1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плима на партии, осека на решенија

25 март 2011

Колку повеќе избирачите Албанци во Македонија искажуваат презаситеност од политиката и воздржаност во поглед на обврската да гласаат на избори, толку повеќе се намножуваат партиите во албанскиот политички блок.

https://p.dw.com/p/RBN6
Граѓаните на Тетово се жалат дека има премногу политика, а премалку пари за животФотографија: Sveto Toevski

Аналитичарите избројале 15-тина албански парти, кои биле формирани во изминатите дваесет години на независна Македонија. Сега, во помала или поголема мера, функционираат 7 партии, што се оценува како прекумерно и несоодветно на бројката на албанското бирачко тело.

Сепак, навестено е конституирање уште неколку нови плуралистички субјекти на албанскиот етникум во земјата. Експертите и значителен дел од граѓаните Албанци се против предоминацијата на политиката и запоставувањето на реалните, животни проблеми и потреби на населението.

Новите партии на Албанците не значат политичка пролет - етничките теми се потрошија

Во последниве неколку месеци во Македонија има наплив од новоформирани партии во албанскиот политички блок, спроти навестеното одржување на предвремени парламентарни избори. Покрај веќе етаблираните и најкрупни – ДУИ, ДПА и Нова демократија, опстојуваат уште четири други помали вонпарламентарни албански партии. Но, претстои вклучување во политичкиот спектар и на новата партија на гостиварскиот градоначалник Руфи Османи, со име „Албанска национална преродба“, откако ќе биде промовирана. Албанскиот печат информира и за претстојно конституирање партија со име „Самоопределување“ според теркот на истиот плуралистички субјект од Косово.

Einkaufsstrasse in Tetovo Mazedonien
Einkaufsstrasse in Tetovo, Mazedonien (Aufnahmedatum 22.03.2011) Foto: Sveto ToevskiФотографија: DW/S.Toevski

Што мислат експертите и аналитичарите: која е причината за олкавиот број партии, дали е тоа соодветно на реалните политички потреби на албанското бирачко тело во земјата?

Мерсел Биљали, политички аналитичар од ФОН-универзитетот во Скопје, коментира:

„Кај нас се стекна мислење, еден впечаток: ако сакате да станете богат преку ноќ, тоа ќе биде можно само додека сте дел од власта. Значи, додека власта е криминализирана, тие луѓе, кои формираат политички партии, мислат дека ќе зафатат дел од колачот на тој криминал. Малку кој мисли за интересот на граѓаните.“

„Партии без идентитет“

Независниот политички аналитичар Ибрахим Мехмети од Скопје смета:

„Сите оние кои имаат амбиции да се занимаваат со политика, чувствуваат дека кај електоратот постои незадоволство и разочарување: албанските политички партии немаат понуда за бирачкото тело од својот етникум, затоа што сите теми кои имаа национален карактер, се веќе елаборирани, или се истрошени, или се искомпромитирани. Постои многу различен став кон политичките прашања, значи, немаме еден политички простор каде што ќе се артикулираат некакви заеднички ставови, дури и за најкрупните прашања. Нормално е дека ќе имаме нови политички партии. Има простор за развој на политичката сфера и никој не може да го смени тоа на каков било начин. Друго е прашањето колку може да биде издржано формирањето нови партии, ако ги имаме предвид бројот на населението и воопшто политичкиот простор.“

Rufi Osmani - Bürgermeister von Gostivar
Руфи Османи: Ние ќе припаѓаме на центаротФотографија: DW/S.Toevski

За новите партии во албанскиот кампус професорот Биљали тврди:

„Се работи за политички партии, кои се без идентитет. Тие се појавуваат најверојатно поради стремежите, или интересите на нивните водачи да се вклучат во политичкиот живот. Но, тоа не значи дека се работи за нови понуди, најмалку за политичка пролет.“

Руфи Османи реплицира дека, сепак, неговата нова партија ќе игра значајна улога со својата политика на реформи:

„Ние ќе припаѓаме на центарот. Моето појавување на политичката сцена ќе донесе квалитетни промени не само во албанскиот блок, туку очекувам квалитетни промени да се случат и на рамниште на целата држава .“

На наредната страница:

„Работни места и леб се потребни, не политика, неа ја има премногу!“

Околу појавата на нови албански партии, еве што велат и дел од граѓаните Албанци на Тетово:

„Има премногу партии. Во албанскиот блок треба да има само две партии. Повеќе не би требало да има.“

„Леб треба – политика не треба. Пари нема, работа нема, што ти треба тогаш политика?!“

„Нормално, економија треба!“

„Бројот на бирачи е мал за тие партии. Првин се потребни економија, живот. Луѓето немаат пари, потребни се работни места. Премногу има политика.“

Prof.Dr. Mersel Bilalli FON Universität
Мерсел Биљали: Малку кој мисли за интересот на граѓанитеФотографија: Fatos Musliu

„Треба да има минимално, две партии, а не пет-шест партии, кои не одговараат на капацитетот на бирачите што излегуваат на гласање.“

Ибрахим Мехмети оценува:

„Новите партии ја разбиваат биполарната, црно-бела слика, која ја создаваат ДУИ и ДПА, и можат да влијаат релаксирачки во ситуација на силната спротивставеност и многу високите тензии меѓу тие два партиски блока, како што беше во изминатите изборни циклуси. Постојните албански партии да ги реформулираат нивните позиции и ставови, затоа што националните теми не се веќе на сцена и ќе треба да најдат поконкретни теми, поконкретна понуда, за да ги решат конкретните проблеми на Албанците, не од етничка гледна точка.“

Во албанскиот дел од општествената јавност во Македонија, генерално, се смета дека нови албански партии „само ќе го расцепкаат електоратот од овој етникум и ќе предизвикаат загуба можеби и до пет пратенички мандати од парламентарното конто на сегашните поголеми албански партии“. Меѓутоа, останува второто, уште поважно прашање: допрва да се види дали тие нови албански партии ќе станат катализатори што ќе внесуваат постојано динамика, свежи идеи и нови решенија за економско-социјалните потреби на граѓаните-Албанци. Или, можеби само ќе продолжат да ги вртат истите етнички теми, додворувајќи им се на националните чувства на Албанците во Македонија?

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска