1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарите на Аљаска - темпирана бомба

Геро Шлис / К. Краљевска2 септември 2015

Ова беше една од најлошите години во историјата на Аљаска. Ретко кога во минатото имало толку многу и толку големи шумски пожари. Нивните последици за климата се’ уште се несогледливи.

https://p.dw.com/p/1GQ7c
Фотографија: picture alliance/AP Photo/Sgt. B. O'Neal

Точно на 33. милја од автопатот број 2, северозападно од Фербенкс, зелената вегетација одеднаш престанува. Од тоа место, па до каде што стигнува погледот, се простира црна обгорена земја со изгорени стебла низ која минува цевка од нафтовод. Владее морничава тишина. Се слуша само звук на студен ветер и некаде тивко крцкање на верверичка. Овде-онде понекоја тревка срамежливо се обидува да се пробие низ црната земја.

Маѓепсан круг на пожари и затоплување

Ова место пред неколку недели го пеплоса еден од големите пожари кои годинава ја погодија Аљаска. „Секоја година гори се‘ поголема површина“, констатира Скот Рап од Центарот за меѓународни истражувања на Арктикот при Универзитетот во Аљаска. „Зачестеноста на години во кои има големи пожари е поврзана со екстремните временски прилики, а во последно време и со долгорочни промени на климатските трендови“, објаснува овој научник во разговор за Дојче веле. Најсеверната американска сојузна држава е погодена со промена на климата повеќе отколку кој било друг агол на Земјината топка. Овде последиците од затоплувањето се чувствуваат двапати посилно отколку во останатиот дел од светот. Во мај оваа година се измерени највисоки температури во последните 90 години.

Alaska Wildfire - Kent Slaughter
Кент СлотерФотографија: DW/G. Schließ

Меѓу најдалекусежните последици од промената на климата се и големите шумски пожари. „Овде никогаш претходно немаше толку многу големи пожари, како во последните 15 години“, укажува Кент Слотер во разговор за ДВ. „Две најлоши години беа 2014. и 2015.“, вели шефот на Противпожарната служба на Аљаска, надлежна за сузбивање пожари во северниот дел на оваа американска сојузна држава. Таму имаше најмногу пожари.

Немоќни пожарникари

Во јуни, вели Слотер, дневно избиваа повеќе и од 70 нови пожари. Досега изгоре вкупно површина поголема од површина на држави како што се Салвадор или Џибути. Ова е втора најлоша година во историјата на Аљаска. На тој предизвик неговите луѓе, меѓу кои има речиси 1.000 доброволци, едноставно не беа дораснати.

На помош им притекнаа повеќе од 3.000 пожарникари од Канада и други делови на САД. „Шумските пожари се еден од највидливите сегменти од приказната за промената на климата поради количеството на јаглерод диоксид, кој се ослободува при пожари и завршува во атмосферата“, вели Скот Рап. Една единствена „страшна година“, како што е 2015-та, може целото количество на јаглерод диоксид, кое се собрало во последната деценија, да го испушти во атмосферата. Поради големината на површината на Аљаска и честите пожари, во тој дел од светот се спојуваат различни фактори. „Од 1950 до 2009 година во Аљаска во атмосферата е испуштено количество јаглерод диоксид како во цела Европска унија“, вели Рап.

Исчезнување на „заштитна зимска јакна“

Промената на климата во Аљаска покрена маѓепсан круг, чиј крај не е на повидок. Колку на овие простори е потопло, толку летата се посушни, а тоа пак ја зголемува опасноста од пожари.

Alaska Wildfire
Боб БолтонФотографија: DW/G. Schließ

Но, тоа не се и сите драматични последици од шумските пожари. Се‘ почестите пожари го оштетуваат и го намалуваат најгорниот слој од почвата кој служи како изолација, објаснува Скот Рап. „Со исчезнување на тој вечно замрзнат слој - пермафрост, слојот под него станува подложен на надворешни влијанија што го забрзува неговот и онака неверојатно брзо топење.“

Вечниот мраз може да се замисли како „заштитна зимска јакна“, додава Боб Болтон, негов колега од Универзитетот на Аљаска. Во шума близу неговата канцеларија во Фербенкс овој експерт за пермафрост (земјиште кое се наоѓа на температура на точка на топење на водата или под неа во период од две или повеќе години, н.з.), со лопата копа дупка длабока до надлактицата. Еве, под ова тлото станува тврдо, тоа е слојот пермафрост, ни’ објаснува. Тој не е ништо друго туку замрзната земја која се протега на уште 80 отсто од копното на Аљаска. Со векови херметички го држи затворен органскиот отпад кој лежи под него. Тој, покрај јаглерод диоксидот, содржи уште и метан, кој за климата е многу поштетен.

На вечниот мраз не му е потребно многу надворешно влијание за да стане чувствителен на затоплување, вели Болтон. А кога тоа ќе се случи, топлината која продира може да покрене процес на одмрзнување, кој е речиси невозможно да се запре.

Alaska Wildfire
За живиот свет на Аљаска доаѓаат полоши денови?Фотографија: DW/G. Schließ

Пермафрост постоа станува пропустлив и низ него метанот од внатрешноста на земјата почнува да продира во атмосферата. А метанските гасови, како што вели овој научник, се 25 пати поштетни за климата од јаглерод диоксидот.

Ќе биде уште полошо

Научниците веруваат дека овој процес во следните децении дополнително ќе се забрза. Според најновите проценки на Агенцијата за заштита на околината, која е уред на американската влада, површината погодена од пожари двојно ќе се зголеми до средината на овој век. Една друга студија, пак, чија изработка исто така ја нарача владата на Обама и која е објавена минатата недела, предвидува дека поради се‘ поголемото ослободување на јаглерод диоксид и метан ќе дојде до уште поголемо затоплување на Аљаска.

Речиси истовремено донесената одлука на американската влада да му се дозволи на нафтениот концерн Шел да го дупчи морското тло пред брегот на Аљаска дополнително ги загрижува експертите за клима како што е Скот Рап. „Иако индиректно, тоа ќе го зголеми испуштањето на стаклени гасови, што дополнително ќе влијае врз затоплувањето на Земјата и пожарите во ова подрачје“, заклучува Рап.