1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патриотски учебници - тренд во ЕУ

Дана Александра Шерле
4 ноември 2017

Повеќе патриотизам и религија, помалку плурализам во мислењата: не се само учебниците во Турција кои се развиваат во тој правец. И во земјите на ЕУ наставниците предупредуваат од државна индоктринација

https://p.dw.com/p/2mFf4
Symbolbild Frustration Überforderung Schule
Фотографија: Fotolia/michaeljung

Деца што маршираат и пукање како дел од наставата: тоа што за многумина од Источна Европа личи на мрачно сеќавање на комунистичките диктатури од 1989-та, би можело да биде среде Европа дел од школското секојдневие. Во Унгарија премиерот Виктор Орбан побара од министерствата за одбрана и за човечки ресурси до крајот на годината да разработат „Патриотска воспитна и програма за одбрана на татковината". Таа треба да влезе во националниот план за изучување во училиштата.

Националистичка и религиозна индоктринација"

„Нашите училишта политички и административно комплетно се под управа на владата, веќе сега повеќе личат на касарни", коментира критички кон власта настроениот унгарски научник Петер Радо. Од 2011-та националистичко-конзервативната власт во Будимпешта го реформира целиот школски систем во Будимпешта и меѓу другото го укина слободниот пазар за учебници. „Тоа е загрижувачки", вели Радо. Наставниците може да употребуваат во една школска година и по еден предмет само два претходно одобрени учебници.

Во Романија министерот за образование предложи да се воведе еден единствен учебник по предмет и генерација во целата држава.

Критичарите предупредуваат дека унифицирани учебници потсетуваат на времето пред 1989-та кога владееше диктаторот Чаушеску.

Општо земено, промените на учебници и наставни планови се во тие случаи проблематични „кога наставата е јасно насочена кон тоа еден светоглед да го наметне како општоважечки", вели Кристијане Брандау од Георг Екарт, Институтот за меѓународно истражување на учебници со седиште во Брауншвајг.

Од гледна точка на Петер Радо токму тоа важи за Унгарија: „Националистичката и религиозна индоктринација е распространета и многу подалеку од учебниците", вели во разговор со ДВ. Научникот посочува дека во унгарските училишта религиозната настава практично нема алтернатива: „Теориски предметот религија може да се замени со етика, но содржински минимално се разликуваат."

Türkei Schüler mit Nationalflaggen
Турски ученици на парада во АнкараФотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Дарвиновата теорија за еволуцијата: прекомплицирана"

Најпознатиот пример во овој контекст е Турција. Уште од 80-тите години во турските учебници се споменува и теоријата за божествената креација. Дарвиновата теорија сега ќе се предава само во скратена форма. „Прекомплициран", „преконтроверзен" бил голем дел од материјата за настава, беше официјалното образложение на Анкара. На место на теоријата за еволуцијата ќе се воведувал нов предмет „Живи суштества и околина". Хатиџе Карахан е меѓу главните советници на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Во разговор со ДВ го брани турскиот наставен план. Таа не мисли дека е во спротивност со напредокот на турските училишта тоа што се вади теоријата за еволуцијата од наставниот план. „Различни земји имаат различни курикулуми и кај нас многу училишта се фокусирани на технички предмети", објаснува Карахан. Остри критики има од академските кругови на опозицијата. „Да тргнеш од наставен план докажана теорија значи дека не го почитуваш знаењето и науката. Владата на АКП го заменува наставниот план со принципи на Шеријатот", вели Борис Јаркадас, пратеник на најголемата опозициска партија во турскиот парламент.

Критичарите стравуваат дека е обид на исламско-конзервативната партија АКП да ги омекне секуларното принципи на Турција. Тие посочуваат дека во новите распореди помалку ќе се учи за лаицистички настроениот основоположник на современата турска држава Мустафа Кемал Ататурк.

Политичари во учебници по историја

За односот кон и интерпретацијата на значењето на личности од историјата, Русија е најеклатантен пример. Патриотското воспитување таму одамна е дел од образовната политика. Книга на историчарот Андреј Суслов за репресиите од страна на Сталин, државата ја оквалификува како „штетна по здравјето на децата". Неговата диктатура во руските школи се изучува како нужна за тогашните околности и со тоа се легитимира. Казнените логори и убиствата на критичари на режимот не одговараат во сликата за херој. Суслов пред судовите води битка за неговото дело да биде симнато од црната листа.

Стара метода со свежа обработка е не само да се глорифицираат национални херои од минатото, туку и да им се најде место во учебниците по историја на политичари кои се уште се живи. Унгарскиот премиер Виктор Орбан во нова книга по историја повеќепати е цитиран како непартиски татко на нацијата. Учениците за бегалската криза учат од негов испечатен говор. Според тоа Унгарија била хомогена земја и во споредба со поранешните колонијални сили не сакала тоа да го жртвува.

Ungarn Schulbuch Viktor Orban
Виктор Орбан во учебник, се цитираат негови изјави од екот на бегалската кризаФотографија: DW/D.Nolan

Добри доселеници, лоши доселеници

Во актуелна книга од Полска по предметот „Општество“ учениците од седмо одделение читаат дека бегалците според нивното потекло имале „позитивни или негативни влијанија". „Мигрантите од Украина би затвориле дупки во пазарот на трудот, додека луѓе од други култури и религии придонесуваат за општествени тензии", цитира варшавскиот наставник по историја Јачек Станишевски од книга во разговор за ДВ.

„Не знам дали за вакво нешто да плачам или да се смеам", вели педагогот кој е ангажиран во паневропската организација за професори по историја Еуроклио. Станишевски е критичар и на враќањето на осмолетката што повторно ја воведе сегашната Полска влада: „Исто е како порано во комунизмот."

Моите ученици заслужуваат повеќе од само една перспектива"

Во Полска актуелно хуманистичките предмети како историја имаат поголемо значење. Зад нивното зајакнување во распоредот може да се крие и многу повеќе: „Во новиот полски наставен план се работи според принципот 'Ние против другите', особено по историја", смета Станишевски. „Владата сака наратив кој ќе го дефинира нашиот идентитет особено во контраст кон Германците и Русите".

И фокусот на националната историја отвара многу прашања: од оваа година историјата не почнува со тематизирање на античкото време, туку дури од 10-тиот век, кога првиот полски владетел ја основал државата Полска и го вовел христијанството. „Потоа учениците учат цела година еден куп полски национални херои", објаснува Јачек Станишевски.

Овој професор не сака да ја смени неговата настава и покрај промените во наставниот план. „Моите ученици заслужуваат да дознаат за повеќе од само една перспектива", вели тој. За разлика од Унгарија, полските професори имаат голем број книги на располагање и не се обврзани да користат некоја одредена книга. Станишевски останува убеден: „Наивно е од владата да се обидува да ги индоктринира луѓето. Тоа на комунистите не им успеа ни за половина век."