1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парите пред избори „бегаат“ од Македонија

Костадин Делимитов
2 декември 2016

Одливот на капитал од РМ е проблем, веројатно поттикнат и од финалето на политичката криза. Експертите се загрижени и поради тоа што власта не ги обелоденува зделките со странските инвеститори иако е законски обврзана!

https://p.dw.com/p/2Td0T
Deutschland Kursgewinne treiben Geldvermögen weltweit auf Rekordhöhe
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од Македонија се одлеваат пари и тоа не е првпат, ниту невообичаена пракса. Но првпат јавноста е пред можност да дознае како и колку странски пари и вистински завршиле во земјата. Нивото на странски директни инвестиции во изминативе десетина години изнесува околу 2,5 милијарди евра и е еден од проектите со кој власта најмногу се гордее и фали. За јавноста навистина и да се убеди во ефектите на една од клучните владини политики, потребна е и транспарентност, но таа во овој дел е целосно маглива. Не само поради договорите со секоја од компаниите, кои власта ги склопуваше во четири очи, туку и поради отсуството на детален отчет, односно кост-бенефит анализа. Дел од експертите се загрижени, но предупредуваат дека власта има сѐ помал маневар во тактизирањето: 

„Ние сме за странски директни инвестиции, но начинот на којшто тие се привлекуваат е завиен со ореол на тотална нетранспарентност. Јавноста нема податоци, иако постои законска регулатива во Македонија која што има и одредби со кои се бара декласифицирање на податоци постари од пет години. Тоа значи дека треба да се објават сите информации за договорите со компаниите пред 2011 година. Да се објави сѐ. И тука не постои сила, ниту аргумент за тоа да не биде направено, иако од Владата велат дека приватните компании тоа го барале. Но Владата треба да биде одговорна и да го штити јавниот интерес, а не да биде адвокат на странските компании“, предупредува Марјан Николов од Центар за економски анализи.

Власта сепак молчи и не објавува конкретни податоци, а на ваквите прозивки одговара главно со дисквалификации и информации од типот дека Македонија е во рангот на поуспешните во регионот во делот на ефектите од политиките за странски инвестиции. Но за потврда на ваквите тврдења сепак не се доволни само податоците за вкупниот обем на инвестициите, туку и нето-ефектот што државата го има од нивното присуство. Тоа би се разјаснило доколку се објави и конкретна кост-бенефит анализа која иако одамна беше најавена, сѐ уште не ѝ се нуди на јавноста.

Владата е нетранспарентна околу странските инвестиции

Студијата на Центарот за економски анализи е засега единствената која понуди конкретна слика за состојбите, иако врз база на нецелосни податоци. Во неа се забележува дека трошоците на државата по оваа основа изнесуваат 56 милиони евра, од кои 36 милиони како даночни загуби. Сепак, упатените предупредуваат дека вистинската сума е неколкукратно повисока со оглед на големите неданочни бенефиции што ги уживаат странските компании, од типот на поволностите за градежното земјиште, финансиската поддршка за изградба на производствените капацитети, субвенционирање на дел од платите и придонесите за вработените и трошоците за нивни обуки. Ова е и клучна забелешка која е наведена во истражувањето на ЦЕА: 

„Потсетуваме дека Владата е нетранспарентна во делот на привлекување странски директни инвестиции и дека до моментот на истражувањето, информациите за конкретната висина на учеството на државата во форма на доделена помош не е јавно достапна, па оттука за дел од информациите како фактор кој лимитира за квантифицирање ќе бидат користени претпоставки кои ќе бидат образложени. Во периодот на спроведување на истражувањето, освен директна комуникација со чинителите за податоци за висината и за типот на државна помош по компанија и по години, се побарани и податоци преку барање за пристап до информации од јавен карактер, по што е добиен одговор дека висината на доделената помош е од доверлив карактер и има економска и пазарна вредност за компаниите“, стои во истражувањето.

Symbolbild Finanzen - Geld anlegen
Конкретна кост-бенефит анализа иако одамна беше најавена, сѐ уште не ѝ се нуди на јавностаФотографија: picture alliance/dpa Themendienst/Wuestenhagen

Од земјата се одлева капитал

Експертската јавност не е единствената која предупредува на дефектите во политиките за привлекување странски инвестиции. Сѐ погласни се и домашните стопанственици, кои уште од поодамна алармираат за несаканите ефекти од политиките на двојни аршини, пред сѐ во делот на конкурентноста, но и загубата на квалификуваната работна сила. Во услови на фрустрираност, најмалку што бараат е идентичен третман и поволности кои наспроти ветувањата сепак засега остануваат ексклузивитет за странските инвестори.

Во дебатата за ефектите и транспарентноста на политиката за парите што влегуваат однадвор како странски инвестиции, периодов боде очи и фактот што се случува и одлив на капитал од земјата. Праксата, според многумина, е можеби редовна, но тајмингот во кој таа се спроведува фрла поинаква слика околу вистинските мотиви. 2016. можеби нема да е рекордна по одливот на капитал од Македонија, но веројатно е единствена во која овој тренд засилува во политичко кризен амбиент, кој треба да финишира со предвремените парламентарни избори. Според последните податоци што ги објави Народната банка за состојбата со странските инвестиции заклучно со септември, вкупниот евидентиран одлив на капитал изнесува 30 милиони евра, од кои повеќе од две третини, или 22,6 милиони, се повлечени во деветтиот месец од годината со кој е заокружена и анализата.

Податоците за последните пет години во кои се одржани четири изборни процеси покажуваат дека ова е единствен случај на посериозна повлечен износ пари во очекување на избори. Случајност или намерна коинциденција, ваквата состојба сепак предизвикува сериозни дилеми околу мотивите, но и динамиката, ако се има предвид дека во податоците допрва треба да се регистрираат движењата од последните три месеци од годинава. Експертите не се изненадени, но се поделени во мислењата околу мотивите:

„Дефинитивно сѐ што се случува и што не се случува во Македонија е поврзано со претстојните избори. Тој што ги повлекува парите веројатно игра на сигурно, а потоа зависи од изборниот исход, велат - ќе видиме што ќе правиме. Сепак, ова не мора да значи ништо дефинитивно, но факт е дека сопствениците на капитал се чувствителни на вакви работи, тие будно следат и ако има несигурност веднаш реагираат. И по примери на други држави во очекување на избори има нагли движења, погледнете само што се случи во САД, така што пазарите на капитал се многу чувствителни на вакви информации“, коментира универзитетскиот професор Ванчо Узунов. 

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Сѐ што се случува и што не се случува во Македонија е поврзано со претстојните избори, вели УзуновФотографија: MIA

Парите во насока на Бермудите

Најголем дел од одливот на пари, или речиси една третина од вкупната сума, завршиле на Бермудите, а останатото на Девствените острови, Унгарија, Холандија и ситно во Чешка. Ваквите движења, според Николов, сами по себе не треба да упатуваат на ништо подраматично:

„Не гледам дека станува збор за трендовско поместување, повеќе би рекол дека е краткорочно. Лично не сум ги анализирал деталите, но сепак интуитивно сметам дека не станува збор за трендовски поместувања. Не мислам дека има структурни поместувања поради какви било внатрешни причини“, смета Николов.

Статистиката на движењето на капиталот што е објавена на интернет страницата на Народната банка покажува дека од 2009 година наваму од Македонија најмногу пари се одлеале во 2012 година, која сепак не важи за изборна. Во тој период од Македонија бил регистриран одлив на капитал во вредност од 78 милиони евра.