Пиварството - од занает до наука
23 мај 2011Португалката, родена во Макао со азиатски корени, Каијан Хои оддава впечаток дека точно знае што сака да постигне. Таа не е случајно на студии по пиварство и технологија за производство на пијалоци во Вајенштефан. Имено интересот кај неа постои од поодамна, а и нејзиниата матурска работа беше по предметот хемија, поточно за процесот на производство на пиво. „Се разбира претходно се информирав, што може да се студира. Ги сакам сите природни науки, но не сакав да студирам само хемија. За среќа, преку стручната подготовка за матурската работа наидов на пиварството.“
Некои од нејзините колеги меѓутоа не се толку добро подготвени. Тие сметаат дека е лесно да се студира пиварство, па затоа набрзо се откажуваат, раскажува Каијан: „Искрено кажано под пиварство и технологија за производство на пијалоци се подразбира, пиење, забави, лесни предавања, меѓутоа многумина ги потценуваат овие студии. Тие опфаќаат повеќе природнонаучни предмети, а повеќето од колегите се добри само по еден предмет. Во еден семестар има по околу 10 испити, за разлика од другите студии каде се само пет.“
На почетокот за време на предавањата се’ уште не се зборува за ферментацијата, имено доцентот на студентите прво им ја претставува техниката на текот на производството, а потоа им објаснува кои процеси, физички процеси, се одвиваат во пивската бочва. Со нејзиното знаење по хемија, математика и физика, Каијан честопати им помага на своите колеги. Што се однесува до плановите за во индина, по добивањето на бечелор дипломата таа ќе продолжи со мастер студии, а потоа баварската култура за пивото ќе ја пренесе во Кина, во земјата на нејзините предци.
Досега Каијан се’ уште не се испробала во ферментирањето, меѓутоа ги познава луѓето од пиварницата за вежбање. При производството пивото се загрева до 70 степени целзиусови. Сребрените пивски бочви, со кои се вежба, имаат пречник од околу метар и половина и собираат околу 800 литри пиво. Во споредба со вообичаените бакарни пивски буриња, овие садови се релативно мали. „Ние сме пробна пиварница“, вели чиракот Ханес Колб и го објаснува баварскиот закон за чистота на пивото: „Значи состојки на пивото се вода, слад, хмељ, и подоцна во подрумот каде се врши ферментација се додава уште квасец. Тоа е всушност се’ што смееме да користиме. Добро, ние сме малку специфични и смееме да експериментираме. Тоа е предноста, кога се работи за факултетот. Меѓутоа според законот за чистота на пивото смеат да се користат само овие четири состојки.“
Дали Каијан, при производство на пиво во Кина ќе се придржува до овој баварски закон, се’ уште не е сигурна, но затоа веќе смисли добро име за пијалокот од јачмен во Кина: „Се презивам Хои, затоа мислев пивото да се вика ’Хои-Број’. Оти ова име може да се каже и во пијана состојба. Мислам дека идејата е интересна.“
Кајан е задоволна со студиите на универзитетот во Вајенштефен - речиси: само да не беше патот меѓу институтите толку долг, постојано нагоре, надолу. Затоа има една идеја: „Во лето е нависина напорно, кога температурата се искачува до 30 степени, а честопати мораме да се качуваме и симнуваме по ридот. Ова го зборувам, верувам во името на многу студенти, затоа предлагам ридот да се израмни.“
Автор: Инке Хусеин/ Александра Трајковска