1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повелете, отворено е!

28 март 2009

Балканот е дел од Европа и затоа што поскоро треба да влезе во ЕУ - оваа изјава на шефот на чешката дипломатија, Карел Шварценберг го отсликува ставот на министрите за надворешни работи на ЕУ околу Западниот Балкан.

https://p.dw.com/p/HLn3
Фотографија: AP

За забрзување на интеграцијата на балканските земји во ЕУ се залага не само чешкиот министер за надворешни работи, Карел Шварценберг, туку и дел од министрите на старите земји членки на Унијата. Шефот на италијанската дипломатија, Франко Фратини, по денешната средба на шефовите на дипломатии на ЕУ, во Хлубока на Влтава, изрази разочарување што преговорите со балканските земји не одат побргу, и притоа особено го истакна примерот на Хрватска, чии преговори со ЕУ заради спорови не одат така бргу како што тоа се очекувало. Британскиот министер, Дејвид Милибанд, изјави дека неговата земја е за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. „Сосема е јасно дека проширувањето на Унијата е во нејзин интерес“, рече тој. Шефот на шведската дипломатија, Карл Билт, изјави дека процесот на проширување на ЕУ се спроведува уште од крајот на 60-тите години на минатиот век и дека секогаш некој бил против тој процес, но дека проширувањето и натаму се спроведувало. Според Билт, доколку на земјите од Западен Балкан им се затвори вратата пред нос, тоа би можело да има страшни последици за регионот.

Зошто чекање?

Чешка, како претседавач со ЕУ, ги отфрла предлозите Унијата да почека со прием на земјите од Западен Балкан додека не провери како ќе функционира со новиот Лисабонски договор. „Со сето почитување кон канцеларката, Европа треба да се обедини што побргу и таа отворена рана на Европа треба да зарасне - значи целиот Балкан да стане дел од ЕУ“, изјави чешкиот министер за надворешни работи, коментирајќи ги ставовите на германската канцеларка, Ангела Меркел во насока на тоа дека е потребна пауза во процесот на проширување на Унијата.

Montage zu Kritik an Merkels Ruf nach EU Erweiterungsstopp
Ангела Меркел ожнеа критики од европските колеги со ставот за пауза во проширувањето на ЕУФотографија: AP / Fotomontage: DW

Слабо претседателство со ЕУ би било катастрофа

Освен Балканот, на средбата во Хлубока се и прашањата за односот на ЕУ кон Белорусија, состојбите на Блискиот исток и економската криза. И, пред се‘ - европскиот реформски процес и владината криза во Чешка. Кулисите како од бајка на замокот Фрауенберг не можат да го одвратат вниманието од владината криза во Прага. Тоа не е официјална тема за дискусија, но министрите за надворешни работи се загрижени околу раководството на ЕУ и ратификацијата на Лисабонскиот договор, кој би можел да пропадне. Италијанскиот министер за надворешни работи, Франко Фратини, вели: „Мислам дека би било катастрофа да се продолжи со слабо претседателство. Мора да му дадеме поддршка на чешкото претседателство до крајот на јуни. Потребно ни‘ е претседателство кое е способно да води низ процесите, и пред се‘, како што Чешката Република и прави - да го организира првиот самит на претседателот Обама и шефовите на држави и влади на ЕУ.“

Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска