1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензионерите може да останат без пензии!

19 август 2010

Во Хрватска има скоро исто толку пензионери, колку и вработени. Наскоро може да се случи да снема пари за исплаќање на пензиите. Затоа владата планира да направи постриктна класификација според работниот стаж.

https://p.dw.com/p/Oojv
Владата на Хрватска изработи предлог-закон за реформи во пензискиот системФотографија: AP

Хрватската влада достави до парламентот предлог-закон за промена на пензиското осигурување. Во него се предвидува намалување на пензијата на предвреме пензионираните, за 4,08 насто годишно. Исто толку ќе биде зголемена пензијата годишно, ако се надмине старосната граница за пензионирање, од 65 години кај мажите и 60 години кај жените.

Досега Хрватите добиваа 1,8 насто помалку по година, ако се пензионираат предвреме. Во иднина, вработените кои сакаат да се пензионираат пет години порано од пропишаното, ќе примаат пензија помала за 20,4 насто. Целта на владата е да го направи предвременото пензионирање помалку атрактивно и да ги задржи вработените на работното место до одредената старосна граница, па и подолго. Покрај тоа, од 2011 година ќе се покачува старосната граница за пензионирање на жените за половина година, се‘ додека во 2020 година не се изедначи со онаа за мажите.

Премлади пензионери

Jadranka Kosor Premierministerin Kroatien
Хрватската премиерка Јадранка Косор ги образложи промените во законотФотографија: AP

Како оправдување за ваквите мерки, министерот за економија Ѓуро Попијац истакнува дека пензискиот систем долгорочно едвај може да се финансира, поради бројот на оние кои примаат пензија. Премиерката Јадранка Косор го потврди тоа со конкретни бројки:

„Само 11,65 насто од пензионерите имаат работен стаж од 40 години, додека 23,81 насто од нив се со работен стаж од 35 до 39 години. Овие податоци можеби помагаат да се разбере оваа одлука.“

Промените во законот треба да стапат на сила до 1 октомври.

Повеќе работа, повисока пензија?

Во Хрватска бројот на вработените е само малу поголем од бројот на оние кои примаат пензија. При 1.532.633 вработени има 1.187.509 пензионери. Затоа веќе подолг период експертите предупредуваат од колапс на пензискиот систем. Можно е набргу да не се уплаќаат доволно средства во пензиската каса, за да се исплатат сите кои во моментот примаат пензија. Освен тоа, 70 насто од пензиите кои се исплаќаат сега не изнесуваат повеќе од 2.000 куни, односно околу 300 евра. Но, тоа не е доволно за достоинствена старост.

Автор: Гордана Симоновиќ / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска