1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Покровител на теророт: Саудиска Арабија и ИД

Керстен Книп / ЕМФ27 ноември 2015

Идеологијата на терористичката организација „Исламска држава“ не е настаната во безвоздушен простор. Таа е инспирирана пред се‘ од вахабизмот, официјалната религија на Саудиска Арабија. Но, има и други врски.

https://p.dw.com/p/1HCFu
Саудискиот крал Фахд бин Абдул АзисФотографија: Getty Images/J. Barrak

Омраза кон луѓето со поинаква вероисповед. Бизарна слика за светот, во која исламот е прикажан како да е загрозен. Недоверба кон сите кои не мислат исто и не веруваат во истото. Тоа се централните идеолошки елементи на терористичката организација „Исламска држава“ (ИД). Меѓутоа, ИД не ја измисли ваквата слика за светот, барем не сама. Кога ИД подбуцнува против шиитите, Језидите, христијаните и Евреите, тогаш видливи се тесни паралели со вахабистичките сфаќања, односно радикално-конзервативното сфаќање на сунитскиот ислам, кој во кралството Саудиска Арабија е државна религија.

Навистина, паралелите меѓу ИД и вахабизмот не можат да се превидат. Тоа недвосмислено се потврдува ако се фрли поглед во книгите со помош на кои учениците во саудиското кралство, барем до пред некоја година, ја создаваа својата религиозна слика за светот.

„Секоја друга религија, освен исламот, е погрешна“, стои во еден воведен текст од учебниците. Учениците решаваа и мали задачи. На пример, треба да се дополни оваа реченица: „Оној кој не припаѓа на исламот по смртта оди...“. Според наводите на учебникот, вистинскиот одговор гласи: „... во пеколот“. Друга задача пак гласи: „Наведи примери на погрешни религии, како еврејство, христијанство, паганство и.т.н.“

„Верата не е само збор“

За постарите ученици текстовите се нешто покомпликувани. Во учебниците може да се прочита: „Не верувај само во она што некој го зборува. Верата се состои од јазик, уверувања и постапки“. Учениците добиваат објаснувања што значи „вистинска вера“: „Да ги мразиш политеистите и неверниците, но да не ги третираш неправедно.“ Што значи „неправедно“ не е објаснето. Наместо тоа, има на пример како да се постапува во случај кога ќе се сретне некој што не е муслиман: „На еден муслиман му е забрането да му биде лојален пријател на секој човек кој не верува во господ и неговиот пророк или кој се бори против исламската религија.“

Наведените примери потекнуваат од саудиски учебници од 2005 година. Тинк-тенк Центарот за верска слобода, кој припаѓа на американската фондација „Фридом Хаус“ истражуваше десетици саудиски учебници. Во студијата објавена во 2006 година е изведен отрезнувачки заклучок. Анализите на саудиските учебници покажаа: Саудиска Арабија „сее омраза против Западот на јавната верска настава и во останатите воспитни материјали.“ Центарот за верска слобода свесно како одговорна за ваквата политика ја посочува саудиската држава. Зашто, книгите се издадени од страна на државата, а имамите кои правеле редакција на книгите добивале плата од владата.

Сомнителни реформи

„Фридом Хаус“ извести дека до сличен резултат дошла и студија од Саудиска Арабија. Таа била презентирана во 2003 година, а нејзиниот заклучок гласи: верската настава во кралството „охрабрува на насилство против другите и ги заведува учениците да мислат дека за да ја заштита својата религија, треба да ги потиснуваат другите со насилство или дури дека треба физички да ги уништат“.

Саудиска Арабија никогаш не одреагира официјално на извештајот на „Фридом Хаус“. Сепак, саудискиот министер за надворешни работи Сауд ал-Фајсал во 2006 година објасни дека целиот воспитен систем во кралството ќе биде темелно реформиран. Колку е тоа направено, е нејасно. Во 2012/2013 година американското Министерство за надворешни работи спроведе ново истражување на саудиските учебници. Резултатите од тоа истражување не се објавени до денес.

Irak Kämpfer mit IS Flagge
Борци на ИД во Ирак: има директни и индиректни врски со Саудиска АрабијаФотографија: Getty Images/AFP/A. Al-Rubaye

Парите и верата

Саудиска Арабија ја извезува својата интерпретација на сунитскиот ислам со сите консеквенции. Во последните 25 години, според проценките на поранешен американски амбасадор во една студија од 2007 година, кралството потрошило најмалку 87 милијарди американски долари за верска пропаганда ширум светот. Овој износ, како што претпоставува амбасадорот, веројатно подоцна се зголемил, со оглед на растечката цена на нафтата во еден подолг период. Парите се влеваат во изградба на џамии, медреси и верски институции, со нив се обучуваат имами, се финансираат издаваштва, се печатат вахабистички книги.

Голем дел од парите оди за економски слабите, но со население богати исламски држави во јужна и југоисточна Азија: Пакистан, Индонезија, Филипини, Малезија. И во делови од Африка се пропагира вахабизам. За многу од луѓето кои живеат во овие делови од светот овие установи се единствената можност за училишно образование. Таму учат да читаат и пишуваат, и истовремено - се запознаваат со вахабизмот. Но, институции финансирани од Саудиска Арабија има и на Запад.

Финансирање на терор

Идеолошката близина со „Исламска држава“ (ИД) се отсликува и во конретната економска помош. Колку се високи сумите кои и‘ се дадени на ИД е тешко да се каже. Парите се префрлаат преку т.н. Хавала-систем, односно неформален систем на префрлање пари, при што парите не се трансферираат преку официјални банкарски сметки, туку преку лица од доверба. Исто така не е познато во колкава мерка саудиската држава ја поддржува ИД директно, а колку индиректно.

Американскиот потпретседател Џо Бајден се најде на насловните страници есента 2014-та, кога ги критикуваше одлуките на американските сојузници во борбата против ИД - Бајден ги наведе Турција, Саудиска Арабија и Обединетите Арапкси Емирати - за можеби не свесна, но во најмала рака без предумисла поддршка на ИД: „Тие беа толку решени да го соборат Асад и да водат сунитско-шиитска војна... И што направија? Секој што сакаше да се бори против Асад го посипуваа со стотици милиони долари и илјадници тони оружје. Но, притоа тоа стигнуваше и до луѓето од Ал Нусра и Ал Каеда, како и до екстремистичките елементи на џихадистите од сите делови на светот.“

„Терористите се најголемите непријатели на исламот“

Во меѓувреме, Саудиска Арабија се дистанцира од теророт на ИД. Големиот муфтија на кралството во август 2014-та објасни дека екстремистичките, радикалните и терористичките идеи немаат ништо заедничко со исламот. „А, нивните творци се најголемите непријатели на исламот“.

Саудиска Арабија, како што пишува францускиот исламолог Пјер-Жан Лизар во книгата „Случајот ИД“, денес како терористички ги означува феномените кои пред неколку години или дури и месеци се гледаа како поддршка на вахабизмот во регионот. „Се чини дека саудискиот режим во рекордно време се раздели од врските кои би можеле да значат легитимација на ваков политички систем, еден систем кој со својот извоз на вахабистичка идеологија од една страна и своето потчинување на американските интереси од друга страна, се залагаше за спротивности, за какви што на ваков парадоксален начин се залагаат само мал број режими во светот.“