По Скопје, Нимиц на разговори во Атина
8 јули 2009Медијаторот Метју Нимиц денеска е на разговори со властите во Атина, во нов обид да ги приближи страните за договор околу разликите за името. Специјалниот посредник на Обединетите нации по прашањето за разликите околу името меѓу Грција и Македонија претпладнево ќе има средба со шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани, соопштено е официјално во Атина.
Нимиц пристигна во Грција, по дводневната посета на Македонија, во рамките на која оствари средби со шефот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и со шефот на дипломатијата Антонио Милошоски. Медијаторот на ОН донесе во Скопје модифициран предлог на октомвриските сет решенија. Според октомврискиот предлог на Нимиц, уставното име Република Македонија се менува во „Република Северна Македонија“ (Republic of North Macedonia), (на француски: Republique de Macedoine du Nord), кое ќе има целосно правно дејство и ќе се употребува како официјално име на земјата во меѓународен контекст. За домашна употреба ќе може да се употребува името Република Македонија.
Македонскиот владин врв вчера искажал подготвеност да ја разгледува варијантата „Република Северна Македонија“, но под услов дополнителните придавки да останат да бидат означени со „македонски“. Нимиц од своја страна подвлече „Никогаш не сум слушнал кој било официјален грчки претставник да негира дека оваа земја има единствен идентитет и јазик".
Владата и претседателот на државата не објавија официјално соопштение за текот на преговорите со медијаторот на ОН Метју Нимиц.
Дел од експертската јавност предупредуваат дека ако не се реши побрзо проблемот со името, не е исклучено отворената покана за членство во Северноатланската Алијанса да биде условувана со дополнителни политички критериуми. Професорот од Тетовскиот универзитет, Јетон Шасивари предупредува дека во блиска иднина на Македонија може да и’ бидат поставени и други услови, односно критериуми што земјата ќе треба да ги исполни за влез во НАТО. Тоа, според Шасивари сигурно ќе значи криза односно враќање назад во поглед на овие евроатлатнски процеси, предупредува професорот од тетовскиот униветрзитет.
Автор: АТ/АЧ/макфакс