Парламентот треба да работи во порелаксирана атмосфера
24 септември 2008Парламентот е во невообичаена пауза. Во јули, без опозиција, експресно беа донесени над стотина закони, од кои дел беа важни за ЕУ-агендата на Македонија. Тоа предизвика бојкот на парламентот од страна на СДСМ и ДПА, како и судир меѓу претседателот на државата и премиерот.
Сега, претседателот на парламентот, Трајко Велјановски тактизира со закажување на собраниските седници. Официјално се вели дека нема предложени закони од владата, а поверојатно е дека има проблеми во владеачката коалиција. Четворица врвни функционери на ДУИ се соочени со можни судски постапки - двајца од нив поради Хашките случаи, а двајца поради учество во изборни инциденти. Но, досега се тактизира со евентуално одземање на нивниот пратенички имунитет и нивно предавање на судот.
Јанкуловска демантира дека се тактизира
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, на обвинувањата во јавноста дека се тактизира и дека МВР можеби не постапува според судските налози, , одговара: „Ние постапуваме по најновата наредба на судот, со која се бара осомничените да се јават на главниот претрес, закажан за 17. октомври годинава.“
Во меѓувреме, во парламентот е стигнат само судскиот налог да се симне имунитетот на пратеникот Талал Џафери од ДУИ, кој бил вмешан во изборните инциденти.
Собранието е под силен притисок на ЕУ
Амбасадорскиот тим во Скопје денеска му забележа на спикерот, Трајко Велјановски, дека треба да создаде порелаксирана работна атмосфера во парламентот, со дијалог меѓу власта и опозицијата. Евроамбасадорот, Ерван Фуере, по средбата на амбасадорите на ЕУ во Македонија со Велјановски, изјави: „Охрабрени сме од иницијативите што ги презема претседателот на парламентот за создавање порелаксирана работна атмосфера. Веруваме дека целосната имплементација на ваквите иницијативи, ќе придонесе тоа да се оствари, а истовремено и да дојде до реализација на законските проекти.“
Велјановски, од своја страна призна дека носењето голем број закони во парламентот по итна постапка била грешка и дека нема да се повтори носење таков тип закони со такво темпо. Претседателот на парламентот го чека и исходот од дијалогот на партиските лидери околу изборните закони и уставните измени, иницирани од страна на владата, со кои се предлага измена на постапката за избор на претседател на државата. Средбата на партиските лидери е закажана за четврток, 25.09.2008 година.