1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патниците низ „сито и решето“

4 јануари 2010

По неуспешниот терористички напад на американскиот авион на линијата Амстердам-Детроит, американските власти повторно ги засилија безбедносните мерки на аеродромите. Детално ќе се прегледуваат патници по случаен избор.

https://p.dw.com/p/LJRl
Долги редици заради засилените контроли на аеродромот во ЊујоркФотографија: AP

Од денеска патниците од одредени земји ќе бидат подложени на засилена контрола на американските аеродроми, истакна претставник на американската влада во Вашингтон. Ова најмногу ќе ги засегне патниците од вкупно четиринаесет земји, кои според проценките на САД, го поддржуваат тероризмот, како Куба, Иран, Судан или Сирија. Освен тоа, на подетални претреси можат да сметаат и патниците кои во САД доаѓаат од Авганистан, Алжир, Ирак, Либан, Нигерија, Пакистан, Саудиска Арабија, Сомалија и Јемен. Патниците од овие држави ќе бидат скенирани, а нивниот рачен багаж ќе биде претресуван.

Jemen US-Botschaft
Јемеснки војници пред американската амбасада во СанаФотографија: AP

Затворање на амбасадите

Освен заострувањето на безбедносните мерки на аеродромите, како резултат на се` почестите закани кои доаѓаат од терористите во Јемен, вчера Велика Британија и САД ги затворија амбасадите во јеменскиот главен град Сана. Постојат сигнали дека Ал Каеда планира напади врз цели во овој град, истакна советникот на Барак Обама за внатрешна безбедност и антитероризам, Џон Бренан:

„Врз основа на информациите што ги добивме од тајните служби за планирани напади од страна на Ал Каеда, при што целта можеби се и нашите амбасади, најдобро беше да ги затвориме. Имаме тесна соработка со јеменските власти, во насока на отстранување на ваквата опасност“, истакна Бренан.

До кога дипломатските претставништва ќе останат затворени, засега не се знае. Како резултат на најновите случувања и германската амбасада во Јемен ги заостри безбедносните мерки, иако досега немало конкретни директни закани, истакна портпарол на министерството за надворешни работи во Берлин. „Работата ќе продолжи, но под засилени безбедносни мерки“, соопшти портпаролот на министерството.

Заедничка иницијатива за безбедност

Зачестените сигнали дека се можни напади врз американски и британски институции во Јемен, беа повод за затворање на амбасадите, но и за заедничка иницијатива на двете земји. САД и Велика Британија имаат намера да и` пружат финансиска поддршка на јеменската единица за одбрана од тероризам. Портпарол на британската влада соопшти дека Велика Британија во 2011 година на Јемен ќе му даде повеќе од 112 милиони евра помош. Помошта е договорена со јеменската влада.

„Работиме заедно со САД во насока на подобрување на борбата против тероризмот во Јемен. Јемен, исто како и Сомалија, е еден од регионите каде мораме повеќе да се ангажираме,“ истакна британскиот премиер Гордон Браун, кој во петокот даде предлог за одржување меѓународна конференција посветена на состојбата во Јемен. Средбата би можела да се одржи на маргините на меѓународната конференција за Авганистан, што во Лондон ќе се одржи на 28 јануари.

Автор: ТТ/ГЧ/дв/афп/дпа/ројтерс

Редактор: Жана Ацеска