1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По шокот мора да уследи акција

Бернд Ригерт/превод: З. Јордановски16 ноември 2015

Г20: Заеднички против теророт. Тоа е добар знак што доаѓа од средбата во Анталија. Но, не треба да се очекуват чуда поради различните интереси, смета Бернд Ригерт. Оти, веќе кај прашањето за бегалците заврши согласноста.

https://p.dw.com/p/1H6ZP
Фотографија: Getty Images/C. McGrath

Учесниците на самитот на државите од групата Г20, шокирани од терористичките напади на исламистите во Париз, издадоа заедничка изјава - што е реткост. Во неа е искажана определбата заеднички да се совлада растечката река од терористички борци. Се чини дека за прв пат воопшто американците, европејците, азијатите и африканците се согласни дека треба да се отфрли теророт во било која форма. Секоја од 20-те држави од клубот Г20 или веќе и самата беше цел на теророт или е во постојана опасност да стане цел. Најновите напади во срцето на Европа покажуваат колку опасна стана во меѓувреме моќната терористичка армија на „Исламската држава“ (ИД).

Всушност, засрамувачки е дека беше потребен најновиот застрашувачки повик за будење, за конечно да ја наведе меѓународната заедница на решително постапување. На крајот на краиштата, само во последните месеци веќе стотици Турци, Либанци, Руси, Нигеријци и туристи во Тунис станаа жртви на злогласните убијци. Водачите од Г20 се шокирани и затоа што се’ уште немаат доволно средства за одбрана на „цивилизираниот свет“, како што го нарече американскиот претседател Барак Обама. Тие веќе не можат да ја гарантираат безбедноста на своите граѓани - значи, веќе не можат да ја извршат суштинската задача на држава. Тоа мора да се промени, побараа сите. Но, како?

САД и Русија мора да соработуваат

Почеток кој многу ветува е средбата на претседателите на Русија и на САД во Анталија. Тие треба да ги надминат разликите во однос на војната во Сирија и заеднички да ја неутрализираат ИД - и во Сирија и во Ирак. Судбината на сирискиот претседател Башар ал Асад може и подоцна да се решава. Се чини дека веќе не е исклучено засилување на воените акции, можеби дури и со копнени трупи или со учество на НАТО. Франција е решена. Германскиот канцелар Ангела Меркел изјави дека заедно со Франција ќе стори се’ што е неопходно. Во наредните денови и недели ќе се види колку е далекусежно тоа ветување.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

За надевање е дека отстранувањето на ИД и враќање мир во Сирија среднорочно би го спречило приливот на нови терористи. Но, не треба да се има илузии. Со бомбардирање во Сирија нема да се ослободиме од терористите кои веќе живеат меѓу нас. Нив мора да ги пронајдат полициските власти. А тука во Европа и во многу држави на Г20 има уште редица незавршени задачи, кои мора да се извршат. Полскиот претседавач со Советот на ЕУ Доналд Туск беше во право кога рече дека мораме да дејствуваме. Веќе не можеме да се дозволиме уште некој самит - како толку многу досегашни.

Во Г20 не може да се очекува солидарност

Согласноста на групата на 20 најважни држави на светот повторно завршува веќе по прашањето за бегалците. Европејците мораат да се соочат со зачудените прашања од други делови на светот, зошто не се во состојба ефикасно да ги штитат своите надворешни граници - не само за да ги регистрираат бегалците, туку и навремено да ги најдат терористите, кои се провлекуваат како бегалци. Европските членки на Г20 ветија подобрувања, но за тоа им е потребна и соработка од страна на Турција. Преговорите со крајно самоуверениот турски претседател Ердоган досега не донесоа задоволувачки резултат. Но, се навестува дека Европа во голема мера ќе и’ излезе во пресрет на Турција, едноставно затоа што во моментов Ердоган седи на подолгата страна на лостот.

Останатите членови на Г20 навистина покажаа големо вербално разбирање за бегалската криза, но се разбира немаше ветување самите да прифатат бегалци од Сирија. Многу држави, меѓу нив и Австралија, Индонезија, Кина, Јужна Африка, Бразил и Саудиска Арабија ја сметаат кризата за регионален проблем на богатата Европа. Тука не помага ни кога Меркел, која е под притисок, и ЕУ апелираат за глобална солидарност. Г20 не е платформа за солидарност, туку таму станува збор за цврсти интереси. Г20 не е ни здружение за човекови права или за демократија. Тука заедничките вредности не играат некоја улога. Во суштина станува збор за економска координација - а во последно време и за одбрана од тероризмот.