1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата во Полска - возбудлива посета на неудобниот гостин

Кристоф Штрак / превод: ЗЈ28 јули 2016

Полјаците се побожни католици, а посебно актуелната национал-конзервативна влада. Но, посетата на папата на Светскиот собир на младите во Краков ги обелодени разликите со него, смета Кристоф Штрак

https://p.dw.com/p/1JX9u
Папата Франциско кај полскиот претседател Анджеј ДудаФотографија: picture alliance/dpa/P. Supernak

Сето можеше да биде толку убаво: папата, наследник на апостолот Петар, пет дена на гости во Краков. Стотици илјади воодушевени млади луѓе, погледот на светот свртен натаму. Местото на настанот е во непосредна близина на гробот на Лех Качински, новиот, секуларен национален светец, кој загина во авионска несреќа во 2010. година.

И потоа доаѓа папата и прилично неприкриено става на знаење што не му се допаѓа во курсот на полската политика, што би сакал да е поинаку. Тоа е вистинскиот празник. Говорот на Франциско овде не може да биде така експлозивен како неговата критика на сметка на Европа во европарламентот во Стразбур во ноември 2014, ниту како пред три месеци кога во Ватикан ја прими Карловата награда. Но, тој е доволно јасен.

Франциско зборува како Јован Павле Втори

Притоа не станува збор само за рестриктивниот курс на раководството во Варшава во врска со приемот на бегалци. Уште при укажувањето чест на домаќините се провлекува и критика. Франциско тука го спомена (цели пасажи беа такви, како што би му прилегале и на неговиот голем полски претходник Јован Павле Втори) „сонот за нов европски хуманизам“, заедничка култура на севкупна Европа под белегот на христијанството. Тој зборува за „идентитетска самосвест без каква било надменост“, агитира за „отвореност за обнова“, повикува на „единство и при разлики во мислењата“. Папата го фали германско-полското помирување иницирано од Црквите, го потсетува побожниот аудиториум дека господ „тешкотиите ги претвора во шанси и создава нови ситуации онаму, каде што тоа изгледа невозможно“. А потоа и пасусот исклучиво за миграцијата: дека е „неопходна готовноста да се примат оние, кои бегаат од војна и глад, солидарност со оние, на кои им се ускратени основните права“. Кратко и јасно, треба „да се стори сѐ што е можно, за да се ублажи страдањето“.

А присутно е убаво свечено друштво: премиерот Беата Шидло, која само неколку часа пред тоа жестоко ја критикуваше германската канцеларка поради нејзиниот курс во бегалската политика, потоа министерот за внатрешни работи кој пред зборовите на папата објави дека Франција и Германија го покажуваат неуспехот на мултикултурализмот и оти што и да каже човекот од Рим, Полска ќе остане на својот курс. Тие се трудеа за пријателски израз на лицата, токму како и присутните бискупи од земјата. Многумина од нив уште како свештеници го доживеале комунизмот и сега се радосни што во Полска конзервативното и националното се толку многу присутни.

Франциско побара од сите нив да се преиспитаат и променат, од бискупите го побара тоа уште еднаш зад затворена врата. „Папата од далечниот свет“ ги потсетува Европа и Полска на темелните вредности, на христијанската заповед што му е пропишана на европскиот континент. Тој секако не очекува дека полското раководство ќе дејствува како Меркел порано и ќе ги игнорира европските правила кога ќе го почувствува тоа за неопходно. Но, тој формулира очекувања, кои, со оглед на новата дебата по ужасните напади, треба важат за секоја земја во Европа. А многу кажува и тоа, што – невообичаено во предигра на едно патување – Ватикан констатира дека папата и полските бискупи се согласни по прашањето за бегалците. Само тие уште не го знаеја тоа, може да си помисли човек...

alt - bitte stattdessen 43309813 verwenden
Кристоф ШтракФотографија: DW

Селективна перцепција на зборовите на папата

Еден детал покажува колку се неопходни зборовите на папата за оваа Полска во 2016. година: новата влада ја доведе на своја линија државната радио-телевизија. Гововорт на папата е на ударно место на интернет-страницата на државната телевизија и од него е пренесено дека папата нагласил оти Полска, како иселеничка земја, треба „да им го олесни враќањето“ на своите иселеници. Дури подоцна извештајот се навраќа на она, за што речиси со исти зборови известија новинарите од целиот свет: „Папата ја повика Полска да прима бегалци“.

Може да се насети колку било бурно уште во предигра на говорот на папата, оти протекоа гласини и за други детали од планирањето на посетата: полското раководство сакало папата да го посети гробот на Лех Качински, кој спротивно на обичаите, е погребан покрај полските кралови. До таму има само неколку чекори по скалите удолу. Не, рекле од Рим, поради високите скалила - и останале на тоа и кога од полска страна било понудено да направат подвижни скали. Папата не отиде на гробот на Качински. Но, можеше да падне в очи колку решително Франциско се искачи по тесните скали одејќи на средба со актуелниот претседател на државата.

Деновите од посетата на Франциско на Полска можат допрва да станат возбудливи.