1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плевнелиев: „Му се восхитувам на хуманизмот на Меркел!“

Александар Андреев/Ж.А.17 март 2016

Бегалците избегнуваат рута преку Бугарија, знаејќи дека нема само да бидат проследени до соседните држави, истакнува бугарскиот претседател во интервју за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1IE9o
Фотографија: BGNES

Доче веле: Господине претседателе, дали бегалците и мигрантите, по затворањето на т.н. Балканска рута, може да побараат нова рута преку Бугарија?

Росен Плевнелиев: Со внимание ја следиме ситуацијата на т.н Балканска рута и веќе презедовме превентивни мерки за случај поголеми групи луѓе да се упатат кон Бугарија. Консултативниот Совет за национална безбедност темата ја имаше на дневен ред веќе двапати. Го променивме и законот за одбрана и подготвивме и план за реакција во случај на растечки миграциски притисок.

Сите ние сме засегнати од мигрантската криза, а таа не може да биде решена ако делуваме поединечно и ги следиме само сопствените национални интереси. Потребно ни е заедничко европско решение и цврсти правила што ќе важат за сите. Искуството покажа дека затворањето на една или друга рута може само да ја продлабочи кризата. Тоа важи и за политиката на проследување на мигрантите во соседните држави. Од мој аспект, не постои никаква противречност меѓу придржувањето кон човековите права од еднастрана и ефикасната контрола на границите од другастрана. Бугарија стриктно ги исполнува меѓународните обврски, што го потврдуваат и нашите партнери. Но, ние истовремено очекуваме и поголема солидарност во рамките на ЕУ, со цел да бидат реалзирани веќе постигнатите договори. За време на последниот состанок на ЕУ-министрите за внатрешни работи, се разгледуваше и евентуалниот притисок на мигрантскиот бран врз држави како Италија, Албанија и Бугарија, заедно со мерки за реакција. Се надеваме од нашите партнери да добиеме соодветна помош за Бугарија да не стане заобиколна рута, зашто извесни спогодби и обиди за затворањена Балканската рута одат во таа насока.

Дојче веле: Во случај да порасне притисокот врз бугарската јужна граница кон Турција и Грција, постојат во основа две опции: задржување на луѓето на границите или нивно брзо проследување во правец на Србија или Романија. Како би се однесувале бугарските власти?

Плевнелиев: За разлика од други држави, Бугарија досега стриктно се придржува кон правилата на ЕУ, на Даблинските правила и Шенгенскиот договор. Ние не бараме никакви „креативни решенија“ за заобиколување на проблемите и оптоварување на соседите. Сите бегалци и мигранти ќе бидат регистрирани во Бугарија и спроведени во соодветни собирни центри на Агенцијата за бегалци. Тоа е во меѓувреме познато, па затоа притисокот на мигрантите врз Бугарија е споредливо многу помал отколку врз Грција. Денешните кризи се глобални, решенијата лежат далеку над можностите на поединечни држави. Потребна ни е искреност, нема простор за национални егоизми.

Дали на Бугарија и‘ е потребна посебна помош од ЕУ во врска со бегалците?

Плевнелиев: Да. Трошоците за обезбедување на границата и сместувалишта, згрижување и медицинска заштита на бегалците и мигрантите се тежок товар за нашиот буџет. И договорот меѓу ЕУ и Турција мора да ги земе во предвид интересите и грижите на Бугарија во однос на притисокот врз границите. ЕУ преговара со Турција околу можни мерки за ограничување на бројот бегалци од Турција кон Европа. Бугарија инсистира сите надворешни граници на ЕУ кон Турција да имаат ист третман. ЕУ не смее да се концентрира само врз мигрантскиот бран од Турција кон грчките острови. Преговорите со Анкара треба да бидат проширени и врз границите на Турција со Бугарија и Грција,односно границите во Црното Море меѓу Турција и ЕУ. Инаку, ќе бидат постигнати услови за заобиколни рути. Од самитот во Брисел потребна ни е поддршка за бугарската позиција.

Дојче веле: Покраинските избори во три германски покраини ја покажаа загриженоста на луѓето поради напливот бегалци и мигранти. Во земјата и во странство се слушаат гласови дека хуманитарниот став на канцеларката Меркел е за поздравување, но не и практичните решенија за проблемите. Од Ваш аспект-како да се усогласат хуманизмот и безбедноста на граѓаните?

Плевнелиев: Не гледам никаква противречност меѓу хуманиот пристап кон бегалците и обезбедувањето сигурност од другастрана. Во прва линија мораме да бидеме добри луѓе, хумани и толерантни. Истовремено, нашата хуманост не смее да ја загрози безбедноста. Највредниот и најстабилниот став кој ние Европејците го негуваме од ерата на ренесансата, е хуманоста, сочувството за оние кои страдаат или се беспомошни. Нашите вредности и нашите општествени искуства се нашата сила, а не наша слабост. Се чини едноставно градење нови ѕидови и бркање на другите луѓе. Но, тоа ќе предизвика наша рамнодушност, па наскоро ќе констатираме дека зад нашите новоиградени ѕидишта не останало ништо вредно за одбрана! Но, ние мораме истовремено да бидеме искрени кон економските мигранти, јасно да им покажеме дека не сме во ситуација да ја исполниме секоја поединечна желба за подобар живот. Европа, меѓутоа, е способна да преземе повеќе против причините кои луѓето ги тераат на бегство. Се восхитувам на хуманизмот и човечноста на германската канцеларка Ангела Меркел. Во тешки времиња таа е исклучителен пример за вредносно ориентирана и одговорна политика, за разлика од други политичари во Европа, кои размислуваат и делуваат кратковидно, водени само од тесните партиско-политички интереси.