1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пирова победа на Орбан

Кено Верзек
16 мај 2018

Џорџ Сорос, основачот на фондацијата Отворено општество, веќе со месеци е во центарот на антисемитската кампања на унгарската влада. Кено Ферзек смета дека Унгарија само самата себеси си нанесува штета.

https://p.dw.com/p/2xoCR
Ungarn | Anti-Soros Plakate
Фотографија: AFP/Getty Images

Формално тоа е само преселба. Практично е европски настан со големо симболично значење. Да, на некој начин дури длабок рез во постокомунистичката историја на централна и јужна Европа: фондацијата Отворено општество, својата европска централа во Будимпешта ќе ја затвори до крајот на август и ќе се пресели во Берлин. Причината е „репресивната политичка и законска клима во Унгарија”, како што се вели во соопштение од седиштето во Њујорк. Со тоа завршува ерата која траеше три децении, таму каде што и почна, во Будимпешта. Американскиот милијардер Џорџ Сорос во 1984-та започна во унгарскиот главен град и во неговиот роден град Будимпешта да поддржува антикомунистички опозициски активисти.

Повеќе:

-Сорос-фондацијата ја напушта Унгарија

-Листа „платеници на Сорос“: Почнува одмаздата на Орбан

Унгарија: Пакет закони „Стоп-Сорос“-

Сорос и неговата фондација веќе не гледаат смисла во тоа да останат во Унгарија. Човек би можел тоа да го формулира и на друг начин: идејата за отворено општество во Унгарија привремено пропадна. Но, не само таму: мнозинството земји во регионот се наоѓаат на сличен пат.

Спорна личност

Џорџ Сорос со децении е спорна личност. Неговата активност како шпекулант на берзата и де факто може да се критикува. Но, таа критика би се однесувала на севкупниот финансиски систем на незаузданиот капитализам. Сорос самиот во повеќе наврати се залагаше за построги регулативи за финансискиот механизам. Во најдобар случај би можело да му се префрли дека е неконзистентен. Тој и натаму парите ги заработува во систем кој експлицитно го оквалификувал како хазардерски. Но, кој дава такви квалификации, тој мора претходно да провери дали сопствената егзистенција и средства за издржување на старост не се зависни од истиот тој финансиски пазар. На крајот, во децениските дебати и анти-сорос кампањи кои се водат и во други источноевропски земји не станува збор ни за тие прашања. Сорос бил и натаму е објект на антисемитска кампања, која во таа мерка и во таква брутална отвореност во Европа по нацизмот е без преседан. Тоа што особено тежи е што политичари како Орбан или Фицо во Словачка, Вучиќ во Србија, Драгнеа во Романија, Груевски во Македонија или Рама во Албанија со анти- и стоп-Сорос кампањите продолжуваат една не само страшна германска, туку и традиција на комунистичките диктатури на Источна Европа, кои со децении водат и антисемитски кампањи.

Kommentarbild PROVISORISCH Keno Verseck NUR APP
Кено Ферзек, автор на коментарот

Причината за актуелните анти-Сорос кампањи е што со милијардите кои ги донираше тој го дал еден од најголемите приватни придонеси за демократизацијата на поранешните комунистички диктатури во Источна Европа. Тука се вбројува и поддршката на безбројни граѓански проекти кои се грижат за контрола на центрите на моќта. И токму тоа им пречи на авторитарните и нетранспарентни модели на владеење на политичари како Орбан.

Симболичен преседан

Тоа што Сорос од политички причини сега се повлекува од една ЕУ-земја е симболичен преседан. Такво нешто досега се случувало само во земји како Русија. Самата преселба ни за Сорос, ниту за неговата фондација нема да има некакви реперкусии. Фатални последици може да има само за Унгарија. Многу луѓе во земјата, особено млади школувани, ќе ја сфатат преселбата како уште еден сигнал за и тие самите да заминат, како и стотици илјади пред нив од 2010. наваму. Кампањите со ширење омраза ја затруја климата во општеството. Една земја не може на тој начин да гради одржлива иднина. Затоа повлекувањето на фондацијата Отворено општество од Будимешта само навидум е успех за Орбан и за неговата кампања Стоп-Сорос. Победата е Пирова.