1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотици бегалци на „ничија земја“ меѓу Македонија и Србија

Владимир Мирчевски, Табановце13 март 2016

Повеќе од 400 бегалци се заглавени на ничија земја на македонско-српската граница веќе една недела. Не можат да го продолжат патувањето на север, но одбиваат да се вратат назад.

https://p.dw.com/p/1ICNG
Фотографија: DW/V. Mircevski

Во очајни услови, во кал до колена, без вода и санитарни јазли, стотици бегалци се заглавени во близина на Табановце, на македонско-српската граница. 400 луѓе се надеваат дека ќе им биде дозволено да го продолжат патувањето на север, кон ветената земја. Напред не можат затоа што српските власти не им дозволуваат премин, а самите не сакаат да се вратат назад во транзитниот камп на македонска страна, каде условите не се идеални, но се далеку подобри од мизеријата во која живеат.
„Повеќето сме од Сирија, а дел се и од Ирак“, вели Амир, обидувајќи се да ја избегне камерата. Тој е тука веќе шест дена. Уморен е но вели дека нема да се предаде.
„Не се враќаме назад“, вели неговиот пријател кој не сака да се претстави.
Ни временските услови не им се наклонети. Температури под нулата и поројниот дожд последниве денови ги направија условите неподносливи.

Насекаде низ привремениот камп се слуша детски плач. Многу деца се болни поради студот, дождот и калта која е насекаде. Нивните родители ги водат на лекар низ тесното патче во транзитниот камп на македонска територија, и потоа повторно се враќаат назад.
Единственото гориво за малите камперски огнови кои ги палат е пластиката. Во комбинација со реата од урина, воздухот тука е неподнослив.
На стотина метри оттука, во транзитниот камп, состојбата е нешто подобра, но и таму е веќе надминат капацитетот од 700 луѓе. Околу 1.100 бегалци се сместени тука, но барем се чувствува малку ред, благодарение и на бројните помагачи од Црвениот крст и од други организации.
Тука го среќаваме и Јама од Авганистан. Минал десет години на студии во странство, магристрирал политички науки, но посакал да се врати во татковината и да помогне. Разочаран од несигурноста и насилството, повторно си ги спакувал торбите. Сега, заедно со семејството, веќе 20 дена е заглавен во Табановце.
„Се уште се надеваме. Луѓето кои работат во центаров ни помагаат колку можат. Студеното време не помага, нема греење. Децата се постојано болни, најчесто имаат треска. Се снаоѓаме некако но најважно е повторно да се отвори границата. Само сакаме да заминеме во некоја земја од ЕУ каде што е безбедно“, вели Јама.
Неговата сонародничка Фатима ја дели истата судбина. Цели два месеци и биле потребни да стигне дотука.
„Побегнав од војната која досега ги однесе животите на повеќемина од моето семејство. Талибанците ги убија. Се изнамачив додека стигна дотука. Ја повикувам ЕУ да ни помогне“, раскажува Фатима додека ја држи својата малолетна ќерка за рака.

Mazedonien Flüchtlinge Tabanovce
Фотографија: DW/B. Wesel
Mazedonien Flüchtlingslager in Tabanovce
Импровизираниот камп на границата меѓу Македонија и Србија.Фотографија: DW/V. Mircevski
Mazedonien Flüchtlingslager in Tabanovce
Фотографија: DW/V. Mircevski