полицијата и надлежните служби имале овластувања да ги прислушкуваат и следат лицата вмешани во нападот.

Deutschland Bundesverfassungsgericht Urteil BKA-Gesetz
Судиите на Уставниот суд во КарлсруеФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Може, но и тука постојат правила

Одговорот на тоа прашање не е лесен, па така и оваа одлука на надлежниот совет на Уставниот суд не е донесена едногласно: двајца судии биле со различно мислење по ова прашање. И одлуката е соодветно претпазлива: начелно, не се недопуштени такви продори во приватноста на граѓаните како кога тие се прислушкуваат, следат и се врши надзор над нивната електронска комуникација, но само ако постои „строго придржување“ на односот на вистинска закана од конкретна група или поединци со мерките кои се преземаат против одредени граѓани, вели Уставниот суд.

Во пракса пак се покажало дека во многу случаи не постоела таква вистинска закана, смета Судот. Освен тоа, според овој германски закон наголемо е олеснето и прислушкувањето на лица кои според својата професија се посебно заштитени во чувањето тајна, како адвокати, лекари или новинари. Покрај тоа, тука се и компјутерските вируси „лансирани“ од БКА и чија задача е следење на она што се работи на комјутерот. Каде пак стигнале вакви вируси и кој се‘ е прислушкуван, а првенствено- зошто, тоа во меѓувреме веројатно не знаат ни во БКА.

Уставниот суд при изрекувањето на пресудата предупредува дека многу одлуки за мерки на надзор се донесени „за секој случај“, без правна основа, па оттаму и без транспарентна постапка или надзор од судот. Исто така недостига обврска за тие мерки да бидат информирани демократските тела, односно Парламентот и јавноста.

Доста време за промени

Таквата обврска всушност недостига и во една можност која во 2006 година ја отвори Сојузната полиција: ангажирање шпиони во организациите чија работа се следи. Тоа не значи дека на германската правна држава не и‘ стојат на располагње ни такви мерки, но не кај „обичната“ полиција, туку во Службата за заштита на уставниот поредок. Но, дури и кај нив посебно во случајот со неонацистичките терористи од групата НСУ, се покажа мноштво проблеми поради недоволна парламентарна контрола, се‘ до прашањето дали тие инфилтрирани луѓе биле и активни помошници во злосторствата.

Со оваа одлука на Уставниот суд, веројатно ќе биде преиспитана и оваа можност на Сојузната криминалистичка служба. Судиите беа сразмерно великодушни во рокот за измени во овој Закон и бараат тој да биде усогласен најдоцна до крајот на јуни 2018 година.