1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

061010 Ungarn Giftmüll

7 октомври 2010

Црвена каллива материја се разлеа во околината на фабрика за алуминиум во Унгарија. Причина е попуштање на насипите на јамата, во која се собирала отровната течност. Расчистувањето не оди така лесно.

https://p.dw.com/p/PXHZ
Фотографија: AP

Пензионерка чекала на балконот од својата куќа три часа да стигне помошта. Пожарникарите едвај се пробиле низ отровната смеса, што се разлеа низ местото Деветчер, во кое живеат околу пет илјади жители.

„Смесата ми го изгоре цело тело, се` до градите. Кога дојдоа пожарникарите, се` уште не забележав ништо. Дури еден ден подоцна почнаа неподносливи болки“, вели пензионерката

Во инцидентот загинаа четири лица, повеќе од сто се повредени и префрлени во локалните болници. Министерот за здравство на Унгарија, Шандор Пинтер, предупредува:

„Материјата е многу опасна, може да предизвика изгореници, ако дојде во непосреден допир со кожата. Исто така, може да предизвика и слепило, ако дојде во контакт со очите. Се работи за исклучително отровна смеса“, нагласува Пинтер.

Најголемиот проблем е тоа што не се знае од што конкретно е составена калливата материја. Се знае само дека таа настанува при добивањето алуминиум, отровна е и полна со тешки метали. Сепак, лекарот Пал Калаши ја смирува ситуацијата од еден аспект:

„Што се однесува до радиоактивноста, заклучивме дека нема зголемување на нејзината вредност. Немаме проблем барем со тоа“, смирува Калаши.

Контролите биле редовно спроведувани

По налог на унгарската влада, фабриката за алуминиум е затворена, а државното обвинителство отвори истрага за пропусти во работењето. Постојат сомневања дека јамата во која се собирала отровната течност била преполна. Директорот на фабриката, Лајош Толнаји, ги демантира тие тврдења:

Unfall in Aluminiumfabrik Ungarn
Хорор сценарио во УнгаријаФотографија: AP

„Не сме одговорни за несреќата, редовно ги спроведувавме сите контроли. Пред десет дена властите ја проверија јамата и не најдоа никакви забелешки. Еден час пред попуштањето на еден од насипите, таа беше контролирана и од нашите експерти, при што исто така не беа забележани никакви проблеми“, тврди директорот.

Загриженост за економската иднина на регионот

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги повика жителите да не јадат од локалните производи, а искажа загриженост и околу економската иднина на регионот.

Unfall in einer Aluminiumfabrik in Ungarn
Загинаа 4 лица, повредени се над сто луѓеФотографија: picture alliance/dpa

„Најлошото што може да се случи е фабриката за алуминум да се затвори. Во тој случај нема да има пари да исплати надоместок за штетата. Засега производството е прекинато на една недела, а за време на викендот ќе одлучиме за нејзината иднина“, истакна Орбан.

Премиерот го повика претпријатието што е можно поскоро да почне со санирање на јамата. Во меѓувреме, продолжуваат работите за чистење на градот од отровната смеса. Фасадите на куќите веќе не се бели, туку црвени, а низ улиците се шири непријатна миризба, што уште долго ќе ги следи жителите на местото Деветчер.

Автор: Андреас Мајер-Фајст / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема