1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подемот ќе продолжи и во 2008

11 јануари 2008

Економскиот растеж во Германија ќе продолжи и во наредната година. Меѓутоа, во 2008, стопанството ќе расте со помал интензитет. Ваквата прогноза ја споделуваат влада, Сојузната банка, но и економските институти.

https://p.dw.com/p/Cdh1
Колкава е опасноста од рецесија? Цените на храната и натаму во пораст.Фотографија: picture-alliance/ dpa

2006 година досега беше најдобрата во тековниот конјунктурен циклус: тогаш економијата во Германија порасна за 2,9 проценти. Толку голем пораст не беше постигнат во последните 6 години.

Во годинава што изминува порастот ќе изнесува 2 ипол процента. Меѓу стапките на пораст од тие две години постои тесна поврзаност. Поради големиот пораст на данокот на додадена вредност за цели три процентни поени, потрошувачите пред време купуваа стоки од повисока вредност – од автомобили до мебел или компјутери. Сосема јасно, таквата потрошувачка ја дигна конјунктурата во 2006, што пак изостана во оваа година.

Кризата во Америка се почувствува насекаде во светот

Во Америка порастот загуби на здив поради кризата на недвижностите и на пазарот со хипотеки. Уште повеќе: многумина во САД веќе сега гледаат ново сениште на рецесија. Тоа секако предизвикува неугодна атмосфера во целиот свет, зашто Америка сепак е најголемата економија, а со тоа и мошне важен играч во светското стопанство. Кризата со хипотеките на банките во светот им го загорчи животот.

Сите сакаа да профитираат од шпекулативните хипотеки, сега сите банки имаат загуби: не само американските, туку и германските или швајцарските. Уште еднаш лакомоста го победи разумот: резултат е тоа што економијата од тоа ќе биде оптоварена уште извесно време. Кон тоа и високите цени на нафтата и скапото евро. Но, тоа не е се. Суровините ги има се помалку поради големата побарувачка пред се во Кина и Индија што ги качува нивните цени. А, бидејќи високите цени водат кон намалување на куповната моќ, потрошувачите ги држат парите кај себе со што се намалува приватната побарувачка.

Германското стопанство - солидно

Сепак, германското стопанство и натаму оди по солидна нагорна линија, констатира германската сојузна банка во актуелниот извештај за конјунктурата. За тоа има добри причини. Во целиот свет, посебно во земјите со забрзан развој со големи приходи од извоз на суровини и делумно со големи девизни резерви, се инвестира во инфраструктурата и индустријата, а новите богаташи нагласено трошат. Ниту една друга земја не е во состојба да испорачува соодветни добра со таков квалитет како Германија: дали станува збор за машини, индустриски постројки, модерни автомобили или високо-квалитетни прехранбени артикли.

Кон тоа и фактот што фирмите во Германија не располагаат само со соодветна извозна палета, туку нудат и одлични сервисни услуги. Во годините на економска слабост дома, фирмите силно експандираа на светските пазари. Сега тоа се исплатува. Резултат е што освен извозниот рекорд, се зголеми инвестирањето дома, зашто многу фирми своите капацитети ги прилагодија на домашната побарувачка.

Инфлацијата приредува главоболки

Меѓутоа, економската слабост на САД, проблемите на банките, високата цена на нафтата и скапото евро предизвикаа намалување на порастот. Од тие причини, германската сојузна банка за 2008 година предвидува пораст од 1,9 проценти, додека некои економски институти се уште попретпазливи во предвидувањата: 1 ипол до 1,6 проценти. Тоа значи порастот продолжува, но со помала динамика.

Дали на тој начин циклусот на пораст се ближи кон крајот и дали конјунктурата во 2009 повторно ќе биде посилна, никој со сигурност не може да каже. На една страна германската економија во споредба со минатите години, стои врз многу посилен темел, но на друга, стапката на инфлација е доволна причина за грижи. Во ноември, стапката на порсат на цените во споредба со истиот месец лани изнесуваше 3,1 проценти, односно јасно преку толерираниот коридор на Европската централна банка од 2 процента.

Централните банки би морале да реагираат со намалување на каматите, но со оглед на кризата на банките, тоа не е можно. Напротив, централните банки во целиот свет пумпаат милијарди во паричниот крвоток со што ги помагаат инфлаторните тенденции. Она пак, што денес се смета за неопходно, веќе утре може да биде кобна грешка.