1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Шинаватра, и Мубарак во Црна Гора!

10 февруари 2011

Светските медиуми шпекулираат дека и, се‘ уште, актуелниот претседател на Египет Хосни Мубарак би можел да побара спас во Црна Гора, по примерот на екс-тајландскиот премиер Таксин Шинаватра.

https://p.dw.com/p/10CnZ
Хосни Мубарак - какви релации има со Мило Ѓукановиќ?Фотографија: AP

„Нема ниту збор дека ние го подготвуваме теренот за доаѓање на претседателот Мубарак во Црна Гора. Ние не сме ниту пријатели со него, а се’ што имавме заедничко беше неговото присуство на отворањето на некои наши големи проекти“, изјави за црногорските медиуми Самих Савирис, извршен директор на компанијата „Ораском дивелопмент“.

Оваа египетско-швајцарска компанија, според најавите, во следните 12 месеци ќе вложи преку една милијарда долари во изградба на грандиозен проект на полуостровот Луштица на црногорското приморје. Тоа е досега најголемата инвестиција во црногорскиот туризам и според официјални претставници во Подгорица, ќе претставува силен импулс за слабата економија.

Експертот за туризам, Милош Биговиќ вели дека случувањата во Египет ќе имаат влијание врз проектот.

Sveti Stefan - Großbild
Свети Стефан е препознатливо собиралиште на џет-сетот од целиот светФотографија: AP

„Економски погледнато, тоа е јасно како ден. Она што во моментов е непознато е колкав е негативниот ефект од сите тие случувања во Египет за овдешната инвестиција. Значи, ефектите ќе бидат негативни, но не се знае колку точно“, вели Биговиќ.

Врските на Ѓукановиќ и Мубарак

Инаку, Египет е една од последните држави која во својство на премиер ја посети Мило Ѓукановиќ и во таа прилика разговараше со Мубарак. Медиумите шпекулираат дека неговиот син Гамал има бизнис интереси во Луштица, па дури и свој удел во проектот.

Уредникот во неделникот „Монитор“, Зоран Радуловиќ вели дека Ѓукановиќ и Мубарак не ги поврзува само политиката, туку и извесни бизнис релации.

„Едниот е поранешен државен функционер, а како што тргнале работите, и вториот набрзо ќе биде тоа. Оттука, токму тоа и би можело да се случи: политичките врски да се зацврстуваат и надградуваат во помалку или повеќе познати бизниси“, тврди Радуловиќ.

Тој вели дека во последните 20-ина години во Црна Гора прибежиште наоѓале лица кои бегале од правдата, меѓу нив и диктатори кои биле насилно урнати од власт.

Thaksin Shinawatra Flash-Galerie
Поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра си најде сигурно пребивалиште во Црна ГораФотографија: AP

„Ние покажавме дека не бегаме од такви аранжмани: од српскиот бизнисмен Станко Суботиќ кого го бараше Интерпол, па се’ до поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра. Така да, евентуалните слични аранжмани со Мубарак, со неговото семејство или негови пријатели, што во моментов изгледа како можна опција, во суштина не би биле ништо ново“, вели новинарот Радуловиќ.

Автор: Мустафа Цанка/Борис Георгиевски

Редактор: Горан Чутаноски