1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доцна е за спас на Шенген?

Барбара Везел/превод:З. Јордановски6 јануари 2016

Лошо и’ тргна годинава на Европа. Шест земји на ЕУ повторно воведоа контроли на границите. Тоа го попречува стопанството. Сериозно е ставен под прашање не само Договорот од Шенген, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1HZ2f
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Meilvang

Повторното воведување гранични контроли за патниците преку мостот на Оресунд не само што им го загорчи животот на луѓето кои секојдневно одеа на работа од Копенхаген во шведскиот град Малме и обратно, туку ги загрозува и економските постигнувања на тој одамна меѓусебно сраснат пограничен регион од две земји од ЕУ. Се наметнува прашањето дали му доаѓа крај на „Шенген“? Малото село на винари на границата меѓу Луксембург и Германија, кои одамна ги обработуваат своите лозја на обете страни на граничната река Мозел, е симбол за Европа без граници и му го даде името на соодветниот договор од пред околу 30 години. Сега селото Шенген би можело да стане и симбол за пропаста што и’ се заканува идејата за обединета Европа.

Шенгенскиот договор, заедно со еврото, се сметаат за најважни достигнувања на ЕУ. Во реоните на старите граници одамна настанаа европски региони во кои љубовта, домувањето, работењето или образованието се одвиваат прекугранично како нешто што е самопосебе разбирливо. Таму стариот живот со гранични рампи и пасошки контроли одамна му препушти место на релаксирано соседство. Сега сето тоа се става на коцка само заради одбрана од доаѓање на натамошни бегалци. Кога шведската влада би постапувала рационално, би морала прво да ја направи оваа сметка: колку чини слом на стопанството во пограничните региони, колкави се штетите за извозното стопанство и, од друга страна, колку би чинело едноставно и натаму да се примаат бегалци?

Но, токму во тоа е проблемот. Овде не станува збор за рационални аргументи, туку за емоции: чувството за губење на националната контрола, одбраната од туѓото, носталгичното сеќавање на некое минато во кое наводно проблемите едноставно можеле да се блокираат. Се чини дека менталитетот на граѓаните не го следеше во чекор напредокот во сраснувањето на Европа во последните децении. Кога станува тешко, тие спасот го бараат во поранешната национална држава - а политичарите во ЕУ се предаваат во голема мера без борба. Со исклучок на Ангела Меркел, тие вкочането и без противодбрана го гледаат подемот на десните популисти. Наместо на луѓето да им објаснат што се’ можат да загубат, ако повторно се повлечеме зад гранични огради и рампи, политичарите од сите бои во Стокхолм, Копенхаген и Париз попуштаат под притисокот од десно.

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара ВезелФотографија: DW/G. Matthes

Со фиксирањето врз Источна Европа како жариште на политичката регресија во последните месеци превидуваме дека десните популисти се тука, меѓу нас. Тие се силни и во порано либералниот Север и изгледаат застрашувачки кај соседите во Франција. Нивната разорувачка сила покажува дејство во речиси сите европски земји. Со оглед на ова, изгледа дека германската канцеларка со нејзиниот оптимизам ќе доживее бродолом. По неодамнешниот самит на ЕУ во Брисел таа изјави дека верува во способноста на Европа да учи и оти мнозинството на земји-членки ќе осознае дека по прашањето за бегалците солидарноста е безусловно неопходна. Но, досега не изгледа дека е така. Напротив, најголем дел од владите порадо прифаќа економски и политички штети, отколку да соработува за изнаоѓање конструктивни решенија - само за да не се покажат како попустливи по прашањето за бегалците.

Дали е уште можно да се спаси Шенген? Веројатно предоцна доаѓаат планираните заеднички контроли на надворешните граници на Европа, некоја заедничка европска политика во однос на бегалците и многу други убави идеи за да се спаси „Европа со отворени граници“. Сомнителниот „дил“ со Турција, која треба да го придуши притисокот од бегалци, досега не донесе никакво позначајно растоварување. Мировните напори за Сирија се загрозени од најновиот конфликт меѓу Иран и Саудиска Арабија. Изгледите се лоши. Годинава започна лошо за Европа и теко е да се извлече макар малку оптимизам од оваа ситуација. Ако во наредните месеци не биде запрена негативната динамика, 2016. може да биде една вистинска "annus horribilis" (ужасна година - н.з.)за Европа.