1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе отколку дискриминација

22 септември 2010

Синтите и Ромите се најголемо етничко малцинство во Европа, се проценува дека ги има околу 12 милиони. Ромите ја обвинуваат Франција за дискриминаторска и расистичка политика. Каква е нивната положба на Балканот?

https://p.dw.com/p/PI8c
Роми во БиХФотографија: Mirsad Camdzic

Францускиот претседател Никола Саркози во јули објави дека однесувањето на Ромите во околу 300 нелегални кампови низ Франција претставува проблем. Затоа владата реши да го расели најголемиот дел од камповите и да ги протера Ромите кои се огрешиле пред законот. Веќе во првите две недели по најавите беа растурени 40 логори и депортирани околу 400 Роми во Романија и Бугарија. Како на тоа гледаат експертите и Ромите и каква е нивната положба во балканските земји?

Дискриминаторска политика

„Не се работи само за дискриминација, според мене, ова се расистички постапки на францускиот претседател Никола Саркози и неговата влада“, тврди Дерво Сејдиќ од Информативниот центар на Ромите за БиХ, убеден дека борбата против криминалот е само изговор на француската влада за односот кон Ромите како народ. Криминалци има насекаде, па и меѓу Ромите, вели тој, но недозволива е паушална оценка. А криминалитетот кај Ромите, според него, има социјална заднина:

„Балканот е најсиромашниот дел на Европа, а Ромите се на дното. Ако во нелегалните логори има криминалци, треба да се бараат токму тие лица.“

Етнизирање на проблемот на Ромите

Во подгреаната атмосфера околу протерувањето на Ромите, меѓутоа, се потиснати во заднина социјалните аспекти на целата проблематика. Направена е грешка, вели истакнатиот романски социолог Николае Георге, долгогодишен ополномоштеник на ОБСЕ за прашањата за Ромите:

Ausweisung von Roma aus Frankreich
Француската влада депортираше стотици Роми во Романија и БугаријаФотографија: AP

„Проблемот е ’етнизиран’, иако неговите корени лежат во социјалната положба на овие луѓе. Стратегијата за подобрување на положбата треба да важи и за нив, но не за нив посебно.“

А таа стратегија предвидува социјална интеграција на Ромите во нивните татковини, вработување, образование. Георге укажува дека широк слој луѓе во Романија, меѓу нив и Ромите, се најде на дното поради економската криза и за него нема место во општеството.

Неспособност за интеграција?

Поддржувачите на протерувањето на Ромите како аргумент често ја истакнуваат наводната неспособност на Ромите за интеграција во општеството, на сила е клишето за циганите-чергари со коњи, што не е точно, укажува бугарскиот активист за правата на Ромите, Румијан Русинов:

„Тоа не е вистина. Бугарија уште во комунистичко време постигна подобри успеси во интеграцијата на Ромите во споредба со другите југоисточноевропски земји, но и со западноевропските. Од околу 800 илјади Роми кои живеат во Бугарија, околу половината се општествено интегрирани.“

Синтите и Ромите денес се најголемото етничко малцинство во Европа, се проценува дека ги има околу 12 милиони.

Rumänien Pferdewagen der Roma
Ромско семејство во БукурештФотографија: picture-alliance/dpa

Без политичко влијание, без свое лоби и стигматизирани од бројни предрасуди, Ромите често се на удар и на деснополитичките сили во Источна Европа. Последните години имаше напади врз нив во Словачка, Унгарија и Романија. Протерувањата од Франција можат да долеат масло на огнот, предупредува Русинов.

А токму на југоисточноевропските земји им треба помош во тој поглед, затоа што не можат самите да ги интегрираат Ромите и да ги запазат нивните малцински права, убеден е Рајко Ѓуриќ, ромски писател од Србија и долгогодишен претседател на Меѓународната Унија на Ромите:

„Ни Романија, ниту Бугарија, ни Србија можат да ги решат овие проблеми без помош на ЕУ и без нејзина контрола. Процесот мора да биде перманентно набљудуван од ЕУ и од другите меѓународни институции, инаку, се‘ се можно“.

Автор: Зоран Арбутина / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска