1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголема заштита за „свиркачите“

М. Јорданова-Дуда/З. Јордановски12 октомври 2015

„Свиркачите“ во стопанството се во многу неповолна ситуација, иако секој соработник е обврзан да спречи штети. Дали едно укажување од вработен можеше да го спаси Фолксваген од штети изразени во милијарди?

https://p.dw.com/p/1GmVC
Фотографија: picture-alliance/dpa/Wuestenhagen

Во концернот Фолксваген имало интерно укажување за манипулирани вредности на издувните гасови, но тој очигледно бил блокиран, вели Јоханес Лудвиг, пензиониран професор по економија и член на раководството на едно здружение на „свиркачи“, кое се ангажира за оние, со чии укажувања на виделина излегуваат скандали. „Фолксваген има многу хиерархиска структура, во која владее клима на страв“, вели Лудвиг и го наведува случајот со Холгер Шпренгер, порано вработен во погонот на Фолксваген во Касел.

Тој мајстор-механичар со години залудно им укажувал на своите претпоставени, на одделот за ревизија, па и на самиот Управен одбор на случаи на измама во претпријатието, на оттуѓување на средства наменети за проекти, на неправилности кај пресметките на трошоците за репрезентација, како и на други неправилности. Во 2003. година Шпренгер конечно им се обратил на Главното собрание и на Надзорниот одбор. Потоа добил отказ.

„Свиркачите“ кои откриваат илегални постапки, влегуваат во голем ризик. „Најчесто се тие некаде најдолу во хиерархијата во претпријатието“, вели професорот Лудвиг. Соработниците, првенствено во акционерските друштва, се всушност обврзани на претпоставените, на интерната ревизија или на економските контролори да им пријавуваат прекршоци. Но, тие што ќе постапат така ги сметаат за „клеветници“ и ги одбегнуваат - последици можат да бидат мобинг, крај на кариерата, па дури и отказ. „Во германското стопанство нема ни изразита култура на критика, ниту на грешки“, констатира професорот - за разлика од САД, каде такви укажувања се сфаќаат како шанса да се поправат неповолните состојби. Таквиот став таму може да се објасни и со тоа, дека кршењето на правилата може да води до огромни исплати за надомест на штетата.

Промена на културата и правна заштита

Кога претпоставените и колегите постапуваат етички, расте готовноста за пријавување погрешни однесувања, цитира Институтот на германското стопанство една студија за менаџментот. Здружението на „свиркачи“ се залага за промена на културата во претпријатијата и за законска заштита на разоткривачите. Треба да биде засилено нивното право да можат да им се обратат на властите или на медиумите, ако се плашат да го користат интерниот пат во фирмата. Конечно, Европскиот суд за човекови права, во случајот со германската негувателка на стари лица Бригите Хајниш, која ги критикуваше нечовечките состојби во домот во кој работела, во 2011. година реши дека „обелоденување на недозволени состојби е покриено со слободата на мислење“.

Во јавноста „свиркачите“ честопати се славени како херои. Но, најголемиот дел од нив, и покрај благородните мотиви, не сакаат јавно да се покажат. Затоа различни системи им овозможуваат анонимно да пријавуваат. Долго време успешно дејствуваше телефонот за анонимни пријави. Но, во некои случаи имало обиди да се идентификува повикувачот преку анализа на неговиот глас и говор и тоа ја поткопа довербата во хотлајн-телефонот. Некои фирми имаат надворешни лица од доверба, таканаречени омбудсмани - но и тука е висок прагот на задршка кај потенцијалните разоткривачи. Повеќе големи претпријатија, органи на власта и покраински криминолошки служби се потпираат врз електронски заштитен уред (БКМС: Бизнис кипер мониторинг систем): тој ги филтрира анонимните укажувања и ги упатува на одредени контролни инстанци.

Мртво електронско поштенско сандаче

Информантот притоа мора детално да изложи на кои оддели, организации и проекти се однесува пријавата. Интенцијата е со тоа да се спречат лажни пријави од незадоволници. Системот не меморира никакви Ај-Пи адреси. Јавувачот може да уреди мртво телефонско сандаче до кое само тој има пристап. Така е достапен за дополнителни прашања, без да треба да го открие својот идентитет. Но, анонимноста сепак не нуди целосна сигурност, оти некои постапки во претпријатијата им се познати само на тесен круг на лица.

Системот БКМС го користи Сојузната антикартелска служба, која ја штити конкурентската борба. „Картелите најчесто се практикуват тајно, па инсајдерските сознанија имаат решавачко значење за нивно откривање и разбивање“, вели претседателот на таа институција Андреас Мунт. За период од три години институцијата добила 996 пријави „со одредена релевантност“. Во мнозинството случаи информантот бил подготвен да комуницира со иследниците преку мртво поштенско сандаче. Меѓу илјадниците пријави, според Мунт, поретки се квалитативно вредните, но веќе и самата можност за анонимни пријави поттикнува дестабилизација на картелите, оти е поголема опасноста да бидат откриени.

Сега се во тек повеќе истраги врз основа на анонимни укажувања. „Пред да поведе постапка, антикартелската служба прво проверува дали наводите имаат соодветен фактички квалитет, дали се доволно детални, придружени и со фактографски материјал за извлекување заклучоци или можат да бидат потврдени со натамошни службени истражувања“, објаснува Мунт. Првата постапка врз основа на користење БКМС беше завршена во јуни: против петмина производители на звучни инсталации за во автомобили, кои меѓусебе се договарале на штета на автомобилската индустрија, се изречени парични казни во износ од 75 милиони евра.