1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите ќе тактизираат до последен миг

Катерина Блажевска23 февруари 2016

Пред истекот на „денот Д“ во оптек се две шпекулации: првата, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од избори на 24-ти април, и втората, дека на повидок е постигнување договор изборите да се одложат, но под неколку услови.

https://p.dw.com/p/1I0DN
Фотографија: MAKFAX

До полноќ истекуваат последните часови во кои пратениците можат со нова одлука ја укинат одлуката донесена на 18 јануари за распуштање на Собранието на 24 февруари. За промена на одлуката треба да гласаат најмалку 62 пратеника. Ако ниту една политичка партија денеска не поднесе иницијатива за промена на одлуката, Собранието ќе се распушти, а изборите ќе се одржат на 24-ти април и покрај оценката на гарантите на Договорот од Пржино, ЕУ и САД, дека не се исполнети условите за одржување фер избори. Пред истекот на „денот Д“ во оптек се две шпекулации: првата е дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од договорените избори на 24-ти април, и втората - дека на повидок е постигнување договор изборите да се одложат, но под услов веднаш да се фиксира нов датум. Односно, изборите да се одложат најмногу за шест недели и да се закажат за 5-ти јуни, но и да има „сигурни гаранции“ дека веќе нема да има барања за одложување. Од друга страна, нема информации дали на барањето гаранции дека тој датум нема да се одложи, ќе се дадат и гаранции дека ќе се исполнат потребните услови што гарантираат кредибилен изборен процес. Наводно, разговорите околу тоа ќе продолжат интензивно и денеска, а ако завршат со успех, односно со консензус меѓу четирите потписници на Договорот од Пржино, тогаш до полноќ парламентот прво треба да изгласаа поништување на одлуката за самораспуштање, а потоа и измена на Изборниот законик, во делот каде датумот за избори е дефиниран за 24-ти април. Помош во изнаоѓањето консензус се очекува да дадат и тројцата европарламентарци - Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан, кои денеска се во Скопје. Амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, преку Твитер порача дека посетата на европратениците е последна шанса за партиските лидери да пронајдат решение. Тој потврди и дека амбасадорите на земјите-членки на ЕУ разговарале за ситуацијата во Македонија.

Во партиски ровови

За разлика од разговорите што се водат зад завесата, на јавна сцена доминираат тврди партиски ставови. До синоќа ниту една партија не поднесе иницијатива до Собранието за повлекување на одлуката од 18 јануари за распуштање на парламентот. Од СДСМ соопштија дека тоа треба да го сторат партиите што ја покренале иницијативата за распуштање на парламентот. Синоќа, ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше дека немаат намера да поднесат таква иницијатива, а се повикаа и на одлуката на партиските органи.

Mazedonien Besuch der Europaabgeordneten Kukan Vajgl und Howitt
Eвропарламентарците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан денеска се во СкопјеФотографија: MIA

„ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија, со висок степен на демократија, внатрешна демократија, во органите и во телата на партијата. Во овој момент одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и одлуката на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е за избори на 24 април“, изјави синоќа Никола Тодоров, член на ИК и шеф на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Во партијата сметаат дека има услови за одржување на веродостојни избори.

„Претставниците на САД и ЕУ не презентираа ниту еден сериозен и кредибилен аргумент во прилог на тезата за неподготвеноста на Република Македонија за избори со што е јасно дека станува збор за проценка базирана на политичка одлука, а не факти“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Провладините медиуми излегоа со ставови дека гарантите на Договорот со оценката се ставиле на страната на една партија, која не сака избори.

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, кој вчера даде интервју за три телевизии, изјави: „Не избираме страна, не застапуваме ставови на една или друга партија. Нашата задача е да се трудиме на партиите да им овозможиме консензус и земјата да се придвижи напред“. Тој нагласи дека Договорот од Пржино не е мртов, но дека во вторник до полноќ ќе стигне до точката од која нема враќање.

„Клучното прашање сега е да се одлучи денот на изборите. Тоа е најкритичкото прашање во писмото што му го испративме на премиерот. Сè уште сум убеден дека Договорот од Пржино е жив. Тоа е патот што води кон излезот од кризата. Имаше други моменти кога тој договор некои сметаа дека е мртов и секогаш луѓето седнуваа и донесуваа одлуки и се одеше чекор понапред, па оптимист сум и тоа ќе останам“, рече амбасадорот на САД, нагласувајќи дека се согласува со ставот на еврокомесарот Јоханес Хан, дека „суштината и квалитетот на изборите се поважни од датумот“, и дека сега одлуката е кај парламентот.

Оценката кај секретарката или портирот?

Вчера дел од медиумите објавија и дека амбасадорот на САД и заменикот-амбасадор на ЕУ, не успеале оценката за изборните услови лично да му ја предадат на премиерот Емил Димитриев, туку само на секретарката, бидејќи, наводно, не биле официјално најавени. Од амбасадите на ЕУ и САД досега нема потврда за веродостојноста на ваквата информација, која пак, во алегоричен стил беше раскажана од професорката од Правниот факултет, Тања Каракамишева-Јовановска, во колумна под наслов „Перверзија“.

„Со црната вреќа се упати и кон македонскиот претседател на Владата за организирање избори. Со ниет да собере уште една мртва мачка. Арно ама наместо мачка, таму наиде на бела врата. Бела врата на која го остави белото кредибилно пусулче. На портирот, се разбира. И ни одржа прес. Прес на мртвите мачки“, напиша професорката Каракамишева.

Гласот на Америка на македонски јазик, вчера ја објави оценката на претставник на американскиот Стејт департмент за најновите случувања во Македонија.

„На 21-ви февруари, САД и ЕУ, до Владата на Македонија ја доставија заедничката оценка околу подготовките за одржување на веродостојни парламентарни избори. Во оценката се наведува дека во моментов не постојат услови за одржување на веродостојни избори на 24-ти април. Главната точка на таа оценка е дека на ДИК и` е потребно дополнително време да ги изврши своите работни задачи. Подготовките за изборите не треба да се избрзуваат. Ги охрабруваме законодавците да ја земат предвид оценката и да ја разгледаат можноста за одредување на друг датум за избори. Иако времето е кратко, се уште има време лидерите да реагираат пред закажаното распуштање на парламентот на 24-ти февруари, за да се обезбеди дека условите за одржување на веродостојни избори ќе бидат исполнети. САД, во координација со ЕУ, ќе продолжат да ги поддржуваат подготовките за избори, особено работата на ДИК, како и потребата од итни реформи во медиумската сфера и пошироко“, се вели во писмената изјава.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема