1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По цимери во виртуелниот „Студентски град“

1 јули 2011

Слушаш рок музика? Те интересира политика? - На овие прашања треба да одговорат студентите, кои бараат стан во виртуелната игра на ДААД „Студентски град“.

https://p.dw.com/p/11TWB
Сцена од виртуелниот „Студентски град“Фотографија: DAAD/Studistadt

Кога студентите од странство доаѓаат во Германија потребно е време додека се прилагодат на овдешниот начин на живот. Имено, прво треба да видат каде може да живеат, потоа колку смеат да работат како студенти и како се одвива процесот на студирање на германските факултети. Најдобро е кога студентите се информираат уште пред да дојдат во Германија. Помош може да побараат од Германската служба за академска размена, накратко ДААД, која за таа цел веќе една година има и специјалнана понуда на својата интернет страница: study-in.de. Од неодамна на неа е активирана и онлајн-играта „Студентски град“, наменета за студентите од странство.

Речиси како во реалниот живот

Кога ќе ја отворат интернет страницата, корисниците ги пречекува шарена воведна реклама за „Студентскиот град“ - анимиран цртан филм, кој посетителите веднаш ги вовлекува во онлајн играта: „Роковите за пријавување во студентските домови поминаа, за да изнајмиш стан немаш доволно пари. Но, за среќа постои студентскиот град и во него имаш повеќе можности за заедничко живеење со други студенти.“

Die Bewohner der Wohngemeinschaften der Studi-Stadt Flash-Galerie
Сцена од виртуелниот „Студентски град“Фотографија: Jennifer Bohn

Во виртуелниот студенски град има пет станови каде заеднички живеат студенти. Оној кој игра треба да се потруди и да си обезбеди место во еден од овие станови, појаснува Џенифер Бон, студент по информатика за новинари на Техничкиот универзитет во Кемниц. Таа е пронаоѓачот на оваа онлајн игра, која ја развиваше заедно со четворица нејзини колеги цела година. „Создадовме фиктивна ситуација - студенти да бараат стан во виртуелен град, и тоа не стан каде самите ќе живеат, туку заедно со други студенти. За таа цел, оној кој бара стан се пријавува на еден т.н. кастинг за место во студентската заеднца и треба да ги убеди другите станари, дека е вистинскиот цимер.“

Сите пет станови каде живеат студентите се различни. Така на пример, едниот е наречен готвачки стан, другиот е стан на момчиња, а има и алтернативен стан. Кастингот се состои во тоа, преку интернет да се одговорат прашањата, што останатите станари му ги поставуваат на новиот цимер. „Здраво, супер што дојде. Повели, влези. Јас сум Феликс, а тие се Хана и Мари.“

Кои се германските репрезентативци во фудбал?

DAAD-Spiel: Studi-Stadt - Bewohner der Szene-WG
Сцена од виртуелниот „Студентски град“Фотографија: DAAD

Во алтернативиниот стан, на пример, корисникот треба да ја знае бојата на партијата кон која припаѓаат политичарите. Во станот каде живеат момчињата, пак, има анимирано фудбалско игралиште, а новиот цимер треба точно да знае на која позиција играат германските репрезентативци. Преку оваа страница корисникот може да најде повеќе корисни линкови, како на пример да се информира за партиите во Германија или за 16-те покраини. Идејата е, впрочем, преку игра да се пренесат податоци за Германија, подвлекува Нина Леменс, раководител на одделот за меѓународни односи и комуникација во ДААД: „Германската служба за академска размена порано беше релативно класично поставена, се разбира и со интернет понуда и тоа веќе подолго време. Но, тоа што специјално и’ се посветуваме на помладата генерација, која очекува поинакви форми на комуникација, сега доби конкретен изглед со воведувањето на новата интернет страница.“ 

Германија поатрактивна за студирање!

На неа, од неодамна, може да се најде и линк за играта „Студенски град“, која може да се игра на германски и на англиски јазик. Онлајн играта произлезе од конкурсот на ДААД  „Авантурата Германија“, финансиран од германското Министерство за образование. На него минатата година конкурираа 12 тимови студенти од цела Германија. Џенифер Бон, притоа, успеа да го убеди жирито, вели Патрик Вилмс, ИТ-експерт и член на жирито: „Госпоѓа Бон релативно брзо се наметна како фаворит, оти овој концепт на игра што ни‘ го презентираше, едноставно продре во сржта на идејата. Едноставно е блиску до реалноста и можеше да се спроведе во дадениот рок.“

Deutsch Louisa Chan Hongkong
ДААД нуди информации за студентитеФотографија: Markus Rimmele

ДААД има за цел преку оваа игра да ги информира младите во странство, но и во Германија и да ги придобие да студираат во Германија и тоа со помош на интерактивни интернет понуди: „Кој ќе го пропушти возот и не е ангажиран во социјалните медиуми, тој ја загубил битката. Имено, токму младите луѓе, во регионите каде засилено се бараат кадри, на пример во Азија, многу се присутни на интернет“, вели Нина Леменс од ДААД.

Германската служба за академска размена исто така ги користеше социјалните медиуми за да ја популаризира својата игра, пред се’ со директен линк преку Фејсбук. Но, оној кој реално ќе дојде да студира во Германија и сака да живее во заедница со други студенти, мора да смета и на директна средба, без тоа не може. Џенифер Бон меѓутоа охрабрува - немојте веднаш да се откажувате, понекогаш студентите посетуваат десетина вакви заедници додека ги најдат вистинските цимери.

Автор: Свенја Инг/ Александра Трајковска

Редактор: Горан Чутаноски