1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По нападите во Барселона, омразата кон муслиманите во пораст

Хагар Џобсе
2 септември 2017

Пред нападите во Барселона се чинеше дека Шпанија е речиси имуна на антиисламистичко расположение. Но, бројот на исламофобни инциденти оттогаш е драматично зголемен, поради што муслиманите во Шпанија се загрижени.

https://p.dw.com/p/2jCP8
Spanien - Angst vor Islamophobie | Moschee in Tetuan
Фотографија: DW/H. Jobse

Попладнето кога се случи терористичкиот напад во Барселона, седумнаесетгодишната Фатима ел Химер и нејзината три години постара сестра Хафса биле на шопинг во центарот Гранада, каде што живеат. Додека се качувале во автобус за накај дома, Фатима забележала група жени Шпанки, како зборуваат за нив.

„Ги слушнавме како велат дека било срамно што сме биле на шопинг додека во Барселона има загинати поради луѓе како нас“, вели таа. „Бев шокирана. Никогаш претходно не сум слушнала ваков коментар.“

Овие сестри уште како мали се преселиле со родителите од Мароко во Гранада. Фатима вели дека таа секогаш се чуствувала добредојдена. „Никој во Шпанија не ме третирал поинаку само поради тоа што носам хиџаб. Ниту нападите кои во изминативе години се случија во Франција, Белгија и Британија не го променија тоа. Напротив, многу од луѓето нагласуваа дека знаат оти тие напади немаат никаква врска со мене.“

Но, нешто се промени по 17 август и нападите во Барселона и Камбрилс, во кои згаснаа 16 животи.

„За првпат во мојот живот се чуствувам нелагодно кога сум во град. Луѓето ме гледаат сомничаво, бидејќи носам хиџаб. Пред некој ден еден ми дофрли дека треба да престанам да ги кријам работите под него.“

Фатима не е единствен случај. Муслиманите низ Шпанија, по Барселона, пријавуваат пораст на антимуслманско расположение и напади од омраза. На многу џамии во Гранада, Мадрид, Севилја и Тарагона се појавија графити на кои пишува: „Ќе умрете“ и „Убијци ќе платите за ова!“

Spanien - Angst vor Islamophobie | Haffsa und Fatima el Himer
Хафса и Фатима ел ХимерФотографија: Privat

Четири дена по нападите, 2.500 муслимани излегоа на улиците на Барселона во знак на осуда на тероризмот. Многу од нив носеа написи на кои пишуваше: „Не во мое име“ и „Тероризмот нема религија“. И муслиманската заедница во Мадрид минатиот петок организираше слични демонстрации на централниот плоштад.

Зголемен степен на омраза

Но, нивните пораки не допреа до сите. „Ксенофобичната бура која ги зафати социјалните мрежи е неверојатна“, вели Мунир Бенџелоун, претседател на Шпанската федерација на исламски религиозни заедници.

„Секако многу Шпанци се плашат по она што се случи во Барселона. Но, десноекстремистичката група го искористи овој страв за да шири омраза против муслиманите.“

СОС Барселона која работи против ксенофобија во градот, доби зголемен број на пријави од муслимани кои биле навредени или добиле закана на Фејсбук, вели портпаролот Моника Лопез. „Сѐ уште е рано да се процени што ќе значи ова на долг рок“, вели таа.

Spanien Ripoll Muslime Gedenken Anschläge Barcelona
Муслимани на протест против тероризмот по нападите во БарселонаФотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Seco

За разлика од останатите делови на Европа, екстремните десничари немаат плодна почва во Шпанија. Но, ксенофобијата и исламофобните инциденти се зголемени уште по нападите на францускиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“, кој се случи во јануари 2015.

„Секогаш кога ќе се случи некаков терористички напад некаде во Европа, веднаш се зголемува бројот на инциденти предизвикани од омраза против муслимани во Шпанија“, вели Бенџелоун. Последното истражување на шпанската Граѓанска платформа против исламофобија констатира дека бројот на исламофобни инциденти од 49 во 2014 се зголемил на 567 во 2016.

„Исламофобијата е заразна“

Вчудоневидува како различно реагираше шпанското општество по нападите во Мадрид 2004 година, кога загинаа 192 лица, вели Бенџелоун.

„Тогаш луѓето беа свесни дека терористите кои стоеја зад нападите немаат ништо заедничко со муслиманите кои живеат во Шпанија. Сега се чини дека на сѐ повеќе луѓе им е тешко да ја направат таа разлика.“

Spanien - Angst vor Islamophobie | Chafik El Boudali
Шафик Ел БоудалиФотографија: DW/H. Jobse

Шафик Ел Боудали, триесет и пет годишен сопственик на пиљарница во Мадрид, вели дека дел од неговите постојани муштерии престанале да купуваат кај него по нападите во Барселона. „Не разбирам што мислат“, вели тој. „Дека сите сме терористи? Но, она што се случи во Барселона нема никаква врска со исламот како што јас го познавам.“

Неколку улички подолу Мохамед Тазет, четириесет и седум годишен Мароканец кој има месарница наспроти локалната џамија, раскажува за Мароканка која минатата недела била нападната во метро. „Многу Мароканци стравуваат дека нешто слично може да им се случи и ним.“

Покрај порастот на исламофобните инциденти, Бенџелоун верува дека многу Шпанци се толерантни луѓе кои се свесни дека мнозинството муслимани го осудуваат тероризмот исто како нив: „Погледнете што се случи во Барселона: еден ден по нападите десноекстремистичката група одржа демонстрации против ислам во околината на Рамбла, каде што се случија нападите. Локалните жители ги блокираа улиците за да ги спречат да влезат во таа област и ги избркаа од таму.“

Бенџелоун силно верува дека шпанската држава ќе преземе мерки против десните екстремисти.

„Не можете само да седите и чекате додека само не исчезне, бидејќи тоа нема да се случи. Исламофобијата е многу заразна. Државата мора да ги гони оние кои шират омраза и нетолеранција.“