1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет најголеми ризици за сиромаштија на децата

Маркус Литике/ Жана Ацеска28 октомври 2014

И во индустриски богатите земји деца растат во сиромаштија. Финансиската криза од минатите години ја заостри ситуацијата за многу деца. Но, има и исклучоци, како што покажува извештајот на УНИЦЕФ.

https://p.dw.com/p/1Dd5m
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Деца на рецесијата“- вака го нарече УНИЦЕФ својот извештај за ситуацијата на децата во богатите држави. Економската и финансиската криза од минатите години во многу земји доведоа до кратење на расходите и драстични резови во социјалните системи. Најпогодена од овие мерки беше и е генерацијата на тинејџерите. Во 41 најбогата земја во светот околу 76,5 милиони деца живеат во релативна сиромаштија, што значи дека нивните семејства располагаат со помалку од 60 проценти од просечниот приход. Во Грција, Литванија и Шпанија се засегнати над 36 проценти од сите деца, во САД 32 насто и во Италија 30 проценти.

Пет фактори на посебен начин го зголемуваат ризикот од детска сиромаштија:

1. Невработеност на родителите

За време на финансиската криза во најголем дел од индустриските земји многу се зголеми невработеноста. Тоа е посебно изразено во јужна Европа. Подолготрајната невработеност речиси секогаш со себе носи и социјален пад. Кога родителите ќе ја загубат работата, децата страдаат на повеќе нивоа.

„Кога родителите ќе останат без работа, децата се загрижени и напрегнати“, се вели во извештајот. Често таквата ситуација негативно се одразува врз успехот на децата во училиштето, што пак дополнително ја зголемува тензијата дома. Во Грција 21 процент од анкетираните деца изјавиле дека најмалку еден од родителите останал без работа во текот на финансиската криза. 27 проценти рекле дека напнатоста во семејството се покачила за време на кризата.

Arbeitsamt in Madrid Archiv 2012
Кризата придонесе голем број родители да останат без работаФотографија: picture-alliance/dpa/Fernando Villar

2. Мала државна поддршка

На некои влади, и покрај кризата, им успеа да ја намалат детската сиромаштија во нивните земји. Во никој случај не е неизбежна судбина поради стопанскиот пад децата особено да страдаат, заклучуваат авторите на студијата. Меѓу 2008 и 2012 година значително опадна стапката на детска сиромаштија во Чиле, Полска, Австралија и Словачка. Во Германија остана речиси непроменета, додека во Исланд, Грција, Литванија, Хрватска и Ирска драстично се зголеми. Според УНИЦЕФ, причините за тоа лежат првенствено во различната поддршка на семејствата. Додека некои од државите радикално ги скратија издатоците за децата и семејствата, други, без оглед на напрегнатата состојба на буџетот, акцент ставија врз целна поддршка токму на оваа група.

3. Самохрани родители

Посебно загрозени од сиромаштија се децата на самохрани родители. Една од причините е недоволната понуда за згрижување во многу земји. Поради тоа, самохраните често можат да прифатат само половина работно време или извесен временски период воопшто не работат, а следствено на тоа имаат малку пари. Ако самохран родител ја загуби работата, во семејството нема втора плата, која барем делумно би можела да го амортизира финансискиот пад.

4. Миграциски корени

Децата од доселенички семејства најчесто се изложени на повисок ризик од сиромаштија отколку децата од мештаните. Јазичните бариери и непризнатото образование често ги спречуваат мигрантите да најдат добро платени работни места. Затоа, економската и финансиската криза во многу земји натпросечно остро се одрази врз семејствата со миграциско потекло. Во Грција детската сиромаштија кај децата од доселенички семејства порасна за 35 процентни поени, додека кај останатите семејства за само 15 насто. Слична е сликата и во Исланд. Таму стапката од 38 проценти кај децата од мигрантски семејства е двојно повисока отколку кај децата од домородните родители.

Symbolbild Schüler mit Migrationshintergrund
Децата на мигрантите се позагрозени од сиромаштијаФотографија: picture-alliance/dpa

Многу деца во семејството

Сестрите и браќата го збогатуваат животот на децата, но истовремено го покачуваат и ризикот од сиромаштија за семејството. Со секое наредно дете расте потребата од станбен простор, облека, храна и училишен прибор. Според УНИЦЕФ, домаќинства со две деца се соочени со 40 проценти повисоки трошоци отколку семејство без деца. Паралелно со бројот на деца растат и задачите за згрижување. Домаќинството и семејството тогаш често стануваат целосен ангажман, за професионална работа не останува многу време. Помошта од државата во форма на детски додаток, бесплатно згрижување на децата во градинки и целодневни училишта може да го редуцира товарот токму на многудетните семејства.

Извештајот на УНИЦЕФ предлага различни мерки за сузбивање на детската сиромаштија. Во нив спаѓаат долна граница на заработувачката за семејствата, целни мерки за интеграција на родителите на пазарот на труд и пристап кон образованието уште во рана детска возраст под поволни парични услови. Благосостојбата на децата, истакнуваат авторите на студијата, не е приоритет само од етички аспект, зашто, конечно, иднината на секоја поединечна земја зависи од генерациите кои доаѓаат.