1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Внимателно со антибиотиците

Б. Георгиевски/афп21 ноември 2015

Светската здравствена организација предупредува дека резистентноста на антибиотици во светот достигнува опасно ниво. Сериозна закана за јавното здравство.

https://p.dw.com/p/1H6dJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. May

Отпорноста кон антибиотици, поради која обични болести можат да станат смртоносни, достигнува опасно ниво, а малку луѓе знаат како навистина функционираат антибиотиците, предупредува Светската здравствена организација.

Резистентноста се случува кога бактериите стануваат имуни на лековите, поради што ситни повреди или вообичаени инфекции можат да станат смртоносни.

Преголемата или погрешна употреба на лековите ја зголемуваат отпорноста, а СЗО објави и анкета со 10 илјади испитаници ширум светот од која може да се заклучи дека меѓу луѓето постојат сериозни недоразбирања во врска со употребата на лековите.

„Растот на отпорноста на антибиотиците е глобална здравствена криза и владите сфатија дека тоа е една од најголемите закани за јавното здравство денес“, вели првиот човек на СЗО Маргарет Чан, предупредувајќи дека отпорноста достигнала опасно ниво во сите делови на светот.

Анкета на СЗО спроведена во 12 земји открива дека речиси две третини од испитаниците (64 проценти) погрешно веруваат дека антибиотикот се користи за третман при настинки и грип, иако лекот нема никакво влијание врз вируси.

Анкетата, спроведена во Барбадос, Кина, Египет, Индија, Индонезија, Мексико, Нигерија, Русија, Србија, Јужна Африка, Судан и Виетнам, исто така покажува дека 66 проценти од луѓето веруваат дека не постои ризик од резистентност кон антибиотици доколку лекот се добие на рецепт.

Околу една третина од испитаниците сметаат дека е најдобро да се сопре користењето на антибиотикот откако ќе се почувствуваат подобро, наместо да го завршат препишаниот третман до крај.

Паралелно со анкетата, СЗО започна и кампања под името „Антибиотици: Користете внимателно“, која има за цел да ја зголеми свеста за проблемот, и да ги исправи погрешните сфаќања.

СЗО предупредува дека без итна акција, светот оди кон „постантибиотска ера“ во која вообичаените инфекции и мали повреди кои досега лесно се третираа би можеле повторно да станат смртоносни.

Истражувањето покажува дека одреден процент луѓе во Кина, Русија или Нигерија купуваат антибиотици преку интернет, на пазар или без рецепт од лекар.