1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Педагошки факултети

13 септември 2010

Наставниот кадар во Германија се образува на педагошките факултети, каде преку теоретско потковување и мноштво практични искуства се подготвуваат за ангажман во основните и средните училишта.

https://p.dw.com/p/Ovg7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во сите германски покраини, поранешните виши педагошки школи прераснале во универзитети, или, пак, во факултети што функционираат во склоп на универзитетите. Единствено во покраината Баден-Виртемберг тие и натаму дејноста ја вршат како самостојни институции.

Наставници за сите училишта освен за во гимназиите

Основна задача на педагошките факултети е образованието на наставници за основните училишта до петто оделение (Grundschule); за основните училишта од петто до деветто оделение со ориентација кон практична работа (Hauptschule); за основните училишта од петто/седмо до десетто оделение (Realschule), како и за училиштата за деца со посебни потреби (Förderschule). Училиштата за деца со посебни потреби не се однесуваат само на хендикепирани лица, туку и на ученици кои имаат тешкотии во учењето од разни причини. На некои педагошки факултети се образуваат и наставници за училиштата за стручно усовршување.

Deutschland Lehrer Klassenzimmer Deutschunterricht in Grundschule
За успешна педагошка работа неопходно е да се совладаат предмети како педагогија и методикаФотографија: picture-alliance/ ZB

На соодветните студии детаљно се разработува дидактиката на стручната област. Освен тоа, распоредот на часови предвидува едукативни предмети како општа педагогија, училишна педагогија, педагошка психологија итн. Идните наставници кои се подготвуваат за основните училишта, покрај задолжителниот предмет, мора да изберат и еден предмет од музичко-естетички карактер. Кон ова се додава и предметот по елементарна настава.

Собирање практични искуства

Задолжителен составен дел на студиите на педагошките факултети е и праксата во училишта. За сите студиски програми, еднаш месечно е предвидена практична работа за време на предавањата од семестарот и два блока од по четири недели практична работа во периодот без предавања. За многу студенти оваа практична работа претставува можност да преиспитаат дали се доволно подготвени да одговарат на барањата на педагошката професија. По завршувањето на студиите, сите студенти треба да посетуваат подготвителен семинар за практична училишна обука, кој вообичаено трае осумнаесет месеци.

Lehrer
Практичната работа во училиштата е доказ за напредокот на идните наставници и педагозиФотографија: DW

За студирање на педагошки факултет, потребна е успешно положена матура, а ако некој кандидат назначи музика, уметност или спорт како изборен предмет, мора да полага и приемен испит. Студиите, во зависност од покраината, се завршуваат со полагање државен испит, или со стекнување диплома од мастерскиот циклус.

Автор: Клаудија Унзелд/ Габи Ројхер/ Далибор Стајиќ

Редактор: Александра Трајковска