1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По санкциите, Русија смислува реванш

Роман Гончаренко
27 јули 2017

Дали се враќа Студената војна? Согласноста на американскиот Конгрес за заострување на санкциите кон Русија, во Москва се смета за непријателски акт. Експерти стравуваат од политичка ескалација и од руски реванш.

https://p.dw.com/p/2hDBv
Deutschland Trump trifft Putin
Фотографија: picture alliance/dpa/AP/E. Vucci

Руската надеж за нов почеток во односите со САД се чини дека е дефинитивно погребана или одложена за далечна иднина. Одлуката на американскиот Конгрес да воведе нови санкции против Русија, во Москва предизвика мешавина од отрезнување, запрепастување и порив кон реванш.

Многумина руски политичари и експерти дури зборуваат за враќање на Студената војна. „Вашингтон официјално ѝ објави студена војна на Москва“, вели публицистот Константин Егерт во разговор за Дојче веле. Симболичкото значење на законот, со кој Русија е ставена во ист кош со Иран и Северна Кореја, е „дури и уште поголемо од фактичките последици“, вели тој.

„Статусот на Русија како непријател е запечатен“. Русија за американскиот естаблишмент стана дел од метафоричката „оска на злото“, формулација која своевремено ја воведе американскиот претседател Џорџ Буш. Егерт смета дека може да дојде до ескалација на ситуацијата во Сирија или во источна Украина, како дел од руската реакција.

Одговор на хакерските напади

Ова се најострите санкции на САД против Русија од почетокот на руско-украинскиот конфликт во 2014. година. Аргументацијата на Претставничкиот дом е дека е ова одговор на обидот на Москва со хакерски напади да повлијае врз американската претседателска изборна кампања во 2016. година. 

Москва тоа категорично го негира. Новите санкции меѓу другото го погодуваат енергетскиот сектор, клучната бранша на руската економија.

Уште на почетокот на јули, по првата лична средба со Доналд Трамп на маргините на самитот Г20 во Хамбург, рускиот претседател Владимир Путин изрази тивка надеж за „повторно воспоставување на заедничката соработка“. „Барем делумно“, рече шефот на Кремљ.

Дали оваа надеж сега е мртва, портпаролот Дмитри Песков вчера не кажа децидно. Одлуката на Конгресот за нови санкции во секој случај е „прилично жалосна“, рече тој. Кремљ ќе сочека со официјалната рекација до стапувањето во сила на законот.

Symbolbild Beziehungen USA Russland Kalter Krieg
Нормализирање на руско-американските односи не е на повидокФотографија: picture-alliance/chromorange

Новите американски санкции ја оневозможија нормализацијата на односите во догледно време, констатираше заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков вчера во Москва. „Нема веќе да фрламе бисери пред свиња“, рече Рјабков, оваа библиска изрека е најдрастичната вербална реакција на Москва кон Вашингтон во последните месеци.

По победата на Трамп на претседателските избори, Русија практикуваше дипломатска воздржаност и избегнуваше критикување на САД. Освен тоа, Москва се воздржа од реципрочни мерки кога американскиот претседател во заминување, Барак Обама на крајот на 2016. година, како реакција на руските хакерски напади, протера 30 руски дипломати.

Михаил Таратута, реномиран руски експерт за САД и поранешен телевизиски дописник од Вашингтон, смета дека Путин е исправен пред дилема. Блага реакција од Кремљ би била интерпретирана како слабост, напиша Таратута во еден блог за радиото „Московско ехо“, но тврд одговор би значел крај на најголемиот сон на Кремљ, имено, постигнување договор со Трамп и на некаков начин подобрување на односите со САД. Сепак, остра реакција е најверојатна.

„Болно за Американците“

Доколку новите санкции стапат во сила, што Москва го смета за завршена работа, многумина во Русија очекуваат првиот чекор да биде протерување на американски дипломати. Руската реакција би требало да биде „асиметрична“ и „болна за Американците“, пледира Константин Козачов, претседател на Комисијата за надворешни работи во рускиот Федерален совет.

Како тоа изгледа, Русија покажа во 2012. година. На воведувањето американски санкции поради смртта на еден руски адвокат, кој разоткри корупциска афера (случајот Магнитски), Москва реагираше со забрана Американците да посвојуваат руски деца.

Во Русија се зборува за претстојна „спирала на санкции“. Кај голем број експерти владее запрепастеност. „Во дадените услови, воопшто не е јасно што треба да преземе Русија“, вели Фјодор Лукјанов, раководител на тинк-тенк организацијата „Совет за надворешна и одбранбена политика“, блиска до владата, во разговор за новинската агнеција „Интерфакс“.

Karte Nord Stream Pipeline ENG
Во „игра“ е гасоводот „Северен тек“?

Затскриени економски интереси

Во руската државна телевизија американските санкции се претставуваат како европски проблем. Зашто, дел од мерките се насочени против странски претпријатија кои соработуваат со Русија во енергетскиот сектор. Гасоводот „Северен поток-2“, кој треба да лиферува гас од Русија преку Балтичко Море директно до Германија, е дури и поименично наведен. Германија и Австрија веќе го критикуваа можното влијание на американските санкции. И Брисел искажа загриженост.

Рускиот министер за економија Максим Орешкин изјави дека санкциите сеудар „против енергетската сигурност на Европа“. Руски стручњаци во вашингтонските санкции гледаат економски мерки насочени кон тоа да ѝ се конкурира на Русија на европскиот енергетски пазар. Во овој контекст политичарот Козачов пледираше за координација меѓу Москва и Брисел.